Поданичката политика исполнета со сервилност од страна на СДС ја доведе Македонија во понижувачка позиција каде Бугарија отворено ја негира македонската нација, македонскиот јазик и идентитет, се истакнува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, кое го објавуваме во целост:
Работите кои до неодамна беа незамисливи дури и за најрадикалните кругови во бугарската политика поради апсурдноста и понизноста на Заев и Филипче во нивното политичко дејствување денес станаа реалност.
Сервилноста на Пендаровски, Заев и Филипче ја доведе државата до историски пораз, каде наместо негување на вековната традиција и заштита на државните интереси станавме предмет на негирање и понижување од страна на Бугарија.
Политиката на „Бојко љубави, те поздрави Зоки“ заврши со неуспех и со бришење на македонскиот јазик и идентитет од Извештајот на Европскиот Парламент.
Последиците од политиките на виткање кичма денес се јасно видливи а штетите кои ги нанесе СДС се катастрофални.
Државата ќе беше уште подлабоко заглавена доколку ВМРО-ДПМНЕ не заземеше цврст став и не се спротиставеше на овие погубни политики.
Фактот дека македонскиот јазик и идентитет се избришани од европски документи, е доказ дека Бугарија никогаш не била искрено заинтересирана за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав. Напротив, тоа беше само изговор за негирање на целото македонско постоење.
ВМРО-ДПМНЕ испраќа јасна порака дека Македонија нема да направи ниту еден чекор понатаму без целосна почит од Бугарија и цврсти гаранции од европските институции.
Бугарија ги злоупотребува европските механизми, и го киднапира целиот процес на европска интеграција.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