Елизабета ВЕЉАНОВСКА НАЈДЕСКА
– Во кампањата за локалните избори ќе нудам решенија за проблемите на граѓаните, кои се презаситени од црни кампањи, вели во интервју за МИА, Орце Ѓеорѓиевски, актуелен прв човек на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата. Ѓеорѓиевски е оптимист дека ќе победи на локалните избори во Скопје со двојна предност пред останатите кандидати во првиот круг од изборите, а повторува дека она што прво ќе го направи во градот е „генералка“, бидејќи граѓаните заслужуваат чист град.
-Политиката е натпревар на концепти и идеи во коишто сите ќе треба да ги понудиме најдобрите решенија за повеќедецениските проблеми на граѓаните. Јас не се занимавам со црни кампањи, ниту пак планирам такво нешто. Не знам што планираат во другите политички партии, но нели секој си одговара за своите постапки, вели Ѓеорѓиевски.
Кога станува збор за кампања, вели тој, ние треба да сме тие кои ќе го обединиме народот истовремено, но и од друга страна ќе понудиме и добар концепт за тоа како ќе ги решаваме реалните проблеми на граѓаните.
-На никој не му значи ако било кој од нас коментира за минатото, за сегашноста, или за што било поврзано со некој политичар. Секој од нашите граѓани сака да живее во поубаво, во посредено населено место, да биде безбедно неговото населено место. Мислам дека граѓаните, не само во Скопје, туку и во целата држава, се презаситени од негативни, од црни кампањи, од разно разни обвинувања, дел вистинити, дел невистинити. Она што недостасува кај нашиот народ е реализација на проекти, изјавува Ѓеорѓиевски.
Во интервјуто тој вели дека очекува победа во првиот круг од изборите со двојна предност, исто како што победил на претходните локални избори во Кисела Вода.
-Искрено, истото го очекувам и во градот Скопје земајќи во предвид дека јас, иако сум од политичката партија ВМРО ДПМНЕ и целиот свој живот го имам таму поминато, функционирам инклузивно и граѓански. Така ја правам и програмата, така функционирам со мојот тим, така функционирам четири години, а може да забележите дека и изминатиов период, луѓе од различни политички провиниенции се приклучуваат на мојот тим. Скопје е на сите скопјани, без разлика кој од која политичка партија доаѓаат, без разлика на вера, без разлика на нација. Скопје е на сите оние коишто го сакаат, рече Ѓеорѓиевски.
Верува дека и врз основа на резултите кои ги постигнал изминативе четири години во Кисела Вода, дека тоа го препознаат граѓаните и дека ќе има сериозна поддршка на ниво на град Скопје.
Ѓеорѓиевски најавува дека многу скоро ќе биде позната неговата изборна програма која ќе се базира на пет столба.
Локалните избори се закажани за 19 октомври, додека вториот круг ќе се одржи на 2 ноември.
Изминатиот месец имате интензивни средби со граѓаните подготвувајќи ја програмата со која ќе се претставите на локалните избори закажани за 19 октомври. Дали е готова програмата и кои се клучните ветувања што ќе им ги дадете на граѓаните?
Јас од пред извесен период сум кандидат поддржан од мојата политичка партија и коалицијата. Веќе започнавме како тим со граѓански средби, затоа што сметам дека најдобар начин да креирате, а подоцна да составите една изборна програма е кога тоа го правите заедно со граѓаните. Изминатиов период речиси сите општини во градот Скопје ги посетивме, остваривме доста средби. Произлегоа од тие средби клучни барања коишто повеќе децении го мачат нашиот народ во Скопје. Јас таков пристап имав и во Кисела Вода, кога ја креирав програмата заедно со мојот тим. И ќе повторам, тоа сметам дека е најдобар начин за ние да изработиме една квалитетна сериозна програма од која што ќе произлезат проблемите на граѓаните. Така што, веќе сме во една фаза каде што дополнително вршиме консултации со експертски тим којшто работи дополнително на изработка на мојата програма, на експерти домашни, но и меѓународни, коишто се вклучени во тимот. И за многу скоро од денес веќе би излегле со првична верзија. Во нејзе има пет столба на коишто ќе се темели моето функционирање во наредните четири години. Јас, иако сум поддржан од ВМРО ДПМНЕ, не правам програма која што е за една политичка партија, туку за сите граѓани на Скопје, бидејќи поддршката ја очекувам од сите граѓание, без разлика на вера, без разлика на нација, без разлика на тоа на која политичка партија припаѓаат. Така што, една сеопфатна обемна анализа правиме на состојбите, на потребите реални на граѓаните, и за многу скоро време ќе излеземе со конкретни проекти.
