Една од ултраортодоксните партии во Израел, Обединетиот јудаизам на Тората (УТЈ), соопшти дека ја напушта владејачката коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху поради долготрајниот спор и неуспехот да се изготви закон со кој учениците од верските училишта (јешива) би се изземале од задолжителна воена служба.
Шест од преостанатите седум членови на УТЈ (UTJ), која ги обединува фракциите Дегел ХаТора и Агудат Јисраел, поднесоа оставки, додека претседателот на партијата Јицак Голдквопф се повлече уште пред еден месец.
Со овој потег, Нетанјаху останува со минимално мнозинство од 61 претставник во Кнесетот (израелскиот Парламент), што брои 120 членови. Не е познато дали другата ултраортодоксна партија, Шас, ќе го следи нивниот пример.
Дегел ХаТор изјави дека одлуката е донесена по консултација со водечките рабини на партијата, поради, како што наведуваат, „повторените прекршувања на ветувањата на владата за зачувување на статусот на светите ученици на јешива, кои посветено учат“. Од тие причини пратениците го соопштија своето повлекување од коалицијата и од владата.
Ултраортодоксните партии тврдат дека законот за изземање на студентите јешива беше клучен услов за влез во коалицијата на Нетанјаху на крајот од 2022 година.
Портпаролот на Голднопф потврди дека сите седум претставници на УТЈ ја напуштаат владата.
Ултраортодоксните пратеници веќе долго време се закануваат дека ќе ја напуштат коалицијата поради контроверзноста околу законот за регрутирање.
Дел од религиозните партии во владејачката коалиција бараат учениците од верските училишта да продолжат да бидат ослободувани од задолжителна воена служба, додека некои други коалициски партнери се залагаат за укинување на сите ослободувања.
Ултраортодоксните Евреи со децении наназад се ослободени од воена служба, но Врховниот суд на Израел минатата година му наложи на Министерството за одбрана да ја запре таа практика и да почне да ги регрутира и тие ученици.
Во последните недели, Нетанјаху интензивно се обидува да ги надмине несогласувањата во рамките на коалицијата во врска со предлогот за нов закон за регрутирање, што доведе до сегашната криза.
Темата за ослободување на студентите Јешива од воената служба стана особено чувствителна со оглед на тоа што израелската армија сè уште е во војна во Газа.