ПОЛИТИЧКИОТ ПРОСТОР И ИДЕНТИТЕТОТ НА МАКЕДОНЕЦОТ
Што го прави денес Македонецот Македонец?
Бранко САРКАЊАЦ
Тоа што е роден во Македонија. Тој може да го смени пасошот и не само местото на живеење туку и местото на раѓање (во пасошот), но ќе го направи ли тоа веднаш Србин, Хрват или Бугарин? Тешко.
Затоа што тоа што си роден во Македонија, таа и таа година во тоа село или град, не е само гол статистички факт кој може лесно да се смени (со земање уште еден пасош, да речеме бугарски). Тоа што си роден во Македонија подразбира купишта искуства и сеќавања, доживувања, влијанија, премрежија и сите тие можат да се врзат за еден простор кој има (барем) три димензии. Првата димензија е на лична перспектива, на интерсубјективни односи, на сложени и бројни (фигурациски) меѓузависности со други луѓе дадени во еден генерациски континуум.
Втората димензија е онаа која овој простор го обележува како културен и историски и се темели на првата. Културата се наоѓа во она што луѓето секојдневно го прават, мислат, чувствуваат и сакаат. Се мисли на материјалниот систем на културата – уметност, обичаи, религија.
Но, и двете димензии колку и да се природни, се јалови без третата димензија која всушност им ја дава нивната природност. И двете димензии се формулираат преку државната наука – во историјата, културологијата. Само така се обезбедува сопствената култура која е култура на нацијакоја има своја држава.
Тоа што прадедо ми зборувал македонски и тоа што имаме обичаи кои се разликуваат од тие на соседите се факти кои го определуваат мојот идентитет само со тоа што функционираат и се канализираат во политички или државен простор – на државата Република Македонија и нејзината наука. Нацијата станува нација во сета своја природност и вековност дури во државата.
И оваа димензија е таа што е многу важна сите овие 15 години. И таа е предмет на споровите што си ги наметнуваат соседите …
Кај е идентитетот на Македонецот? Во што се состои културниот идентитет на Македонија што ја разликува од другите? Кој ќе го утврди тој идентитет? Тоа се суштествените прашања денес. Тоа мора да го направи Македонецот, зашто ако не го направи тој, ќе го направи некој друг, а токму од тоа имаме мака овие 15 години (особено кога тоа го прават соседните земји). Ако некој друг зборува за вас или ќе ве присвои или ќе ве зашутка негде.
Кога во соседните земји се велича Македонија, тоа се прави како за нешто свое, со аура на романтичност. Македонија е дел од романтичната историја на Бугарија. И сè уште кај Бугарите не сум сретнал некој збор со кој им се потсмеваат на Македонците на планот на секојдневната живеачка. За радијатор што слабо грее, Бугарите викаат дека е албански, не македонски. Интересно и Албанците во Албанија истиот радијатор го определуваат како бугарски.
Кога Македонија (Република Македонија) се смета за нешто туѓо, тогаш и се намалува вредноста и аурата на романтичност, но најчесто и се намалува историчноста. Односно, се негира димензијата на политички простор во кој Македонецот може да зборува за сопствената култура. Затоа за Бугарите токму нашата – македонска, државна – историја е баукот. И оттаму хистеријата во која таа наша историја е ем безвредна ем агресивна.
Можеби Македонија страда од синдромот на „задоцнета нација“ (Плеснер). Можеби македонската историја, како државна наука, е помлада од Бугарската и со самиот тој факт во очите на бугарските историчари ја „краде“ нивната историја. Меѓутоа, повеќе од 60 години постои фактот на македонска историска наука. И самиот тој наметнува обврски на чистење на апсурди за Македонија во светската историја, која подолго се повикувала на постарите истории на соседите на Македонија. Македонската политика ниту е агресивна ниту крадачка. Таа си го бара она што некој и го одзел само затоа што бил некогаш поголем и постар. Само еден пример. 1987 година во Лондон налетав на една оксфордска енциклопедија во која стои дека Илинденското востание од 1903 е востание на бугарското население. Исто така, стои дека реката Вардар е најголема река во јужна Србија. Кој не е Македонец и не знае многу географија ќе ги проголта овие факти. Арно ама, ако е Вардар во Јужна Србија тогаш од каде Бугари во 1903? Јасно, тие што ја составувале енциклопедијата користеле книги на бугарски историчари и на српски географи и направиле каша попара. Светската наука која се фали со принципиелна проверливост и побивливост на тезите или фактите, мора да со соочи со ваквите небулози и мора да ги отстрани. А кој може да им укаже на овие недозволиви грешки (особено за еден Оксфорд) освен Македонците и македонската историска наука.
Ако исправањето на ваквите грешки е агресија спрема националната историја на кој било сосед, тогаш современата наука се сведува на гатање и фрлање клетви и нема врска со објективноста.
ОМО Илинден е трн во окото на таквата силеџиска историја која упорно опстојува на романтичните митови кои го негираат македонскиот идентитет. И што е уште поважно да се каже, ОМО Илинден се напаѓа не само затоа што се во прашање Македонци, туку и затоа што тие имаат врска со државата Република Македонија.