Украина ќе добие „огромна количина“ воена опрема според договорот со САД, изјави денес генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.

„Ова е навистина големо. Навистина големо“, рече Руте, според Гардијан.

Тој рече дека Трамп го повикал во четврток и му рекол дека сака да ѝ обезбеди на Украина она што ѝ е потребно, но побарал Европејците да платат за тоа, „што е сосема логично“.

Руте рече дека бил во контакт со „многу земји“ кои имаат намера да бидат дел од договорот, а конкретно ги спомена Финска, Данска, Шведска, Норвешка, Обединетото Кралство, Холандија и Канада.

„И ова е само првиот бран, ќе има уште“, нагласи тој.

Тој додаде дека НАТО ќе работи преку своите системи за да утврди точно што им е потребно на Украинците. „Ова би значело дека Украина би можела да добие навистина огромни количини воена опрема, како за воздушна одбрана, така и за ракети и муниција“, рече Руте.

Според него, рускиот претседател Владимир Путин треба сериозно да го сфати предупредувањето на Трамп.

„Значи, ако јас бев Владимир Путин денес, а вие зборувавте за тоа што планирате да направите за 50 дена, и за оваа најава, би размислил дали треба да почнам да ги сфаќам преговорите за Украина посериозно отколку што ги сфаќам сега“, рече Руте.

Руте отворено ја критикуваше Русија за напади што не се извршуваат од воени причини, туку „само за да создадат паника“ со напаѓање на украински градови, а Трамп се согласи.

Откако неодамна присуствуваше на самитот на алијансата во Хаг, Холандија, тој постојано го пофалуваше НАТО.

„Имавме неколку дена многу интензивни разговори. И ова се одлични луѓе. Ова се лидери на земји. Многу од овие земји се големи и моќни. Некои се помали. Но, во најголем дел, тие се многу стабилни, силни и успешни земји. Некои од нив се меѓу најуспешните во светот“, нагласи Руте.

Тој рече дека се надева оти одлуката ќе има влијание врз Русија и Путин. Трамп, на заедничката прес-конференција во Белата куќа со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека САД ќе воведат 100 проценти санкции врз Русија доколку не се постигне договор за прекин на огнот во војната во Украина во рок од 50 дена.