Неколку раритетни наоди движен археолошки материјал, како и остатоци од архитектура – куќа со печка во внатрешнста и уште една структура која можеби служела за чување житарици, се откриени во најновите систематски археолошки истражувања во неолитската населба Тумба Маџари во населба Ченто во општина Гази Баба. Покрај нив, пронајдени се и нови фрагменти од познатитите керамички скулптури со претстава на Големата Мајка по кои е познат овој локалитет на безмалку осум километри од центарот на нашиот главен град.
Скопје е меѓу ретките градови во светот кој на својата територија има археолошки локалитет од младото камено време – неолитот, од почетокот на 6-от милениум пр.н.е., односно пред 8000 години, и каде што постојат оптимални услови за научни и едукативни активности, како и за културен туризам.
Истражувајќи нова површина на околу 110 квадратни метри во периодот од 17 јуни до 7 август, тимот археолози, под раководство на м-р Елена Стојанова-Канзурова, ги откриле новите наоди за кои таа, во разговор за МИА, вели дека се исклучителни. Проектот е дел од годишната програма за работа на Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје и, како во минатите години, поддржан е од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес во културата.
Раритетни предмети од секојдневието на неолитскиот човек
-Истражувачката сезона започна со откривањето на еден нов археолошки предмет, веројатно со култна намена, кој претставува симбиоза на тело на животно со тело на човек – жена, со конусен реципиент на грбот (зооантропоморфен жртвеник). Следен наод, кој уште повеќе ги фасцинираше археолозите, и во моментов е загатка, е керамичкиот сад кој на прв поглед потсетува на птица. Но, и во овој предмет, вештиот неолитски грнчар, создал уште една уметничка симбиоза, овој пат меѓу тело на птица со лице на човек, веројатно на жена, која многу потсетува на изведбата на лицето на познатите керамички скулптури – големите мајки, изјави Стојанова-Канзурова – археолог, кустос советник во Археолошкиот музеј.
Садот што потсетува на птица го откриле во фрагментирана состојба. Тој се издвојува, вели таа, и по разновидните сликани орнаменти „во форма на ромбови, правоаголни и брановидни линии, пердуви, фризура, а на предната страна на вратот, нејасно се наѕират контури кои наликуваат на човечко тело“.
-Не помалку вредни се и прекрасниот пехар со сликани темни орнаменти, амфора, минијатурни керамички женски фигурини, фрагменти од предмети, познати во археологијата како жртвеници од типот масички, фрагменти од садови за разни секојдневни намени, камени и коскени алатки, накит и, секако, нови фрагменти од познатитите керамички скулптури со претстава на Големата Мајка или во археолошката наука именувани уште како и антропоморфни модели на куќи, појаснува раководителката на истражувањата во Тумба Маџари.
Во секоја истражувачка сезона на овој археолошки локалитет се откриваат керамичките скулптури познати како претстави на Големата Мајка. Со својата уникатна ликовна интерпретација, посочува Стојанова-Канзурова, тие ја издвојуват материјалната култура на оваа населба, но и другите неолитски населби во Скопската Котлина во групата Амзабегово-Вршник, и останатите неолитски култури на Балканот и пошироко.
Големата Мајка – заштитен знак на Скопје
-Комерцијалните копии на овие уникатни археолошки предмети се меѓу најпопуларните археолошки сувенири кај пошироката публика. Големата Мајка е заштитен знак на општината Гази Баба, градот Скопје, манифестацијата „Скопско лето“. Во чест на Големата Мајка, во општината Гази Баба секоја година се организира Конкурс за доделување награди на заслужни физички и правни лица во сите општествени сегменти. Овие комерцијални копии може да се купат во сувенирниците на Музеј на Македонија, Археолошкиот музеј, како и во други музејски продавници во Скопје, вели нашата соговорничка.
Таа го раководеше истражувањето на тимот кој речиси два месеца летово трагал по нови откритија на локалитетот кој систематски се истражува скоро педесет години.
– Најголемиот дел од стручниот тим го сочинуваат археолозите од Археолошкиот музеј: д-р Перо Синадиновски, м-р Буњамин Џемаиљи, Благоја Китановски, Јовица Ристов, Марија Видеска, архитект, Перо Кованцалиев, конзерватор и Тони Митрев. Како надворешни стручни членови се м-р Сашко Василевски, археолог од Кавадарци и Наталија Марчевска, апсолвент по археологија од Битола. За жал, поголемиот дел од овие стручни лица со години не се вработени, и периодично се ангажирани на определено време во институциите, додава раководителката на најновото истражување.
Постоењето на населба од младото камено време – неолит во рамките на Анзабегово-вршничката културна група е констатирано во 1978 година при првото археолошко истражување во Тумба Маџари што го организирал Музејот на Македонија. Оттогаш до 2013 се извршени обемни археолошки истражувања и се откриени остатоци од неколку куќи со богат и уникатен археолошки материјал.
Кога во 2014 Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје го наследи Одделот за археологија во Музејот на Македонија, продолжи да се грижи за овој локалитет во рамките на неговите годишни програми за работа.
Во неолитската колекција на Археолошкиот музеј доминираат наоди од Тумба Маџари
Денес во постојаната музејска поставка на Археолошкиот музеј во Скопје, вели Стојанова-Канзурова, најголемиот дел од презентираниот археолошки материјал од неолитската колекција е токму од Тумба Маџари.
-За жал, најголемиот дел од локалитетот е уништен по скопскиот земјотрес во 1963 со изградбата на нови куќи, згради, СОС Детското село, трафостаницата на ЕСМ. Мал дел од зачуваната површина на локалитетот денес се наоѓа во границите на катастарските парцели за кои како носител на правото на сопственост е Република Македонија. Поголем дел од зачуваната површина на локалитетот денес се наоѓа во катастарските парцели кои се во приватна сопственост. После неколку децении, неодамна на локалитетот му беше отстапена нова површина за понатамошни археолошки истражувања – компанијата „ЕВН Македонија“ му отстапи на Археолошкиот музеј сопствена парцела од 6198 квадратни метри за долгорочно истражување, која се наоѓа во границите на културното добро – локалитетот Тумба Маџари. Оваа година беше потпишан и меморандум за соработка меѓу општина Гази Баба и Археолошкиот музеј, со што се официјализираше долгогодишната поддршка на оваа општина за Тумба Маџари, вели за МИА раководителката археолог.
Нагласува дека и покрај организациските и кадровските проблеми, во Неолитското село во Тумба Маџари се реализирани многу едукативни и културни настани и, вели, е омилено место за посета од домашни од странски гости откако во 2008 година беше изградено Неолитското село како музеј на отворено. Тоа придонело дополнително да се промовираат културните вредности на младото камено време – неолитот.
-Но, и да се развие чувството за валоризација на нашето најстаро културно наследство во Македонија кај пошироката јавност. Во изминативе години во Неолитското село Тумба Маџари се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура. Во нивната внатрешност преку копии на разновиден движен и недвижен покуќнински инвентар, како и сцени од секојдневниот живот, е направен обид за реконструкција на дел од животот на неолитскиот човек кој живеел на овој простор пред 8000 години. Неолитското село е добитник на неколку награди за значајни остварувања во областа на културата, посочува Стојанова Канзурова за МИА.
Хатка Смаиловиќ
Фото: Археолошки музеј на Македонија – Скопје