Ирена БЕЛЕШКОВСКА

Има едно нешто поради што секој влез во Бугарија станува прилично безбеден, но и досаден: нужноста да се почитува брзината на патот. А, знаците, доколку не станува збор за автопат, обично го ограничуваат возењето на брзина меѓу 60 и 80 км на час. За гостин од нашата земја, научен на полиберален однос кон прописите, тоа не мора да значи ништо, но бргу ќе ја сфати лекцијата доколку не е информиран дека на секои неколку километри, има полициска патрола. И покрај развиениот систем на солидарност меѓу возачите со светлосно предупредување, сепак, голема е шансата да се добие казна доколку се вози побргу од дозволеното. Затоа, по само неколку минути од минување на граничниот премин кај Деве Баир-Ѓуешево, ни изгледа дека сите возила лазат. Добредојдовте во Бугарија, земјата која со Романија има најмал стаж на членка во ЕУ.

Возиме кон Ќустендил. Би сакале да видиме дали по влезот на земјата во НАТО и ЕУ, бриселските фондови и западните инвестиции ја потиснале сиромаштијата во помалите бугарски градови. Софија е нешто друго, но надвор од „столнината“?

И веќе првиот впечаток не е воодушевувачки – инфраструктурата не доликува на земја којашто годинава слави „полнолетство“ од членството во ЕУ.

Сепак, она што е карактеристично за крајпатниот појас долж делницата од границата до првото скршнување десно, кон Ќустендил, од патот кој продолжува до Софија, е забележителното присусуство на обработени земјоделски парцели и житни култури, а попатно се среќаваат и повеќе ресторани и угостителски објекти што нудат одмор и храна за бројните транзитни минувачи, редовно – возачи на товарни возила и летниов период, често, туристи кои патуваат кон Црното Море.

Но дали кон Ќустендил или подалеку, ќе мора да возите по истиот пат каде верувајте, се вози крајно внимателно и сообраќајните прекршоци се нешто што речиси никој и не се осмелува да ги направи. Причината е едноставна – казните се високи, а доколку имате регистрирани прекршоци во системот, уште при самиот влез во државата, најпрвин ќе ги платите, а потоа ќе продолжите да патувате.

Ова е нешто што функционира беспрекорно и тука нема сомнеж, а она што, исто така, се разликува од кај нас е и т.н. вињетка што се плаќа за сообраќање по патиштата низ Бугарија, па откако ќе ја платите, дали онлајн или на пунктот на самиот влез во државата, немате дополнителни финансиски оптоварувања, ниту мора да застанувате низ патиштата и автопатите за да плаќате. Имате викенд, неделна, месечна, тримесечна и годишна вињетка, чиишто цени се движат од 10 лева или 5 евра за викенд возење, месечната е 30 лева или 15 евра, додека годишната изнесува 97 лева.

Нејсе, во Ќустендил стасавме за помалку од половина час, а низ главниот градски булевар во викендот, за време на летните горештини, врвеа малкумина – ослободени од обврски, обземени од летна летаргија, брзајќи да се скрасат од топлото време.

Во центарот на градот паркиравме кај препознатливиот објект „Била“ – централно место за пазарење, налик на трговски центар кој не го променил ликот со децении, отворен во некогашниот трговски објект „Европа“, додека од другата страна на улицата се реставрира старата џамија.

Некаде по среде, се наредени дуќанчиња, продавници за спортска опрема, продавници за играчки, бутици, чиишто сопственици велат дека тешко се заработува за живеачка, стравувајќи дека воведувањето на еврото дополнително ќе им донесе тешкотии, и во работата и општо, за егзистенција.

-Јас и мојот син живееме од заработката во дуќанот што го имам уште од 1996 година, но морам да кажам дека се потешко е да се опстане, што поради онлајн-продажбата која е многу актуелна, што поради големите давачки и регулативи кои едвај некако ги подмируваме и навистина, кубуриме со работата, иако порано сметавме дека е тоа добар бизнис, вели 63-годишната Емилија, сопственик на бутик за деца.

Таа отсекогаш била поборник за Европската Унија и вели, преминот од лев кон евро веќе е на голема врата присутен. Тоа не е нешто туѓо, бидејќи на секоја фискална сметка цените се изразени паралелно и во левови и во евра, а вели, и кога ја подигнува платата од банка, исто така сумите се изразени и во евра и веќе само се очекува и генералните цени да се преиначат.

Нејзиниот син, пак, жалејќи се и на сегашните ниски плати и високи цени на храната и останати артикли за секојдневно функционирање, смета дека воведувањето на еврото, макар во првите години, ќе донесе уште поголеми потешкотии за граѓаните.

