Тишина, спокој и духовен, но и душевен мир, прекинати единствено од звукот на штурците, го исполнуваат манастирскиот комплекс на Агиос Нектариос или Свети Нектариј Егински, сместен на рид во срцето на грчкиот остров Егина, место каде што верници и поклоници не само од Грција, туку и од балканските земји, меѓу кои и нашата доаѓаат да се помолат пред моштите на светецот, кој се смета за чудотворец, исцелител, заштитник на болните, да се поклонат пред неговиот гроб, да земат од чудотворното масло, но и водатa што се верува дека е осветена.

Се верува дека оние кои имаат силна верба во Бога, додека главата ја имаат на гробот, може да го чујат тропотот на стапот на Свети Нектариј или да го чујат неговото присуство, па токму затоа во малата капела изградена под борот што му бил особено драг, пред моштите сите верници се со главите спуштени над гробот додека тивко во себе се молат.

Свети Нектариј, роден како Анастасиос Кефалас во 1864 година во Силиври (денешна Турција), имал тешко и сиромашно детство, на 13 години со семејството се преселиле во Истанбул, каде што почнал да работи во фабрика за пакување тутун, но имал насилен сопственик кој често физички го напаѓал, седум години подоцна се преселил на грчкиот остров Хиос, каде што десет години работел како учител, по што решил да му се посвети на монашкиот живот со оглед на тоа што од мал имал наклонетост кон Бога.

Во Атина го завршил Богословскиот факултет, а подоцна бил назначен за директор на средното црковно училиште, каде што останал вкупно 14 години, кога од здравствени причини ја напуштил работата и во 1908 година се преселил на островот Егина, го основал женскиот манастир и останал таму до неговата смрт во 1920 година.

Во 1961 година бил канонизиран од Вселенската патријаршија, со што е еден од поновите православни светци.

Дописничката на МИА од Атина го посети манастирскиот комплекс на Свети Нектариј на Егина, што е еден од најголемите во регионот, а го сочинуваат женскиот манастир Света Троица; мала црквичка, која ја изградил Свети Нектариј; неговата соба во која поминал 12 години од животот и е целосно одржана, како и Соборниот храм изграден во негова чест.

Манастирот, основан во 1904 година, се наоѓа на Егина, еден од седумте острови во групата Саронски острови во непосредна близина на Атина, а од пристаништето е лоциран на околу шест километри.

Патувањето од Атина до Егина со траект трае меѓу 40 минути и час и половина во зависност од бродската компанија и видот на бродот, а цените се меѓу 10,50 и 19,50 евра.

Од пристаништето до манастирот, за оние кои се без автомобил има автобуси и такси возила, растојанието е шест километри, автобускиот билет чини две евра, а патувањето трае нешто помалку од 15 минути.

Автобусот, и покрај тоа што е работен ден и е прилично рано, е речиси полн. Составот на луѓе – разновиден, Грци и странци, туристи и верници, млади и стари.

Иако е јулско претпладне со температура од околу 35 степени, мнозинството, наместо на некоја од плажите се симнуваат на станицата кај манастирот, останатите многу мал број, продолжуваат кон крајната дестинација, туристичкото место (Агиа Марина) Света Марина.

– Да дојдеш на Егина, а да не го посетиш манастирот, не само што е штета, туку е и исто како и да не си бил на Егина, велат млади Гркинки додека се симнуваат од автобусот.

Од главната улица, уште на оддалеченост се гледа огромната и импресивна црква, Светиот храм Свети Нектариј, изграден во негова чест што воедно е и последната и најнова градба во целиот комплекс.

Над црквата, по неколку минути искачување по блага угорнина, пријатна за пешачење, се стигнува до влезот на манастирскиот комплекс.

Иако е полн со верници, кои се дел од поклонички патувања и тури од Србија и Романија, како и индивидуални посетители, сепак, владее мир и тишина.

Спокојот е присутен во воздухот и ја исполнува душата, нема бучава, нема гласно зборување, само тивок разговор, молитви и звукот на штурците.

Верниците смирено чекаат во ред, како за влез во просторијата со гробот, така и во малата црквичка, но и во собата.

Манастирот Света Троица, основан токму од Свети Нектариј, е женски манастир и иако е голем комплекс, тој е скромен, исто како и животот на чудотворецот.

Светецот го основал, односно одново го отворил манастирот, додека барал место каде што ќе живее на крајот од неговиот живот, односно „Црковен Партенон“, како што го нарекувал.

