Здравството е најчувствителниот, но и најважниот дел од системот наречен држава, таму каде што не се игра политика, туку се спасуваат човечки животи, и токму таму решивме да направиме радикален пресврт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски вечерва во Штип на трибина на тема „Реформи во здравството, ги градиме темелите на промените“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ги укинавме економските директори – затоа што здравството не е место за партиски послушници, туку за професионалци, обезбедивме вработување на 600 приватни специјализанти  за да го зајакнеме јавниот здравствен систем, го зголемивме капитацискиот бод на матичните лекари, гинеколози и стоматолози, почнавме континуирано зголемување на платите на сите здравствени работници, рече Мицкоски.

Според Мицкоски ова не се само инвестиции на хартија, туку реалност, бидејќи ги гледа и чувствува секој еден граѓанин.

-Отворивме нова поликлиника во Општина Илинден, изградивме нова компресорска станица во хируршките клиники „Мајка Тереза“, реновираме и реконструираме болници, како КАРИЛ, Гинеколошко акушерската клиника, Клиничката болница во Битола, Кочанската болница, Градската општа болница 8-ми Септември итн, направивме проширувањето на позитивната листа на лекови, подвлече Мицкоски.

Тој порача дека сето направено досега е само почеток и ја најави големата инвестиција во здравството од средствата од Обединето кралство во вредност од околу 150 милиони евра.

-Оваа Влада отсекогаш стоела цврсто позади високото образование и нашите универзитети, се разбира, но постои еден посебен однос кон Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип – Универзитет кој прерасна во симбол на развојот на источниот регион и двигател на знаењето и просперитетот. Токму затоа, со особено внимание ја носевме одлуката за најголемата здравствена инвестиција во овој дел од државата, инвестиција вредна околу 150 милиони евра, која значи не само изградба на нова клиничка болница, туку и на целосно нов објект за Медицинскиот факултет и студентски дом во рамките на истиот комплекс, рече Мицкоски.

Забележа дека оваа одлука има длабока стратешка основа, а како што рече студентите по медицина повеќе нема да мора да патуваат помеѓу различни објекти и градби, туку ќе учат, истражуваат и се обучуваат во една заокружена, современа целина, рамо до рамо со клиничката пракса. Мицкоски објасни дека ова значи „поквалитетна настава, модерна опрема, полесна интеграција помеѓу теоријата и праксата, и што е најважно – тоа значи дека идните лекари ќе останат овде, во Штип и ќе им помагаат на граѓаните од целиот источен регион“.

-Ова е инвестиција во знаење, во човечки капитал и во една поинаква иднина – иднина во која Штип не е само географски центар, туку образовен и здравствен стожер на нашата Источна Македонија, подвлече Мицкоски.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на вечерашната трибина посочи дека од аспект на локален економски развој премногу значи доизградбата на новиот објект на Клиничка болница-Штип, како и изградбата од темел на Факултетот за медицински науки и на Студентскиот дом со 200 легла, затоа што ќе се ангажираат десетина градежни компании, и ќе донесе стотина директни и илјадници индиректни вработување.

-Обртот на средства во локалната економија ќе се зголеми, ќе се подобри квалитетот во високото образование и квалитетот на Универзитетот Гоце Делчев, кој што е нашиот „рудник“ и нашиот потенцијал, рече Јорданов.

Тој потенцира дека штипјани треба да бидат горди и среќни што конечно се надмина проблемот со доизградбата на Клиничката болница, што конечно се продолжи со инвестирање и зголемување на буџетот на Универзитетот „Гоце Делчев“, а со тоа и со привлекување студенти кои ја зголемуваат локалната економија во градот.