Навредлива и провокативна реторика, негирајќи го македонскиот јазик и идентитет изнесе грчката европратеничка Афродити Латинопулу на вчерашната пленарна дебата во Европскиот парламент, што ѝ претходеше на денешното гласање за Извештајот за напредокот на Македонија.
-Јас сум вистинска горда Македонка, а не лажна како резидентите во Скопје, изјави Латинопулу од европската група на крајната десница (ECR), додека ги поддржуваше бугарските ставови за историјата, јазикот и националноста на македонскиот народ.
Натаму во нејзиниот говор, таа рече:
-Дојдовме до точка каде што честа на Македонија и Грција ја бранат Бугарите. Нивната реакција е исправна бидејќи тие знаат дека моменталниот јазик во Скопје е бугарски дијалект и нивната националност е бугарска. Ако сакате мир и добри односи на Балканот, историјата мора да се обнови, инаку пристапот кон ЕУ нема да се случи ниту во нивните соништа. Македонија е Грција, преболете го тоа, Македонија е една и таа е грчка, рече Латинопулу.
Изјавата предизвика реакции и на социјалните мрежи, особено поради фактот што дојде во момент – токму во пресрет на денешното гласање за Извештајот за Македонија, кој беше усвоен со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“, но во финалната верзија од текстот беа отстранети референците на „македонскиот јазик и идентитет“.
Овој развој на настаните дополнително ги отвори прашањата за рамнотежата меѓу политичкиот дијалог во Европскиот парламент и заштитата на националниот и културниот интегритет на земјите-кандидати, како што е Македонија.