Најмалку 20 лица загинаа, а 134 се повредени во експлозијата од непознато потекло што во петокот беше регистрирана во фабрика во рускиот Рјазански регион, јавија британските медиуми, повикувајќи се на локалните служби за итни случаи.

Гувернерот на регионот Рјазан, кој се наоѓа југоисточно од Москва, Павел Малков, изјави дека инцидентот е предизвикан од пожар што избувнал во фабриката.

Меѓутоа, руските медиуми сè уште не ја објавија причината за пожарот или што се произведувало во фабриката.

Официјалните руски извори не дадоа повеќе информации од бројот на жртви.

„ Дваесет лица загинаа како резултат на вонреден инцидент“, напишаа локалните служби за итни случаи на апликацијата Телеграм.

„Повредени се 134 лица, од кои 31 пациент се во болниците во Рјазан и Москва, а 103 пациенти се на амбулантско лекување“, се прецизира во информацијата на службите за итни случаи.сд/

фото: архива