Предлогот за одржување билатерална средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој беше дискутиран за време на средбите во Белата куќа, наиде на воздржан одговор од Москва, објавува Си-Ен-Ен во својата анализа.

Рускиот претседателски помошник Јуриј Ушаков изјави дека за време на разговорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер била разгледана можноста за подигнување на нивото на претставници на двете страни, без конкретно да наведе дека средбата може да се одржи на највисоко ниво.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија не исклучува никаков формат на преговори, но нагласи дека „контактите на највисоко ниво мора внимателно да се подготват“.

И покрај најавите од Вашингтон, во Москва нема потврда за подготвеност за директни преговори меѓу Путин и Зеленски, објавува Си-Ен-Ен.

Руските претставници укажаа на потребата од исполнување на одредени предуслови, вклучително и одржување избори во Украина, пред да може да се склучи каков било мировен договор.

Претседателот Трамп изјави дека започнал подготовки за средба меѓу лидерите на двете земји, но подоцна нагласи дека конечната одлука ќе зависи од самите страни во конфликтот.

Според аналитичарите, руската страна би можела да предложи продолжување на разговорите во Истанбул со учество на високи функционери, но конкретни отстапки сè уште не се на повидок.

Во исто време, интензитетот на руските напади врз украинска територија повторно се зголеми, што укажува на продолжување на воениот притисок како средство за дипломатскиот процес.