Заедно со четири монахињи кои сакале да го продолжат монашкиот живот под негово духовно водство и надзор, го пронашол, тогаш стариот и напуштен манастир на Егина, го отворил во 1904 година, а четири години подоцна и самиот се преселил таму.

Денешниот изглед, манастирот го добил во периодот 1973-1994 година.

Гробот на Свети Нектариј – светото место за молитва и контакт со чудотворецот

Во манастирскиот двор, во мал светлокафен камена параклис, што големиот бор, омилен на светецот, го заштитува од сонцето, се наоѓаат моштите на Свети Нектариј.

Пред самиот влез е големото дрво на кое стои натпис и објаснува додека монахињата Анастасија го садела во 1905 година јасно слушнала глас што повторува: „Остави место за еден гроб … “

– Светителот особено го сакаше борот што растеше и често беше виден како го прегрнува, пишува во продолжение на информативната табла.

Под борот, верниците смирено чекаат да дојде нивниот ред да се поклонат пред моштите.

Не им пречи топлото време, иако се делумно во сенка од борот.

Гробот е едноставен, бел и мермерен со поставена икона на светителот, а над него, верниците оставаат свежо цвеќе, лични предмети, фотографии, молитви.

При влезот се поклонуваат пред моштите, некои остануваат кусо, некои подолго. Сите се молат во тишина, а мнозинството ја наведнуваат главата, потпирајќи ја настрана за да можат да го чујат чудотворецот.

Не е мал бројот на сведоштвата дека го слушале. Слушнале одговор на нивните молитви, слушнале дека Светиот Нектариј ги слушнал. Им одговорил со нежен тропот со бастунот или со тивок звук, со благослов.

Иако неколку пати било откопано и закопано, телото над 20 години било нетлено, односно непроменето, што се смета за чудо и знаци на светост.

– Мајка ми лично го сретнала и го видела жив Нектариј, имаше здравствен проблем, беше болна и тој направи чудо. Еве сега и јас сум тука, имам сериозен проблем со нозете. Сигурна сум дека ќе ми помогне, раскажува за МИА повозрасна Гркинка која на Егина дошла од централна Грција, специјално за посета на манастирот.

Мала црква со посебен дел само за жени

На неколку метри од параклисот е малата црква „Света Троица“ што ја изградил самиот Свети Нектариј.

Има две врати и на прв поглед изгледа како да се влез и излез, но во суштина станува збор за две одделни простории-две засебни црквички.

Во едната, од левата страна малиот простор е исполнет со кандила што висат од таванот, а таму е поставен реликвијар, како и митрата, односно епископската круна изложена под стаклена купола, пред кои се поклонуваат и молат верниците.

Другиот влез, од десната страна, пак, е женска црква, односно влезот е дозволен само за жени.

Личниот простор на Свети Нектариј зачуван исто како и во времето додека живеел

Веднаш зад црквата и параклисот, но вон манастирот, со оглед на тоа што е женски, се наоѓа и личниот простор на Свети Нектариј, зачуван до ден денес во автентичниот стил, како и во годините додека живеел во манастирот сè до неговата смрт.

Просторот е отворен за верниците, а при самиот влез се чувствува аурата на светецот и ве враќа во некое друго време, времето кога живеел на Егина.

Станува збор за едноставна ќелија – спална соба со кревет, работна маса, дел за молитва, а зачувани се голем дел од неговите лични предмети.

Светите крстови, чантата, папучите, приборот за јадење, чешел и четки, двоглед, часовник, се само дел од предметите изложени во собата.

Голем е бројот на верниците кои клекнуваат и се молат пред креветот на Свети Нектариј.

– Првпат доаѓате во манастирот? Ова е собата на Свети Нектариј, неговиот личен простор. Слободно разгледајте, помолете се. Бог да е со вас, им вели на верниците жената која е дел од манастирскиот комплекс и ја надгледува собата.

Светиот храм изграден во чест на Свети Нектариј

Светиот храм Свети Нектариј, што е еден од најголемите во Православието е најновиот објект во комплексот, изграден од жителите на островот, како и од верниците што оставаат пари во манастирот, е во чест на светецот.

Се градел 21 година поради финансиски проблеми. Во декември 1973 година биле поставени темелите, а свечено бил отворен во мај 1994 година.

Впечатлив, грандиозен и прекрасен објект, што буквално го одзема здивот, особено кога се гледа од височина, од манастирот.

