Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и ги одразува неговите лични ставови, а не нужно и ставовите Денешен.мк)
Ако нешто вреди посебно да се одбележи во изминатата недела, тоа е најавата на министерот за здравство Алиу дека веќе е започнато со децентрализација на онколошките услуги и тие, наместо само и исклучиво во Скопје, ќе можат да се добиваат и во Битола, Штип, Тетово и скопската ГОБ „8 Септември“. Што, пред околу еден месец, во интервју за МИА го најави и директорот на скопската онколошка клинка, д-р Игор Стојковски.
Не знам точно што ќе опфаќаат тие онколошки услуги кои ќе се добиваат надвор од Скопје, но што и да е, ова е прв чекор кој ќе ја олесни и онака тешката состојба на низа болни од рак. И нејасно е зошто тоа досега не е сторено во изминатите 10-20, па и повеќе години. Зошто еден пациент од Охрид да доаѓа на контроли и на хемотерапии во Скопје, зошто истото да го прави и некој од Берово? Со тоа, често, на скопската Клиника се создаваат гужви кои со себе носат нервозни пациенти и нервозни лекари, а ниту едните, ниту другите се виновни за состојбата.
Има и проблеми кои не се решаваат преку ноќ. На пример, во овој момент во Македонија имало само 40-тина онколози. Младите лекари, повеќе сакале да одат на специјализација во области како пластична хирургија или дерматологија, каде што имаат помирна глава, а можеби и повеќе пари.
Но, на државата е, на нејзините власти, на тие што ја водат, да најдат начин ова да го решат. Да најдат начин, наместо исправање на брчки, младите лекари повеќе да сакаат да се фатат во костец со оваа болест и да бидат насочувани во таа област, со оглед на тоа што специјализирањето не е прашање на личен избор.
Зашто, вака веќе не може. Посебно што во последните години, како да владее вистинска епидемија на канцерот и бројот на болни не се намалува, туку се повеќе се зголемува.
Има многу причини за тоа (една од нив, позитивна, е дека со нивните лекарства се зголемува животниот век на болните), има и многу шпекулации околу тоа, но за овие редови беспредметно е барање на одговорот на прашањето зошто е тоа така. Факт е дека, во крајна линија, овде не се работи за болести кои можат да чекаат подобри времиња и тоа мора да се стори веднаш, за да не се доведеме во ситуација и по десет години и натаму да бидеме со оваа или дури и со помала бројка на онколози, кои, рака на срце, паѓаат од работа, а со поголем бројни од сега.
Македонија е мала и сиромашна земја, има трпелив народ кој се соочува со стотици проблеми, но токму затоа, барем здравствените услуги треба да му бидат подобри и подостапни од било која друга земја во светот. А тоа може и мора да се постигне.
Истовремено, постои еден друг проблем за кој засега нема најава дека ќе се реши. Тоа е немањето термини за преглед на низа клиники, како Клиниката за кзрдиологија и уште неколку други. Го прашувам еден пријател и одговорот е едноставен – нема шанси да добиеш термин. Тоа е проблем со кој Алиу мора да се фати во костец, зашто тој проблем нема да се реши со компјутерска интервенција во системот „Мој термин“. И овој случај немам намера да барам причини зошто е тоа така – граѓаните редовно плаќаат придонес, колку е да тој голем или мал, они не го одредиле, и треба да имаат можност да добијат навремен преглед. „Финтата“ со приоретни упати не е доволна да го покрие овој недостаток, зашто се случува пред вратата на лекарот кој тој ден работи со приоритени пациенти да има и по 30 болни. Што мислите, колку време може лекарот да му посвети на еден од тие 30-тина и повеќе пациенти?
Второ, и да има термини, на некои клиники тие се добиваат за неколку дена, но на други треба да се чека и по месец, месец и половина. Да, можете да кажете дека во една Британија, на пример, се чека и по три месеци, но во крајна линија тоа не е наш проблем. Ние живееме овде и овде ни треба прегледот.
Недозволиво е по редовен пат да чекате месец и половина, а ако одите со приоритетен упат, да треба уште во седум часот наутро да бидете пред амбулантата, за да завршите работа во 14 часот попладне. Еден специјалист, не е битно од која област, ми вели дека неодамна бил во службена посета на Кипар и дека неговиот тамошен колега на ден има за преглед само шест пациенти. Само шест! Вели, а види го мојот список. Плус попладне треба да оперирам. А тој од Кипар, има време денеска да ви го заврши комплетниот преглед – и ехо и лабораторија и крвна слика и се што е потребно, па дури и мала амбулантска интервенција, ако е нужна.
