Неда ДИМОВА ПРОКИЌ

Македонија е во чекор со се она што се случува во Европа и во светот. Кога е во прашање примената на 3Д моделите, она што ние го правиме тука го прават и најпознатите и најскапи болници во светот, најбогатите болници во светот, како што е Мејо клиниката, Кливленд клиниката итн, а резултатите ни се на еднакво ниво.

Ова во разговор за МИА го вели д-р Стефан Арсенков, абдоменален хирург во ЈЗУ Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, кој повеќе од две години изработува 3Д модели на органи, што служат за подготовка на хирурзите за посложени операции. Потенцира дека бенефитот од примената на оваа технологија е голем, а цената е релативно мала, при тоа се скратува времето на хируршкиот зафат, се намалува можноста од компликации, а секоја спречена компликација носи двојна корист – и за пациентот и голема заштеда за здравствениот систем.

Тој вели дека веќе престанал да брои колку модели има направено со помош на оваа технологија, ни раскажа за придобивките на овие модели, а освен во неговата област, абдоменалната хирургија, има изработено сложени 3Д модели што се употребени при подготовка на тешки операции на срце, како и имобилизатори на скршеници.

Арсенков за МИА откри ексклузивна информација за операција извршена во мај со помош на 3Д модел кај пациент со дефект на коска на черепот, заедно со д-р Миќун Миќуновиќ од болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, што досега, според него, не е направено во земјава.

За него, желбата за движење напред не е нешто што се плаќа со пари.

-Приказната почна од желбата да видиме што ќе се случи ако пробаме. Не знаевме ни дали ќе успееме првично, ниту какви резултати да очекуваме. Потребата на 3Д принтањето модели долго време е позната особено во максилофацијалната и во ортопедската хирургија, но во овој дел на меко-ткивната хирургија каде што не се работи толку со коски, добивањето на моделите од снимката малку е подолготраен процес и бара малку повеќе посветеност и тогаш кога почнавме, релативно ретки беа научните студии и написи во однос на тоа што би добиле. Почнавме се од желбата да видиме што ќе направиме ако земеме 3Д принтер и до каде ќе стигнеме, вели д-р Арсенков.

Тој ни појасни дека требало многу обиди за да се усоврши процесот, бидејќи, како што кажа, иако ние ја знаеме генералната анатомија на пациентите, секој од нас како од надвор, така и одвнатре сме различни. Вели дека има многу разлики во анатомијата од човек до човек и затоа ни е многу значајно да знаеме точно со што се соочуваме. Резултатите ги изненадиле по што сфатиле дека мора поупорно да се трудат за ова да стане почеста пракса.

-И еве нешто интересно што никаде претходно не е ниту кажано, ниту објавено, ниту на нашите социјални медиуми, еден интересен пристап што го направивме со колегата Мичо Мичуновиќ од „Св.Еразмо“ од Охрид, тој е неврохирург и имаше пациент со дефект во коската на главата во черепот којшто требаше да се поправи, рече д-р Арсенков за МИА.

Според него, достапните комерцијални материјали за масовна употреба и никогаш не можат да бидат идеално наместени како што е анатомијата на пациентот, а алтернативата како што се правела досега со материјалот наречен „полиметил метилакрилат“, како течност е и, вели, полека се стврдува како пластелин и некогаш колегите пробуваат со раце да измоделираат нешто колку може тоа да биде прецизно во зависност од можностите и талентите и прецизноста на секој, се е тоа нешто многу приближно.

-Направивме калап што помогна да го истуриме материјалот во него и да го добиеме обликот идеално што би го покрил дефектот на пациентот и да биде симетричен од двете страни, да нема разлика меѓу здравата и болната страна нешто што е невозможно да се постигне. Ова е нешто што досега мислам не е направено во државата. Пациентот беше повреден во сообраќајка, по што имаше инфекција но немаше фукционални нарушувања. Ние го направивме калапот за да биде идеално симетрично со другата страна, го добивме концептот, по што имавме увид како ќе изгледа формата за да биде задоволителен ефектот, ни раскажа д-р Арсенков.

Тој ни покажа како изгледало пополнувањето на дефектот и дека пациентот се чувствувал добро и според снимките се постигнала идеална симетрија на двете страни на черепот.