Храмот е изграден во неовизантиски стил, со масивна купола, високи сводови и импозантна фасада со три арки.

Жителите, велат дека ова е најмалку што можат да сторат за да ја изразат нивната благодарност за она што чудотворецот го направил за островот, за болните, за верниците.

Во внатрешноста, во посебен дел се чува и раката на Свети Нектариј, уште едно свето место каде што верниците можат да се поклонат и помолат.

Верници од балканските земји – меѓу кои и три Македонки

Во манастирскиот двор се наоѓа и „бунарот на Свети Нектариј“, односно чешми од кои тече вода што се смета за света, па така верниците доста често од Егина си заминуваат со шишенца со осветена вода.

Дополнително, за свето и лековито се смета и маслото, кое го има во малата продавница во манастирскиот комплекс.

Верниците можат да купат чудотворни и ароматични масла, бројаници, темјан, икони на светецот, книги и слично, а голем дел од производите се рачно изработени од монахињите од манастирот.

Меѓу верниците кои чекаат на ред во малиот простор, се слуша македонски јазик.

Анита, Даниела и Мери, две госпоѓи од Прилеп и една од Охрид кои летуваат во северниот дел на островот Евија, решиле одморот во Грција да го искористат и за еднодневна посета на Егина и на манастирот.

Со големо задоволство прифаќаат да поразговараат со дописничката на МИА од Атина, велат дека за две од нив ова е втора посета на манастирот, а не ја кријат и нивната почит кон Свети Нектариј.

– Чудотворец е и сите велат дека низ годините многу помага за здравјето, заштитник е за карцином и некои болести и сакавме да го посетиме, вели едната од нив, на што другата се надоврзува дека Свети Нектариј има голема дарба, исцелителната моќ и влева надеж и верба.

Од Евија до Егинa патувале околу шест часа, но велат не им пречи, бидејќи навистина вреди.

– Исполнети сме духовно и чувствуваме олеснување, бидејќи веруваме. Доаѓаме со верба. Вербата и надежта секогаш се наши водилки, вели една од Македонките.

Објаснува дека за манастирот дознала преку патувањето на српскиот пејач Никола Роквиќ, а додека летувале на Евија им била понудена конкретната тура преку агенција и без многу размислување се пријавиле.

Трите Македонки велат дека манастирот Свети Нектариј не е непознат кај нас и доста често се организираат тури од туристички локации, токму за Егина.

Поклонички тури до манастирот има и од повеќе балкански земји, освен од нашата имаше и голем број верници од Грција, Романија, Србија, Кипар, Грузија.

За чудотворецот и за вербата дека може да им помогне со ентузијазам говорат речиси сите верници со кои поразговара дописничката на МИА од Атина.

Млада Србинка е заедно со нејзиниот сопруг и синот, како дел од поклоничко патување организирано низ низа места во Грција, а за конкретниот манастир вели дека ѝ оставил особен впечаток.

Егина – островот на ф’стаци и првата привремена престолнина на Грција

Грчкиот остров Егина со нешто помалку од 13.000 жители, освен по манастирот на Свети Нектариј, познат е и по тоа што по ослободувањето од Отоманците, во 1827 година, Егина официјално била назначена за привремен прв главен град на новоформираната грчка држава, статус што го задржала до 1829 година, кога главниот град бил префрлен во Нафплио.

Егина, исто така се смета и за остров на ф’стаците, кога во 1896 година, докторот Николаос Пероглу започнал да ги одгледува и многу брзо станале популарни меѓу жителите, а од 1950 година, одгледувањето ф’стаци во голема мера ги заменило другите земјоделски активности поради високиот профит, но и сушата што им се заканувала на лозјата.

„Ф’стаците од Егина“, поради нивниот квалитет се регистрирани како производ со заштитена ознака на потекло во 1996 година и се сметаат за меѓународно одличен и подобар вид од други странски сорти, што се должи на посебните климатски услови на островот.

Се проценува дека вкупното годишно производство достигнува до 2.700 тони.

Па така, патувањето на Егина, речиси сите го завршуваат со посета на малите продавници во близина на пристаништето со цел да купат од познатите егински ф’стаци.

Егина, можеби не е меѓу најпопуларните грчки острови, меѓутоа вреди да се посети и за духовен мир и поради самите убавини што ги нуди.

Сања Ристовска

Фото: МИА