Граѓаните од месец во месец се посиромашни – трошоците за живот растат, а платите стагнираат, истакна на денешната прес-конференција Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ од која објавуваме интегрален текст:

Според последните податоци, на едно четиричлено семејство во јули му се потребни над 65.000 денари само за основни трошоци. Само за храна, им требаат речиси 24.000 денари. Тоа е повеќе од минималната плата која стои ниско во место, додека цените пробиваат плафон.

За само три месеци, синдикалната кошничка е поскапа за 2.637 денари. Годишната инфлација достигна 4,5%.

Ова не се бројки на „четврта економија“, туку алармантни податоци за економија во колапс. Јасен, недвосмислен доказ за целосниот дебакл на економските политики на Владата на Христијан Мицкоски.

И во вакви услови, додека народот не знае што ќе стави на трпеза, наместо да преземе мерки, Мицкоски прави весела математика со „пет типови синдикални кошнички“.
Фактот дека народот нема пари не може да се сокрие со инженеринг во бројот на кошнички.

Владата на Мицкоски и ДПМНЕ мислат дека ќе го заташкаат осиромашувањето на народот. Тие се целосно одлепени од реалноста и јасно потврдуваат дека немаат намера да преземат никакви мерки за да им помогнат на граѓаните.

Додека кошничката на Владата е полна со скапи деликатеси, папаја, манго и аспарагус, луѓето немаат ниту за основни потреби.

Инфлацијата го јаде семејниот буџет, а Владата ништо не презема.

Кога станува збор за функционерите, има пари, а за народот нема. Македонија е на дното по животен стандард во Европа.

Време е Владата да престане со ПР и калкулации и конечно да ги прифати мерките што СДСМ ги предлага од првиот ден:

– Зголемување на минималната плата на 500 евра;
– Укинување на ДДВ на храна.

Ова се вистински, конкретни чекори што ќе донесат реална помош и ќе го подобрат стандардот на граѓаните.

Сѐ друго е манипулација на сметка на народот кој едвај преживува.

Сиромаштијата не се решава со измислување нови кошнички – туку со одговорна политика и конкретни мерки, ама веднаш.

Одговор на новинарско прашање

Предлогот за резолуција со Бугарија за македонски јазик е штетна – ВМРО-ДПМНЕ отвора затворени прашања и удира врз македонските позиции

Предлогот за заедничка резолуција со Бугарија за македонскиот јазик и идентитет е штетен, претставува нов удар врз македонските позиции од ВМРО-ДПМНЕ за свесно враќање наназад. Клучното прашање е зошто власта отвора прашања кои веќе се затворени кога македонскиот јазик и идентитет се неспорни, потврдени и признаени во светот и Европа. Овој потег ѝ дава дополнителен маневарски простор на бугарската страна за нови условувања. ВМРО-ДПМНЕ нема никакво влијание во Европскиот парламент ниту сојузници што се потврди и со гласањето за извештајот. Ваквата резолуција би значела нов пораз во ЕП. Штетни и исклучиво за тесно политички интереси се овие непромислени политики на ВМРО-ДПМНЕ со кои самите го оспоруваат она што веќе никој не го оспорува. Прашањето е дали ВМРО-ДПМНЕ свесно сака да ја втурне државата до пораз во пораз за потребите на своја кампања? Дали ова не е уште едно договорено сценарио со дел од ним блиски бугарски европратеници за креирање повторно страв за македонскиот јазик и идентитет? Штетите кои се прават со овие политики ќе бидат трајни.

Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=vmnEsnnIa8o

Прес-конференција на СДСМ, Кристина Костова – потпретседателка

Центар за комуникации со јавноста