Амандманската расправа по ребалансот на Буџетот во законодавниот дом продолжува в понеделник, откако денеска на 39. седница на Комисијата за финансирање и буџет беше усвоен еден амандман поднесен од пратениците од власта, а не беше усвоен ниту еден амандман предложен од пратениците од опозицијата.
На седницата беа дискутирани вкупно 31 амандман, од кои прифатен беше само амандманот поднесен од пратениците од власта, кој се однесуваше на обезбедување средства во износ од 50 милиони денари за исплата на надоместок на право на посебен додаток кои ги користат лицата со попреченост до 26 години и лица над 26 години старост, односно за лицата за правото на попреченост.
Дел од амандманите, пак, поднесени од страна на пратениците од Европскиот фронт и Левица се однесуваа на реконструкција на НУ Турски Театар – Скопје, реконструкција на Арабат Баба или Серсем Али Баба теќе во Тетово, Албанскиот театар за деца и младинци – Скопје, купување на амбулантни возила и обезбедување средства за нови вработувања на турската заедница кај Народниот правобранител, како и средства за вработување во целиот правосуден систем.
Пратеникот од редовите на Европскиот фронт Сали Мурати, при образложување на поднесениот амандман во врска со реконструкцијата на НУ Турски театар – Скопје, посочи дека Театарот претставува институција од национален интерес, бидејќи, според него, Театарот е основоположник на театарот во Македонија. Нагласи дека десетици актери од ансамблот на Турскиот театар – Скопје играат во серии во Република Турција, за кои рече, претставуваат наши амбасадори во Турција.
Во образложението на поднесениот амандман во врска со реконструкцијата на Арабат Баба или Серсем Али Баба теќето во Тетово, пратеничката од Европскиот фронт Арбана Пашоли посочи дека се работи за духовно наследство за локалното населени и дека реконструкцијата на објектот ќе придонесе во промоција на културното наследство и развивање на туризмот. За амандманот во врска со Албанскиот театар за деца и младинци – Скопје, пратеничката од Европскиот фронт Дијана Тоска ги образложи предизвиците со кои се соочува Театарот и нагласи дека по нејзиното заминување од функцијата директорка на Албанскиот театар за деца и младинци се соочиле со недостиг на финансиски средства за плаќање на сметките за вода и струја.
Претходно на почетокот на седницата, претседателката на Комисијата Сања Лукаревска информираше дека од пратеничката група на Левица до неa пратиле допис дека одлучиле да повлечат дел од нивните амандмани.
Во првиот дел од седницата, поднесените амандмани кои беа одбиени се однесуваа на изградба на жичарницата Тетово – Попова Шапка, финансирање на стадионот во Тетово, за купување на заштитна опрема на земјоделските култури од град, за откупни државни центри за земјоделски производи во Прилеп и во Струмица, за изградба на градинка во село Свиларе во Општина Сарај, за изградба на старечки дом во Скопје и други инфраструктурни проекти во неколку населени места.
Седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет со амандманската расправа по ребалансот на Буџетот продолжува во понеделник во 13 часот.