-Во таква незгодна регија единствен друг начин е да се побара да се изработи во фабрика некаде во светот имплант што би бил персонализиран за пациентот и би чинел сигурно, според моите пресметки барем 20 пати повеќе. Така што ова е последно што го направивме од мај месец резултатите беа прекрасни и убеден сум дека за првпат се случува таков тип на корекција со таков тип на имплант кај нас – изработен персонализиран за пациентот, а сепак изработен со условно кажано комерцијално достапни материјали, нагласува Арсенков.

Поголема успешност на хируршките зафати со 3Д модели, особено за малигни заболувања 

Д-р Арсенков истакнува дека според неговото искуство, не само што успешноста е поголема, но дека многу важно е што овој пристап е побезбеден. Вели дека кога работи со ваков модел е многу посвесен за сите структури и оти со многу поголема сигурност како хирург ги избегнува сите комликации.

-И фактот дека на сите операции што сме ги употребиле моделите досега не сме имале комликации од аспект на несакана повреда на органи или некоја голема повреда на голем крвен сад со крварење кај пациентот, тоа говори дека е навистина успешно и ефикасно. Битна е не само подготвеноста, туку и самодовербата што ни ја дава овој тип на подготовка, затоа што сме спремни да се нафатиме на случаи и да преземеме лекување пациенти кои можеби претходно и не би биле сигурни дека ќе можеме да го направиме, тоа е друг аспект, посочува тој.

Вели дека заедно со неговиот колега Валон Салиу со помош на ваков модел успеале да направат ресекција на црн дроб, кај нив, како што вели, во установа каде што ова не било правено години наназад.

Во однос на тоа колку време му е потребно да изработи еден ваков модел, тој вели дека тргнува од принципот никогаш третманот на пациентот да не трпи заради изработката на моделот.

-Ако операцијата треба да се изврши за покус временски период, може да кажеме дека е прекратко времето за да го изработиме моделот, но генерално можеме од 24 до 48 часа од добивање на снимките да имаме готов модел. И не се случило досега да треба некоја операција да се одложи заради правењето на моделот, појаснува тој.

Вели дека овие модели не се прават за рутински операции, затоа што за најчестите секојдневни операции е и трошок и време и ангажман, и бенефитот би бил веројатно помалку воочлив. Но, за секоја покомплицирана операција, операција на панкреас, желудник, црн дроб, за комплексни скршеници, кога има потреба ги прават тие модели.

-Имаше пациент кого бевме спремни да го оперираме, млада жена со промена на тенкото црево, и го направивме моделот. Во моментот кога го видовме моделот со колегата увидовме дека тоа е многу поризично одошто мислевме гледајќи го на компјутер. Разговаравме со пациентката и и објаснивме дека нејзината состојба постои, но не е толку сериозна за да бара толку ризичен оперативен третман, и пациентката се согласи на друг тип на неоперативно менаџирање со состојбата. И колку што знам сега за сега се е добро со пациентката. Таа беше многу среќна и и беше јасно објаснето за да ја види состојбата и беше активно вклучена во процесот на носење на одлуката. Така што и тоа е еден бенефит од моделите, посочува д-р Арсенков.

Според неговото искуство, има пациенти кои сакааат детално да ги видат моделите дури сакаат и да ги зачуваат за спомен, а има и такви кои не сакаат ништо да знаат.

-И во тој аспект има бенефит, затоа што според мене комуникацијата меѓу лекарот и пациентот е важна како ќе оди текот на операцијата. Без разлика колку е тешка операцијата и постоперативниот период, ако имаме соодветна комуникација со пациентот, се поминува многу полесно. И кога пациентот има доверба во третманот и во лекувањето е многу полесно и моето искуство и научни истражувања кажуваат дека кај сите пациенти овој начин на објаснување и комуникација го сметаат за најлесно разбирлив и најефикасен кога зборуваме за одредено лекување на комплицирани состојби, објаснува тој.

Д-р Арсенков вели дека една од придобивките е и праксата на студентите на вакви модели, бидејќи колку и да гледаат на слики и видео, не е исто.

