Синиша Стојаноски, член на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ и директор на ГОБ „8 Септември“ на денешната трибина што се одржа во Штип на тема „Реформи во здравството истакна дека болницата ГОБ „8 Септември“ треба и заслужува да прерасне во регионален центар.
Тој посочи дека се градат темелите на промените, а пред една година е наследена лоша состојба во здравствениот сектор, многу финансиски долгови и затворени одделенија. Тој посочи дека дека за една година е направено многу за надминување на овие проблеми, со овозможување секој граѓанин да има пристап до здравствените услуги.
-Пред една година кога ги наследивме институциите во здравствениот систем сфативме дека навистина треба да повлечеме една линија и да почнеме од почеток. За жал тоа не беше почнување од нула туку од минус. Начекавме институции со големи финансиски долгови, со затворени одделенија, без нови методи и без актуелни методи кои треба да ги задоволуваат потребите на граѓаните како здравствена услуга конкретно на ГОБ 8 септември, рече Стојаноски.
Тој на вечершната трибина во Штип истакна дека сето она што е ветено во предизборието се остварува, со тоа што во секое одделение во ГОБ „8 септември“ е воведена една до две нови дијагностички терапевтски процедури и после 40 години е направено реновирање на хируршкиот блок.
-Она што за една година успеавме да го направиме е да се држиме до она што беше предизборно ветување, најпрво да се потрудиме да направиме една рамномерна регионализација, да овозможиме пристап на граѓаните до услугите коишто секоја институција треба да ги нуди и тука морам да признаам дека веднаш наидовме на сериозна поддршка од Фондот за здравствено осигурување, тие имаа навистина слух за потребите на ГОБ „8 септември“. Секое од одделенијата доби задолжение да воведе минимум една до две нови дијагностички и терапевтски процедури, повторно наидовме на слух од Фондот за здравствено осигурување, добивме финансии како од аспект на опрема којашто е модерна и потребна за оваа цел, така и со кадровско екипирање, подвлече Стојаноски.
Тој додаде дека во моментов се прави комплетна реконструкција на хируршкиот блок.