Братислав ДИМИТРОВ

Ако некому таткото е Далматинец, мајка му е Банаќанка, роден е во Скопје, цело време живеел во Словенија, а умрел во Сараево, што е тој? Покојник. Освен во Македонија, каде сѐ уште е Југословен! Еден ден, кога реков нешто лошо за тогашната држава Југославија, еден комшија престана да ми зборува!? Го доживеа тоа како лична навреда! Чиниш, тој самиот ја создал таа држава, а сите ние сме му ја растуриле! Кога шетам низ маало, тој ја врти тимбата на сите страни освен на страната каде што сум јас. Еднаш му се извинив и нему и на неговата бивша држава, ама не вреди. Завалијата повеќе ја сака својата мртва држава отколку својот жив комшија!

Имам еден добар другар од детство кој има многу мерак да дискутира за политика и во ништо да не се согласува со мене. Ова второво му е омилено хоби, особено кога јас ќе се јавам за збор и ќе искажам некој став на политичка, да ми извините на израз, тема! Еден ден седиме во „прљаво казалиште” (бифето кај Борче, Мишко и Авдо) и мезиме кебапи, туршија и „Скопје 2014”. После само неколку минути, редоследот стана обратен! Не фати темата и тука секој ги искажа своите славни знаења од сите области а најмногу од барок, после што, Рубенс, Бах, Хендл и останатата ситна боранија автоматски паднаа во длабок заборав!

Секое мислење треба да се почитува, па макар и да е точно. Но некој ако наместо во денари се уште пресметува во „динари” и зградата во центарот на Скопје ја нарекува „ЈНА” наместо „АРМ“, значи дека под хитно треба да се пензионира и да остави новите генерации да ја градат нашата држава. Повеќе жители се побунија дека го смениле името на нивната улица „Мексичка“, отколку кога го сменија името на нашата татковина!? Па барем да беше „Мексиканска“, некако и ќе разберев.

Сѐ уште имам голема трема кога одам на пазар затоа што имам паничен страв од инфлација. Прашувам колку чини марулкава? А селанецот како од топ одговара: „Три миљарди!“ И додека ги гледам црешите кои чинат неколу „милијарди“, слушам: „Море каква демократија, само камшик за овој народ!” Зошто камшик? Гасните комори, гулази и зандани се покажаа далеку поефикасни педагошки средства!

Нема разбирачка. Едно лето го прашувам комшијата, кај си поцрнел толку? А тој гордо ми одговара: На „наше море!” Јас помислив дека бил во Елада (Грција), ама се испостави дека завалијата бил во Црна Гора! Добро, можеби Егејското Море и не е наше, можеби, ама од каде на каде црногорското да е наше море!? Сакав уште нешто да го прашам, ама ми рече дека брза на „састанак“.

Дома сум на „састанак“ со комшијата кој ми бара фазометар. И додека тарашкав во плакарот на терасата, здогледав еден пар осамени и одамна заборавени „апостолки” стуткани во кутија од „Бата” кондури. Така овој текст почна да се движи во правци кои сѐ помалку успевав да ги контролирам. Тоа е онаа класична изјава дека „делото живее независно од авторот”, што во најголем број случаи е среќна околност, за делото разбира се!

После грицкалката за нокти, рачката за чешкање грб, апостолките беа најголемиот изум во тоа време. Пред тоа, одевме во топлиники со каљачи, тешки цокули и едни обувки кои само луѓе со голема фантазија ги нарекуваа патики. Последниве нѝ го загорчуваа животот нам и на сите поштени самоуправувачи од нашата блиска, море и подалечна околина. Прво пристигаше мирисот на нашите нозе, а дури подоцна ние се појавувавме. Затоа во тоа време најчесто употребувана реченица беше: „Абе ти будала си, или ти смрдат чорапите?” Појавата на овие летни обувки ја дочекавме со голема радост и олеснување. Тие ни даваа прекрасно чувство на слобода и леснотија во одењето, кое во старите добри времиња беше основното превозно средство.

Во социјализмот кога ќе се појавеше некој новитет, обично после многу години, сите беа одушевени. Така, по цел ден, на секое ќоше, во секој двор и дневна соба, постојано се вртеше оној пластичен обрач познат како „хула-хоп”. Сите носеа „тарзан фризура”, крцкаа негро бонбони и шушкаа со браон или тегет „шушкавци” на сите страни! Кога се појавија апостолките, повторно сите (и старо и младо) си купија по еден пар и не ги носеа само кога се качуваа на дудинка или кога легнуваа да спијат! Според една теорија, името го добиле според Апостол Павле кој во библиско време ја посетил Македонија. Некои ги викаа „јапанки” заради Јапан, а други ги викаа и „јадранки” затоа што во лето по цел ден во нив се ашкаа на Јадранското море. Еден дамнешен настан поврзан со нив, уште многу долги години не следеше како оловна сенка.

Денес е недела, 3-ти Златец, 1968 година, ден на Препод. Наум Охридски Чудотворец, но истовремено и премиера на нашите апостолки. Стоиме потпрени на маалски тараби, пљуцкаме низ предните штрбави заби и правиме големи планови за иднинаната. А тоа во нашиот случај беше: како да дојдеме до најновата плоча на „Лед цепелин”, завршување факултет, отслужување војска, запослување, примање мала но редовна плата, женачка се подразбира. Дискутираме и за многу други теми, но во ниту еден миг не го одвојуваме погледот од нашите боси нозе удобно сместени во последниот крик на модата, познат под името „апостолки”.

И таман кога сонцето се испентари на темето на небото, Севда ги спружи сите свои гаќички на терасата, ние ги стопивме сите наши карамели, а уличните џукели го превртеа и последниот контејнер, на позлатениот хоризонт се појави една женска која изгледаше како само што се симнала од насловната страница на “Бурда”, еден од ретките тогашни магазини кои внесуваа по некоја боја во секојдневното социјалистичко сивило. Стоевме како глинени гулаби на вашарско стрелиште, без да дишиме, а камоли да трепкаме. Застана пред нас, со врат висок и бел како крин, а тоа што беше северно и јужно од таа кожа од алабастер, беше и званичен почеток на нашите еротски соништа. Стоеше од другата страна на улицата со еден куп куфери, торби, кеси… и едни очи со свилена магла, во која веднаш се загубивме. Пополека го меркаше ова друштво на љубители на апостолки, членови шест. И откако погледот го запре на апостолките на Андрејчо, со глас на Марлен Дитрих, тивко му се обрати: „Мали, ќе ми помогнеш да се растоварам од овие чуда?”

Животот е само еден божји блесок и толку.

Нозете не чекаа ни секунда и веднаш полетаа кон чудесната девојка со долги и испреплетени локни како бистри и силни брзаци на планински поток. Во истата секунда од десната страна на уличката долета и камион „Там” натоварен со ќумур и премногу смрт за кревката душа на нашиот Андрејчо. Во истиот миг со голем тресок се скршија нашите срца и се стркалаа на врелиот асфалт каде што останаа само двете апостолки од нашето другарче.

Многу години подоцна дознавме дека девојката се вика Маринела и дека се одлучила за Андрејчо затоа што само нему му биле исечени ноктите и дека имал бемка под левото око, што беше „знак на лепота” во тоа време. После дојде капитализмот. Трчавме по пари, власт и слава.
И ден денес, точно помеѓу кафичот „Ли” и фирмата „Метал-електрик”, еден од сведоците на овој настан е парчето асфалт на кој се уште стојат трагите од апостолките на Андрејчо како да се од вчера, а ние изгледаме како да сме излегле од некоја антикварница.