Дали може да соопштите некои позначајни детали за овие пет столба од програмата?
Јас не би навлегувал во детали. Ќе почекаме уште малку за тоа, но би ја споменал, ете, комуналната хигиена и проблемите поврзани со функцонирањето кои ќе бидат еден од петте клучни столба. Воздухот, загадениот воздух што сите го дишеме за жал децени наназад во Скопје. Јас нема да се доведам во ситуација да излезам со лажни ветувања. Затоа што за мене зборот даден пред граѓаните и нивната поддршка многу ми значат. Така што, се што ќе биде предвидено, ќе биде со точни рокови, прецизно наведено и со концизна динамика на реализација. Ние имаме сериозен проблем со водоснабдувањето во главниот град, имаме сериозен проблем со патната инфраструктура, имаме бројни проекти кои што се години наназад останати. Ете, ќе го споменам бул. Борис Трајковски или мостот од Аеродром кон Гази Баба „Михајло Апостолски“, коишто со години стојат во состојба во која што се, односно нефункцинални. Така што, ќе има пет столба како што споменав на коишто ќе ги темелиме сите проекти коишто ќе бидат ветени во предизборната програма.
Во вашите претходни интервјуа кажавте дека ќе се фокусирате на повеќедецениски проблеми коишто ги има градот Скопје. Како ќе ги реализирате овие проекти, како ќе ги решите овие проблеми, имате ли некаков план како тоа да го постигнете?
Првенствено во градот Скопје немаме функционален систем, а од друга страна, за жал, немаме стратегија како градот треба да се развива. И тоа не е од денес, не е тоа од последниве четири години, тоа е децении наназад. Знаете зошто го велам тоа: ако ние имаме систем како целина којшто е функционален, тогаш нема да биде важно кој е менаџер. Ќе функционира градот можеби подобро или помалку добро, доколку станува збор за некој којшто е несоодветен за таа позиција, но никогаш нема да се случуваат пропусти какви што имаме денес, односно целосна нефункциналност, на градот особено на јавните претпријатија, како што е на пример Комуналната хигиена, како што е ЈСП Скопје. Ние генерално имаме целосно нефункционални јавни претпријатија. Ако ние имаме системи и ако имаме организација во градот, тогаш на долг рок, ќе бидат решени проблемите, и нема да се доведуваме во целосен колапс во кој денес е Скопје. Она што на градот му недостасува е стратегија пред се, стратегија од која што знаете каде почнувате, и каде треба да стигне градот за 5, 10, 15 и 20 години. И ирелевантно треба да биде во тој процес кој е градоначалник на градот Скопје. Ние никогаш не треба да ги доведеме граѓаните во состојба каква што се денес, а тоа се должи, повторно ќе споменам, на тоа што ние како град немаме една стратегија која што треба да функционира на долг рок. И тука во таа стратегија најмалку што треба да се меша е политиката.
Во разговорите со граѓаните откривте ли други проблеми кои не биле доволно застапени во јавноста или не дошле до израз во изминатите години а се исто така мошне важни?
