Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изрази оптимизам дека Европската Унија и Соединетите Американски Држави би можеле да постигнат трговски договор најдоцна до крајот на јули.

Мерц пред членовите на Бундестагот рече дека целта е да се намалат царинските давачки и да се зајакнат економските врски меѓу двата најголеми западни пазара, пренесува „Ројтерс“.

„Нашата цел е што побргу да постигнеме трговски договор со САД, договор што би ја поврзал меѓусебната трговија со најнискиот можен царински товар“, рече Мерц.

Канцеларот додаде дека е во постојан контакт со американскиот претседател Доналд Трамп и со Европската комисија и нагласи дека постои политичка волја од двете страни на Атлантикот за склучување на договорот на краток рок.

Досега администрацијата на Трамп не испратила писмо до Европската Унија со информации за новите царини, што многумина го толкуваат како сигнал дека на крајот ќе се постигне договор меѓу Вашингтон и Брисел, објавува Си-ен-ен.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неделата имаше телефонски разговор со претседателот на САД, Доналд Трамп, а портпаролката на Комисијата изјави дека станува збор за добар разговор, објавија медиумите.