Во истиот радиус на движење, до и околу Билата се наоѓа и главниот плоштад со шеталиште, каде заедно со националното бугарско знаме и општинското – на Ќустендил – се вее знамето на ЕУ, а плоштадот овојпат беше речиси празен, што поради горештините и празнувањата во градот на познатата средновековна тврдина Хисарл’к, што поради самиот викенд, кога бројни жители на овој град често се гости на Крива Паланка, особено во сабота, пазарејќи на зелениот градски пазар и во околните маркети.

Среќаваме сопственичка на продавница за играчи, докторанд по хемија, која ни ја откри и причината за тоа.

-Цените во маркетите, цените на храната кај нас се премногу високи. Јас деновиве се вратив од Европа, бев во Шпанија, Португалија, Гибралтар и морам да кажам дека овде цените во прехранбените продавници се многу повисоки од таму, а другите цени се речиси исти, така што, не е добро што ние плаќаме многу поскапа храна. Од друга страна, јас живеам во Ќустендил, сопственик сум на дуќан, но работа овде не можам да најдам според струката, бидејќи премногу се меша политика. Јас сум магистер по хемија и сум докторанд во област горива, а мојата плата за шест часа ангажман, изнесува 800 евра месечно. Дури и другите професори на универзитетот во Софија, доценти и останати, не земаат добра плата, вели таа.

Карактеристично популарни се платите на фармацевтите, кои достигнуваат и над 3000 лева, што ни го потврдија дел од вработените во аптеките низ градот кои не го кријат фактот дека многумина Македонци привлечени од повисоките плати во фармацијата, се вработуваат во аптеки во Бугарија.

Оваа погранична општина може да се пофали и со добри здравствени услуги, достапни специјалистички услуги за жителите, за што говори и фактот дека Ќустендил има поликлиника, која во деновите од викендот е активна само со дежурства. Но предноста на населението да не бидат комплетно зависни од специјалистички услуги во главниот град, е несомнено, огромна.

Ќустендил некогаш броел речиси 70.000 жители, но денес, според официјалните статистики од 2024 година, има околу 46.856 жители. Дел од причините се редовните миграции кон метрополата, велат мештаните, а дел, од можноста со европски пасош да патуваат низ светот.

-Ние сме пензионери, двајцата имаме минимални пензии по околу 700 лева (350 евра) и тоа е навистина ниска сума која едвај ни стасува во месецот за основни потреби. Во текот на летото е добро, но кога треба да се плаќа греење, струја во зимата, е тогаш е многу тешко, рече еден од двајцата сопружници што ги сретнавме во сенките на паркот покрај старата ќустендилска бања. Тие го носеа на прошетка седуммесечниот внук од синот, кој работи и живее во Софија во текот на неделата, а ретко, за викендите доаѓа да ги посети.

Ја заокруживме обиколката низ градот што дефинитивно беше полупразен, со мала почивка во дворот на старата градска бања на Ќустендил.

Градот има едно многу важно природно богатство од минерални води, па ја има старата бања која викендите не работи, но затоа има многу приватни хотели со базени со минерална вода, како и градски базен, кои овозможуваат и жителите на градот и бројните посетители да уживаат и да ги ползуваат благодатите од водата која извира под Осоговската планина во оваа област и отсекогаш го прави Ќустендил град за бањски туризам и релаксација.

Го оставивме градот под Хисарл’к во екот на празнувањата со музички ѕвезди и традиција да ги пречекува гостите за кои беше обезбеден бесплатен паркинг, враќајќи се по истиот пат по кој влеговме во „Европа“, со надеж дека нашите европски аспирации ќе донесат пооптимистички стории.

Дончо Штипјанчето и дедо Иљо Малешевски

Веројатно малкумина кај нас знаат дека на гробиштатата во Ќустендил почива Андон Тошев, кај нас попознат како Дончо Штипјанчето, човекот кому Турците во 1896 година му пронајдоа бомби сокриени во вреќите со ориз. И покрај мачењето, не предаде никого. Осуден е на 101 година затвор, потоа казната му е намалена на 15 години, а ослободен е наредната година при општа амнестија. Умрел во Ќустендил во 1931 година.

При самиот влез од десна страна е и гробот на дедо Иљо Малешевски, роден во Берово во 1822 година, учесник во Разловечкото и Кресненското востание, водач на чета при речиси секоја војна против Османската империја во тој дел од Балканот во 19-от век. Порано, еден од најпознатите тогашни адвокати во градот, му давал пари на еден Ром кој тука се наоѓал да ги потсреди малку овие гробови, како и да ги обиколи спомениците на уште десетина други Македонци загинати во тоа време, од Штипско, Битолско, Кумановско и од каде уште не, кои почиваат во Ќустендил.

А тука, од другата страна на патот е и споменикот на загинатите ќустендилчани на 6 април 1941 година кога авијацијата на кралска Југославија го бомбардирала градот. Моравме да признаеме дека за ова прв пат слушаме.

Фото: МИА