Па генерално, работите коишто ги истакнуваат граѓаните не се нешто ново. Мене ми е жал, искрено, ете има состојби во Ѓорче Петров, ќе споменам, високата зона каде имаат проблем со недостаток односно притисок на вода, а има проект во градот Скопје којшто чини околу 2,5, – 2,7 милиони евра, што е нешто што не е тешко да се оствари, земајќи во предвид колкав е буџетот на Град Скопје. А тоа е повеќедецениски проблем за кој досега не се понудило решение. Ние имаме цели населени места во Ѓорче коишто имаат сериозен проблем, во 21 век, со водоснабудвањето, затоа што некој не сметал дека е приоритет да се заврши тој проект. Или имаме проекти за одредени депонии коишто се жаришта и триесетина години предизвикуваат сериозни штети за здрајвето на граѓаните, но и естетски не изгледа тоа добро во градот Скопје како што е депонијата во Гази Баба, Вардариште. Ние сите како скопјани, знаеме дека особено во доцна есен и во текот на зимата, таму постојано има пожари, постојано има проблем, кој се чувствува во Аеродром, се чувствува во Кисела Вода, се чувствува најмногу кај жителите во Гази Баба, но за жал нема постапување. Генерално исти се проблемите повеќе децении наназад во градот Скопје. И жално е кога доаѓаме во состојба дел од граѓаните да имаат одредена скепса и неверување кон тоа дали е возможно сето тоа да се реализира. Јас ги разбирам, затоа што повеќе од 30 години нашиот народ е лажен. Затоа што постојано се излегувало со едни исти ветувања, но немало никаков сериозен напредок. Затоа, за мене е многу важно програмата да се темели на реално, и реална изведба и имплементација на тие мерки и проекти во перспектива. Четири години бргу поминуваат. Јас во мојата општина имам над 90 проценти реализација. Многу е важно на крајот од денот кога ќе завршите со вашиот мандат, кога ќе застанете пред граѓаните, кога ќе треба отчетот да го дадете за сето она што сте го сработиле, а сте добиле поддршка од истите граѓани, да имате крената глава, и да имате сериозна реализација на она што сте го креирале како програма.
Кој ќе биде вашиот прв проект што ќе го реализирате доколку станете градоначалник на Скопје?
Значи не би рекол дека е проект, но прво што недостасува на нашиот град е да направиме една голема генералка, да се исчисти градот затоа што состојбата во која што се наоѓаме денес, не ја отсликува реалноста што ја сакаме ние како скопјани, нашата желба, и она што е нашиот главен град. За жал, последниве години Скопје е претворено во една голема депонија. Затоа, јас честопати тоа го говорам, на моите телевизиски гостувања, дека првата работа што ќе ја направам ќе биде генералка. И она што во првиот момент ќе треба да го решиме, е јавниот сообраќаен транспрот. Имаме план, имаме концепт. За многу скоро време, откако ќе ја преземам позицијата градоначалник на градот Скопје, ќе ги ставиме тие две работи во ред, односно тоа е и најголемиот проблем којшто го имаат и се соочуваат сите наши граѓани во изминатов период. Впрочем, најголем дел, најголем процент од граѓаните го истакнуваат ова како сериозен проблем, и нешто со коешто ќе треба од старт да се занимаваме. Затоа велам, од старт, веќе во првиот ден од моето влегување во градот Скопје, една голема генералка, чистење сериозно на градот. Нашиот град, ќе повторам, не заслужува ваков третман и ваков однос да има градот према граѓаните, но тоа се должи на несовесноста на оние коишто го водат. За нив не би сакал да коментирам. И вториот момент е средувањето на ЈСП Скопје, состојбите таму, и овозможување на услуги какви што заслужуваат нашите граѓани.
Ќе ги повикате ли граѓаните да помогнат, не да чистат во генералката, туку да помогнат со своето однесување во иднина?