-Студентите организираат Интернационален студентски конгрес на кој ме повикаа да одржам работилница за употребата на овие 3Д модели, и една од целите на таа работилница е и самите студенти да увидат колку е полесно и појасно да се учи анатомија вака, наспроти дводимензионална анатмонија од книга, затоа што така сме учеле сите и на сите ни се случува првпат како студенти кога ќе влеземе во операциона сала сите велиме, „не го замислував ова вака“. Колку и да го гледам на видео и на слики, никогаш не е исто, а најбилското нешто до она што е реалната позиција, поставеност во однос на органи, е тоа што го гледаме на овие модели, рече Арсенков.

За да може да бидеме пионери, предводници во примена на оваа технологија потребна е институционална поддршка од сите страни

За да ова биде возможно, според д-р Арсенков, прво е потребна поддршка од сите страни, затоа, вели, во моментов само тоа недостасува, а се друго имаме – идеи имаме многу, ентузијасти, колеги желни за работа.

-Секоја недела добивам повик од некој колега кој има идеја како да го искористи ова на нов и интересен начин и тоа говори дека општо колегите и целокупната медицинска фела во Македонија се многу желни за напредок и за иновација и за новитети, но искрено работите не се одвиваат со онаа брзина со којашто би сакал – од секаков аспект и од финансиски и од законодавен и од логистички, оценува тој.

Вели дека оваа технологија е релативно нова од моментот кога се донесени последните законски измени и не е ниту споменато во претходниот закон.

-Ние како 3DLoomи јас стоиме на располагање за да помогнеме сето тоа да се стави во таа легална рамка, за да може што повеќе да се користи. Прво, заштеда во морбидитет, односно во болести кај пациентот, односно она што повлекува дополнителни финансиски средства. Докажано е дека секое 15-минутно продолжување на времето на операцијата носи 13 отсто поголем ризик од инфекција а ако успееме половина час од операцијата да скратиме заради имање на модел сме намалиле шанса за инфекција и колку сме ги намалиле шансите за тој пациент да троши скапи антибиотици, материјали…, појаснува Арсенков.

Според него можеме да бидеме лидери особено, вели, затоа што сме во чекор со сите најнови достигнувања затоа што активно ги следам тие трудови и објави и можам со гордост да кажам дека моделите што ние ги изработуваме тука се не само слични, туку во некои делови можеби дури и подобри од оние што ги гледаме во поразвиените земји.

-И навистина сум горд кога ќе ги видам моделите што ги објавуваат и се фалат, сме на апсолутно истото ниво со нив, а го правиме тука, од Скопје, потенцира Арсенков.

Истакнува дека имаат разговори за соработка со колеги од Хрватска, Албанија.

-Јас не сум слушнал за компанија, фирма, стартап што рутински ги изработуваат овие модели во поширокиов регион. Секојдневно се појавуваат нови извештаи и нови научни написи за тоа колку е корисно за тоа да се употребува и затоа сум убеден дека некогаш ќе стане стандард и пракса. Од нас зависи колку сакаме да сме напред во тој дел и колку сакаме да ги следиме трендовите за десет или 15 години. Се уште имаме човечки потенцијал, зборувам од аспект на стручност кај сите колеги, вели тој.

Како ко-основач на компанијата 3DLoom и како започнала таа приказна, вели дека тоа е нешто што произлегло од нивната досегашна работа.

-Целта ни е да се најде начин да се доближи оваа технологија до што повеќе лекари а со тоа и до пациенти, за да може најголем дел од пациентите да ги искористат придобивките на технологијата. И другата работа што ја развиваме се уште се имобилизации кои се една подобрена верзија на традиционалната имоболизација и затоа и ја основавме3DLoom. Најпрвин целта не ни беше да основаме фирма туку целта ни беше да видиме што можеме да направиме како да придонесеме на научно-медицинско поле, но беше нужно да се случи 3DLoom за да можеме да функционираме, објаснува Арсенков.

Вели дека нивните модели биле претставени на штандот на Македонија на светскиот ЕКСПО во Јапонија, исто така и во Америка на Селект Ју-ес-еј Самит каде што пред тамошните инвеститори економски оператори била претставена нивната компанија.