А, како тоа оди кај нас? Прво чекате месец ипол за преглед согласно „Мој термин“, потоа одите кај специјалистот кој ќе ви каже дека ехо апаратот му е расипан или воопшто го нема во амбулантата, па ќе ви закаже ехо преглед на друга клиника за 15 дена. И потоа, треба да се вратите кај првиот лекар за чиј преглед сте чекале месец и половина, но овој пат влегувате во групата на пациенти кои се со стариот упат и доаѓаат на контрола, па треба да се спремите како да одите на пикник – со сендвичи, со вода, сок, еден или два испиени дијазепами и сл., зашто не знаете колку ќе чекате.
И ова, се разбира е предизвик не само за Алиу, туку и за целата држава. Да бидам искрен, има клиники каде работите функционираат како под конец, сосема пристојно за 21 век, па и повеќе од тоа. Нема да бидам нивен адвокат и да ги споменувам, зашто пациентите си знаат каде како е, но зборот е за оние другите. И не знам зошто се дозволило кај тие другите работите да дојдат до овој степен, но тоа нека си го користат политичките партии за своите пресметки. Тоа што на обичниот човек му е потребно е брза и квалитетна услуга, а државата треба да ја плати цената за тоа. Оти, на крајта, тоа и не се пари на државата, туку на тие што чекаат пред вратите на амбулантите.
Како што напишав пред извесно време, во меѓувреме, во светот се води трескавична борба меѓу САД и Русија за добивање на вакцина против ракот. За Американците, па и за целиот свет, баксуз е што американската „шарена“ револуција пред пет години го смени Трамп со Бајден, па неговата ФДА го замрзна проектот на еден од најголемите светски умови во оваа област, д-р Патрик Сун-Шионг, кој имал и има готова вакцина (го разбираам сето тоа и за клинички испитувања и за прва, втора и кој знае која фаза, но вакцината е готова). Таа функционира сосема едноставно (колку е лесно за некој надвор од таа област да го употреби зборот „едноставно“, а воопшто не е така) – вакцината ги активира „Т клетките“ и „природните клетки убијци“ како што ги нарекува д-р Шионг и тие се справуваат со ракот. Шионг, кој е богат повеќе отколку што е годишниот БДП на Македонија и кој тоа богатство го стекнал со изумување и продажба на лекови против канцер, самиот сега вели дека 50 години погрешно лечеле, а дека единствениот универзален начин на справување со ракот е тој кој што на речник разбирлив за просечниот граѓанин го опишав. И, тоа би било крај на една од најголемите приказни за човештвото.
Истовремено, на две вакцини против ракот работат и Русите, од кои едната, таа на Гамалеја институтот, е посебно ветувачка и како што неодамна во интервјуто за МИА истакна д-р Сергеј Болјевиќ, Србин кој работи на проектот, од септември треба да почнат да лечат со неа.
Што е битно за Македонија во сето ова? Да стапи во контакт, да испрати свои луѓе и кај д-р Шионг и во Русија (независно што им бркавме дипломати, и што сме поголеми Бајденовци од Бајден кога е во прашање Москва). Луѓе кои ќе се запознаат со едниот и другиот проект и луѓе кои ќе бараат начин, ќе молат или не знам што ќе прават, да влеземе во видокругот и на едната и на другата вакцина. И на тоа не треба да се штеди. Македонија мора да влезе на тој список, а на кој начин, како и што, тоа веќе не е моја работа. Зашто, тоа е наследство кое ќе се остави за идните генерации, а можеби ќе се најде и за некого од сегашната. Да не биде после, со оглед на тоа што светот има повеќе од 200 држави, да се најдеме меѓу последните на тој список.
И кога сме веќе кај ова, да наведам и дека во една Панама има клиника која, со матични клетки, лечи за останатиот дел од светот неизлечиви болести на белите дробови, третман со кој од лично искуство пред неколку месеци се пофали Мел Гибсон – пушач со 45 годишен стаж. Зошто наши лекари да не бидат пратени таму, да видиме што е тоа и што од тоа може да се искористи кај нас?
А, надвор од ова, на домашната политичка сцена – ништо ново. ВМРО-ДПМНЕ делува како локомотива која не застанува, а СДСМ опонира со својата заспаност. И наместо да се разбуди обуди од таа заспаност, СДСМ како да си бара алиби за очекуваниот пораз, па зад завесата се кара со медиуми и спрема алиби на репресирана жртва која потоа ќе плаче дека била игнорирана од „режимот“ на Мицкоски. Стара песна, чии стихови забораваат дека овде веќе не е Бејли, дека името е сменето и дека нивната приказна веќе никој нема потреба да ја користи.
Освен грстот „соросови“ инсталации кои грчевито се борат да најдат простор за и понатаму да влечат пари од надвор. Но, колку што гледам, засега и таму има коленичење пред „режимот“. Така што, СДСМ треба да ја смени стратегијата под итно, за да не биде потоа како она од приказната на покојниот Глиготов: „Не ме оставајте сам!“
И за крајта на овие редови, само неколку зборови дека вчера, како општество, едноставно ја утнавме годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков. Тоа е тоа!