Па, тука би споменал исто дека освен институционалната вина која што се јавува како сериозен проблем во изминатиов период, а е поврзана со нефункционалноста на Комунална хигиена, значителна улога има и еден мал процент од населението коешто се однесува несовесно. Јас постојано како градоначалник на мојата општина го правам тоа – ги повикувам граѓаните да ја третираме нашата животна средина соодветно, затоа што сите живееме тука, дишеме воздух нашите деца функцинираат, растат тука. Утре наши внуци ќе треба да живеат и да растат овде. Истото ќе го направам во град Скопје, но она што посериозно ќе го направам, тоа ќе биде казни за сите оние коишто несоодветно се однесуваат. На нашиот главен град освен што му недостасува генералка, освен што му недостасува функцоналност на јавните претпријатија, му недостасува и ред. Ние имаме хаос во главниот град, и тој хаос теба да се среди.
Интервјуто го правиме на ден пред распишување на изборите што треба да се одржат на 19 октомври. Тоа е првиот круг. На втори ноември се очекува да биде вториот круг. Од денешна гледна точка очекувате ли победа во првиот круг во град Скопје или можеби ќе влезете во втор круг и кој би бил вашиот противкандидат, доколку има втор круг во градот Скопје? Кои се вашите прогнози?
Јас искрено можеби сум секогаш преголем оптимист, но само кога отпимизмот го базирам на реални податоци. Јас во Кисела Вода имав пет противкандидати, па победив убедливо во првиот круг со повеќе од двојна предност. Ако ги земеме превид анкетите, истото го очекувам и во градот Скопје, земајќи предвид дека јас, иако сум од политичката партија ВМРО ДПМНЕ, целиот свој живот го имам таму поминато, јас функционирам инклузивно и граѓански. Така ја правам и програмата, така функционирам со мојот , така функционирам четири години, а може да забележите и изминатиов период дека луѓе од различни политички провиниенции се приклучуваат на мојот тим. Скопје е на сите скопјани, без разлика кој од која политичка партија доаѓа, без разлика на вера, без разлика на нација. Скопје е на сите на оние коишто го сакаат. И затоа и мојот тим е толку широк и искрено верувам заедно со тимот дека ќе постигнеме успех уште во првиот круг, односно дека ќе имаме сериозно водство во првиот круг. Верувам во таа силна поддршка од граѓаните, тоа се чувствува. Пулсот на граѓаните може најдобро да го почувствувате кога ќе бидете помеѓу нив. Од сите средби што ги имав изминатиов период, практично во секое населено место во главниот град, во секоја општина, може да се види желбата сериозна за промени, пред се, во главниот град, но и поддршката која што ми ја даваат граѓаните. Јас сум апсолутно свесен, уште кога сум влегол во политиката дека еден ден ќе треба и да излезам од политиката, и затоа многу внимавам во моите ветувања, а граѓаните знаат тоа да го препознаат. Го препознаа во Кисела Вода, и затоа и поддршката од тука ми произлегува најсилно, односно имам најголема поддршка од мојата матична општина. Но верувам и врз основа на резултите коишто ги дадов изминативе четири години за општината тука, дека тоа го препознаа и сите скопјани и ќе имам сериозна поддршка на ниво на град Скопје.
Каква кампања очекувате и каква кампања посакувате?
Политиката е натпревар на концепти и идеи во коишто сите ќе треба да ги понудиме најдобрите решенија за повеќедецениските проблеми на граѓаните. Јас не се занимавам со црни кампањи, ниту пак планирам такво нешто. Не знам во другите политички партии што планираат, но нели секој си одговара за своите постапки. Така што, тоа што ќе го правам наредниот период е нудење на решенија за проблемите. Тоа е она што ние политичарите треба да го правиме. Многу помалку да зборуваме, многу повеќе да работиме. И кога станува збор за кампања, треба ние да сме тие коишто ќе го обединиме народот истовремено, но и од друга страна ќе понудиме и добар концепт, и добар пристап, за во перспектива како ќе ги решаваме реалните проблеми на граѓаните. На никој не му значи ако кој било од нас коментира за минатото, за сегашноста, или за што било поврзано со некој политичар. Секој од нашите граѓани сака да живее во поубаво, во посредено и безбедно населено место. Ова последното, безбедноста на нашите граѓани, е една од суштинските работи. Така што, мислам дека нашите граѓани се презаситени, не само во Скопје, туку и во целата држава, од негативни, од црни кампањи, од разно разни обвинувања, дел вистинити, дел невистинити. Она што недостасува кај нашиот народ е реализација на проекти.
