Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и македонското друштвото на геолози „Геолог“ денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој официјално се отвора ново поглавје на партнерство меѓу институциите и стручната заедница во областа на геологијата, рударството и управувањето со природните ресурси.
Како што наведува Министерството, Меморандумот има за цел да воспостави долгорочна и систематска соработка во областите на геолошки истражувања, примената на еколошки и ефикасни рударски практики, како и подигнување на јавната свест за значењето на геолошките науки и минералните суровини.
-Соработката со стручната и академска заедница е суштински дел од реформите што ги спроведуваме во секторот. Овој Меморандум е дел од нашата заложба за транспарентно, стручно и одржливо управување со минералните ресурси, со јасна одговорност кон животната средина, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Договорот предвидува заедничка работа на стручни и законски решенија, како и поддршка при изработка на национални стратегии за истражување и користење на минералните суровини.
-Овој чекор претставува важна потврда дека гласот на стручната заедница ќе има суштинско влијание во креирањето на политиките во нашата област. Геологијата не е само наука за минатото на Земјата, таа е клучот за нашата енергетска иднина, нагласи професорката Соња Лепиткова, претседателка на Друштвото на геолози.
Во рамки на оваа соработка, Друштвото ќе обезбедува стручна поддршка, ќе учествува во работни групи и ќе придонесе во подготовка на законски и технички решенија. Како дел од спроведувањето на овој Меморандум, двете страни ќе работат на заеднички проекти, едукативни кампањи и поддршка на одлучувањето базирано на наука и докази.
МИА