Прв хирург во земјава кој ја изведе првата операција со користење технологија на виртуелна реалност

Пред неполна година, д-р Арсенков беше првиот хирург кој ја изведе првата операција потпомогната од технологија за виртуелна реалност.

-Идејата дојде на истиот тој принцип да видиме што можеме да направиме кога работиме лапароскопска операција со една камера ја гледаме сликата на монитор. Тој монитор во салата не секогаш може да биде поставен на идеалната локација каде што ви треба. Но не смее да трпи во однос на бенефитот на пациентот и гледаме на страна или горе или некогаш треба и да се свртиме во тек на операцијата… И таа идеална локација на мониторот скоро секогаш е невозможна, затоа што треба да биде пред мене за да работам во истиот правец каде што гледам, а тука ми е пациентот, вели тој.

Појаснува дека прво му било важно да докаже дека операцијата не трае подолго и не е покомплицирана.

-И тоа се докажа, операцијата се заврши за 45 минути. Беше потребно многу да ги извежбаме сите безбедносни протоколи за да знаеме како би продолжиле, и нормално, беше предизвик да се донесе сликата од камерата во очилата на начин на којшто нема да има доцнење на сликата, да не се случи некаква грешка. За тоа беа потребни неколку месеци тестирање и вежбање и пробување, но откако се уверивме дека може да се работи симулациски, може и движењата да се целисходни адекватни, нема доцнење, сликата е како што треба, се решивме да го направиме тоа, вели тој.

Следен чекор, вели Арсенков во разговорот за МИА, би било да направиме една посериозна серија на случаи за да може и да се објави и докаже дека е тоа така, и мислам дека би имало огромен бенефит особено во ситуациите каде што мора да работиме во некоја принудна положба.

Според него, за операции на дебело црево, желудник па и на црн дроб кои знаат да траат со часови, бенефитот би бил многу подобар и многу поголем особено во ситуација кога треба неколку пати да се промени позицијата на екранот.

Вели дека до моментот кога ја извршил оваа операција, во светски рамки прочитал за два вакви случаи – еден во Индија и еден во Чиле.

-Тоа беше голем чекор за мене затоа што навистина беше нешто што е ново. И со експерти од технологијата што разговарав првото прашање беше како го решивте доцнењето. Тоа е заслуга на другиот основач на 3Д Лоом Огнен Плавевски кој е задолжен за техничкиот дел но и за тоа ни беше потребно месеци работа, начини, поврзување, мерења.., појаснува Арсенков.

Еден од најсложените зафати што го извршил со 3Д моделот е операцијата на рак на панкреас

Според д-р Арсенков, по дефиниција многу сложени се операциите на панкреас.

-Дури има и една поговорка „Господ го сокрил панкреасот позади другите органи, за да хирурзите не го чепкаат“. Кога завршивме со една операција со рак на панкреас, јас бев доста подготвен заради моделот, постар хируг од моето одделние рече дека тој не би можел да го извади туморот и би го прогласил за неоперабилен. Така што, тоа беше едно големо признание. И неколку операции на црн дроб што ги направивме кои беа исто така захтевни и тешки можеби една оперција на тумор на жолчните патишта која ја правевме заедно со колегата Салиу за која беше прашање и дали ќе можеме да ја изведеме, а ја изведовме како да сме направиле десет такви претходната недела, заради тоа што бевме добро подготвени и поради тоа воопшто немаше некаква нејаснотија во текот на операцијата и се беше како што треба, вели Арсенков.

Ни раскажа и за сложена операција извршена со помош на 3Д модел на срце на Клиниката за кардиохорургија на барање на д-р Папестиев.

-Доктор Папестиев ми побара еден модел да направиме на сложена срцева маана. На еден пациент требаше да му се направи повторно операција и многу значајно беше кога отидов после некое време кај него во канцеларија го видов моделот пресечен на неколку места и ми кажа дека благодарение на моделот го променил пристапот и после операцијата ми се јави и ми кажа дека се било исто како на моделот и дека точно знаел да го реши проблемот, вели тој  и раскажува дека толку многу време и внимание посветува на овие модели што се сеќава и на приказните за пациентите.

Арсенков верува дека во Македонија оваа метода би можела да има широка примена.