Интервјуто го правиме во Општина Кисела Вода. Вие сте градоначалник на оваа општина во изминатите четири години. Со кои проекти се гордеете?
Има повеќе проекти коишто ги сработивме. Еве ако тргнам од образование, сериозна гордост ми е тоа што сите училишта имаат фотоволтаици земајќи предвид дека пред две години имавме сериозен проблем со енергетската криза, и многу високи сметки. Сега веќе на моите наследници тоа нема да им биде проблем. Од друга страна, пак, градиме после сто години, ново ОУ во Драчево. Но правиме и паралелно и проширувања и доградби на неколку други основни училишта, за да може сите ученици во прва смена да ја следат наставата. Тоа е во делот на образованието. Ранците за првачиња, униформите за сите ученици. Тоа е нешто во делот на образованието коешто сметам остави сериозна трага од моето четиригодишно администрирање овде како градоначалник на општината. Подоцна десет објекти имаме во градинките, во предшколска возраст, и листите на чекање се сведени на нула. А состојбата која што јас ја затекнав кога станав градоначалник беше над 350 дечиња на листите на чекање. Можеби и повеќе околу 400, но генерално јас секогаш кажувам над 350 дечиња чекаа да бидат примени во градинките. Сега листата на чекање е нула во Кисела Вода. Тоа е една сериозна активност од наша страна, сериозна заложба. Јас не верувам дека се памети од постоењето на нашата држава до денес, во еден четиригодишен мандат да се доградат десет објекти, да се изградат нови, и да се адаптира простор којшто ќе биде наменет за дечињата од предшколска возраст. Подоцна имаме неколку спортски сали коишто ги отпочнуваме со градба. Едната е веќе отпочната во Кузман Јосифовски Питу, и уште две што ќе ги почнеме со градба. И во Пинтија изградивме спортска сала, а четири реконструиравме. Што значи дека обезбедивме за четири години достапност за спортски активности во сите основни училишта што е многу, многу важно. Кога сме кај здравиот живот и рекреацијата на младите, но и повозрасните, доста паркови се изградија во Кисела Вода, но и доста спортски терени, спортски комплекси. Мислам дека имаме повеќе од осум парка, а над десет спортски комплекси во Кисела Вода и терени со вештачка трева, повеќенаменски игралишта. Она што ми е како круна во мојот мандат, иако сега во моментов имаме над дваесеетина проекти, се над 70 километри асфалтирани улици. Околу 15 километри подземна инфраструктура, фекална водоводна мрежа, и атмосферска канализација, што е многу сериозна бројка или кумулативно, за еден мандат е направено колку претходно за четири или пет мандати. А, дијамант на круната во мојот мандат е салата Расадник. Таа беше руинирана и тука морам да се заблагодарам на Владата, на претседателот на Владата, господинот Мицкоски, за силната поддршка, а верувам и очекувам дека ќе имам таква поддршка и во водењето на градот Скопје. Тоа е еден од моите најдраги проекти, посебно што тоа е домот на Ракометниот клуб Вардар, таму се почетоците на РК Вардар. И на некоја од наредните седници пред да си одам, ќе направиме и договор и одлука на Совет во којшто повторно Вардар ќе го вратиме тука каде што му е местото, односно спортската сала Расадник.
Сниматели Срѓан Крстиќ
Андреј Бранковиќ
Фото Дарко Попов