Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денеска го обвини унгарскиот премиер Виктор Орбан за саботирање на Европската Унија со години заедно со Русија, додека „неговата земја ја претвора во најсиромашна земја во ЕУ преку грабеж и национализам“.

-Виктор Орбан ја направи Унгарија најсиромашна земја во ЕУ, а сега се заканува дека ќе ја напушти. Оваа закана не ме изненадува бидејќи со години ја саботираше Унијата во координација со Путин, изјави полскиот министер за надворешни работи денеска на мрежата „X“. „Ве предупредувам, грабежот и национализмот водат кон ова“, додаде Сикорски.

Спорот меѓу официјална Варшава и Будимпешта избувна додека блиските идеолошки сојузници на Орбан, конзервативните националисти од партијата „Право и правда“ на Јарослав Качински, беа на власт во Полска, поради поддршката на Орбан за Русија по агресијата врз Украина во 2022 година.

Конфликтот продолжи да ескалира по изборите на есен 2023 година, кога на власт дојде проевропската демократска центристичка коалиција на премиерот Доналд Туск, особено кога Унгарија му даде азил на еден од сега опозициските функционери на „Право и правда“ обвинет за сериозни финансиски измами и махинации, имено дека конзервативците ги финансирале своите политички кампањи со јавни пари додека биле на власт.

Сикорски синоќа потврди дека дефинитивно го отповикал полскиот амбасадор во Будимпешта (кој беше во Варшава на консултации од скандалот со азилот) и најави дека во иднина Полска нема да има амбасадор во Будимпешта, туку само вршител на должноста.

-Унгарија го прекрши принципот на меѓусебна доверба меѓу институциите кога му додели азил на лице осомничено за финансиски криминал. Како да ѝ кажаа на Полска: „Не им веруваме на полското обвинителство и судови“. Ова е непријателски чин кон Полска и затоа го повлеков нашиот амбасадор“, изјави Сикорски.

фото: МИА архива