– Пред десетина години кога почнував беше незамисливо дури и исклучително чудно да се прави КТ на пациент за кој се сомневаме за постоење на слепо црево. Денес без да се докаже тоа со КТ е нечуено да се влезе во сала да се оперира пациентот. Погледите и ставовите се менуваат и праксата во медицината и тоа е еден многу краток период од десет години во кој се занимавам со хирургијата. Така што верувам дека и ова ќе си најде примената со тек на време и ќе почне многу пошироко и поапликативно да се користи, не е само за исклучително тешките случаи коишто еднаш во кариерата се соочуваат хирурзите туку и за почестите но покомплицирани случаи за да може максимално да се биде спремен, вели тој.

Посочува дека уште поголема примена би имале 3Д принтаните имобилизатори за скршеници на екстремитетите, кои чинат од 50 до 100 евра.

-Тука бенефитот е очигледен, на сметка на широко употребуваниот гипс. Имаме изработено неколку тест случаи досега и пациентите се многу задоволни. Може да се аплицира физиотерапија со електроди низ отворите, што е докажано дека ако се аплицира во првите недели од скршеницата многу го збарзуваат заздравувањето. Тоа не е возможно со гипс затоа што не може да се допре кожата, треба да се чека пет до шест недели. И од ова бенефитите се огромни до тој степен што на конференцијата на МАСИТ во октомври поканивме еден професор по хирургија од Америка, Орландо, кога му го покажавме ова се зачуди зошто ова не ни е секојдневие. Човекот ја има напишано книгата Digital Surgery, автор во светски рамки, познат и признат и тој беше вчудовиден зошто ова не е секојдневна практика, и ме покани во Америка, за да го презентирам, наведува Арсенков.

Според д-р Арсенков скрининг програмите треба да се поефикасни за сите болести за навремено откривање малигни заболувања

Д-р Арсенков го прашавме дали според негово мислење и секојдневна практика, смета дека има забележителен пораст на малигни заболувања во земјава. Вели дека превенцијата и скрининг програмите треба да се поефикасни за сите болести за навремено да се откријат овие болести.

-Иако би било неодговорно така да се тврди, паушално, мојот впечаток е дека има зголемен пораст можеби не толку пораст во самата бројка, туку има намалување на возраста на овие пациенти. И тоа е нешто што е загрижувачко. Загрижувачки е тоа што порано ако пациент на 40 годишна возраст со малигно заболување беше еден случај годишно и се раскажуваше цела година, сега ги имаме еден месечно, вели Арсенков.

За да може тоа тврдење да биде земено сериозно, појаснува, треба да се направат длабински анализи.

-Тука доаѓа и еден аспект којшто често го занемаруваме, а тоа е подобрената дијагностика и забрзаната дијагностика на тие болести, и затоа и се откриваат голем број на случаи. Не можам да кажам на што се должи тоа, секој тумор, секој рак е посебна биологија и е болест сама за себе. Генетиката е само потенцијал, дали тој потенцијал ќе биде искористен или не зависи од сите други фактори и навистина е разочарувачки што има толкав број млади луѓе со малигни заболувања во државата, не можам да кажам за во светот, бидејќи не практикувам медицина надвор. Треба да се работи на превенција, скрининг, коишто се докажани методи во светот и мислам дека мора да имаме многу активни и ефикасни скрининг програми за сите болести бидејќи сепак се работи за многу мала земја со мал број жители, оценува тој.

Според него, треба подобро да се искористи системот на „Мој термин“ кога се прават статистики и стратегии за превенција на болести за во иднина.

-Имаме еден голем бенефит што во многу развиени земји го нема, е што имаме централизиран систем за електронско здравство, „Мој термин“, што ги содржи сите релевантни податоци за пациентите, но бенефитите од имање на еден таков систем за  којшто  единственото нешто што е потребно е матичен број, навистина не ни се адекватно искористени. Такво богатство од податоци кои се навистина реткост во светот да ги имаме на ниво на цела држава, ни стои неискористено, а тие податоци и истражувања се користат за понатаму да се прават политики за јавното здравје. Навистина имаме огромен потенцијал што е неискористен, заклучува д-р Арсенков во разговорот за МИА.

Фото: Дарко Попов