Во текот на вчерашниот ден, двајца риболовци од Кочани, од вештачкото езеро „Градче“, извлекоа огромен „Толстолобик“ со должина од 130 сантиметри и тежина од над 50 килограми.

„Толстолобик“ е вообичаен назив кај нас и во источна Европа за сребрен крап (Hypophthalmichthys molitrix) —  слатководна риба од семејството Cyprinidae, позната и како „white carp“ или едноставно „silver carp“.

Оваа риба расте брзо и лесно надминува повеќе од 20 килограми. Се храни со фитопланктон и е многу корисна за чистење на езерата.

Несекојдневниот улов на двајцата рибари од Кочани, предизвика вистински „потрес“ меѓу љубителите на спортскиот риболов, посебно поради фактот што ваков примерок ретко се среќава во овој регион. Според двајцата среќни риболовците, борбата со рибата траела речиси еден час и на крајот резултирала со врвен трофеј.

Вештачкото езеро „Градче“ се наоѓа на десетина километри од Кочани. Езерото е познато излетничко, рекреативно и риболовно место. Со вчерашниот улов тежок над 50 килограми и долг  метар и триесет сантиметри, се  потврдува репутација на „Градче“ како легло за вистински риболовни предизвици.

Фото: архива