Поетите го менувале и сѐ уште можат да го менуваат светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства, заклучи вечерва претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, прогласувајќи ги за отворени 64-те Струшки вечери на поезијата.
Во обраќањето на манифестацијата, чиј годинашен покровител е, пред поетите, но и бројните критичари, преведувачи, литературни соработници и љубители на поезијата, од, како што рече, македонската и светска престолнина на поезијата, изрази надеж дека по 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, Струга, но и светот ќе бидат поинакви.
Според неа, живиот збор беше и остана моќно и делотворно оружје.
-Речта може да нѐ соочи со вистината, да ни ја разбуди совеста, да ни ја поттикне хуманоста, да ни ги исцели раните, да ни ја ослободи имагинацијата, а со тоа, поттикнувајќи активност, да ја промени реалноста. Живиот збор, поетскиот збор, учи, преобразува. Во него лежи и од него извира силата на поетската република, на Струшките вечери на поезијата, нагласи претседателката на државата.
За оние кои не веруваат во силата на зборот, ги потсети дека на почетокот беше речта, а потоа забранетите книги.
-Меѓу нив е и АБЕЦЕДАРОТ, издаден во 1925 година, пред 100 години, во Атина, под притисок на Лигата на народите, којшто бил веднаш запленет и уништен, токму поради моќта на зборовите да го оживеат македонскиот јазик и идентитет кај децата – Македонци. Или, сетете се на браќата Миладиновци, но и на другите преродбеници, коишто самопрегорно ги собирале и ги запишувале народните зборови, песни, обичаи, гатанки и приказни за да ги зачуваат од заборав и исчезнување. Ако зборовите немаат моќ, зошто моќниците од секоја историска епоха се обидувале да ги контролираат нив и нивните творци, од Овидиј, па до Лорка, подвлече Сиљановска-Давкова.
Струшката поетска приказна, според неа, е најдобриот пример и модел на Делчевиот културен натпревар меѓу народите, особено, како што потенцира, актуелен во ова ужасно конфликтно и воено време.
Претседателката се наврати на историјатот на содзавање на Струшките вечери на поезијата во далечната 1961 година, кога група македонски поети се собрале во Струга, за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци. Покрај традиционалните настани, го поздрави и враќањето на најважните белези на Струшките вечери на поезијата: читањето кај споменикот на „Свети Климент“ во Охрид, поетското пловење и рецитирање во Свети Наум и поетското матине во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“.
Струга и Струшките вечери на поезијата, за министерот за култура и туризам Зоран Љутков, се место каде што времето се смирува, а минатото и сегашноста се спојуваат во ритамот на поетскиот збор.
-Тоа е срцето што чука низ реченици, гласот на светот што одекнува на сите јазици, без разлика на боја, вера, јазик или потекло. Тука, покрај Дрим, поетите не се гости, туку домаќини, а стиховите не се странци, туку браќа што се препознаваат меѓу себе. И секоја година фестивалот сведочи дека поезијата е вечна, а зборот најмоќниот мост меѓу луѓето, културите и времињата, истакна Љутков.
Ова издание на фестивалот, нагласи, е осветлено од знакот на глаголицата, писмото што ни ја подари светлината на словото.
-Таа е нашата културна душа, сведоштво за нашата историја и наша врска со иднината. Затоа, во годината кога одбележуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, со особена гордост се навраќаме кон првата искра, кон буквите што се претворија во корен, идентитет и вечност, додаде министерот.
Поезијата и глаголицата, нагласи, се како два извора што паралелно течат низ времето, едниот нѐ потсетува на корените, другиот нѐ води кон бескрајот.
-Во секој стих, како и во секој глаголски текст, се крие светлина што ги осветлува нашите души и ги поврзува со сите генерации. За нас е голема чест што е вечерва со нас Иван Штрпка, легендата на словачката поезија и мајстор на зборот, кој потенцира дека „глаголицата не е само писмо, туку душа на зборот“, рече Љутков.
Директорот на националната установа Манифестација „Струшки вечери на поезијата“ Никола Кукунеш истакна дека неслучајно визуелниот фокус на годинашното издание е ставен на глаголицата и оти неслучајно е нагласувањето на буквата „Г“, која во тоа писмо е именувана како „глаголи“ – што значи зборува/говори.
-Пред нашите очи, со сиот свој пркос, се појавува сликовната страна на старословенскиот јазик – јазикот кој го зборувале Македонците од околината на Солун, т.е. јазикот на сесловенската писменост. Јазикот за кој како по зрак светлина или душевна храна пекале Словените во Моравија и Панонија, истакна Кукунеш.
Потсети дека во еден од првите оригинални текстови на старословенски јазик, „За буквите“ – поптпишан со псевдонимот Црноризец Храбар, стои: „Порано Словените немаа букви, туку се служеа со рески и цртички, читаа и гатаа…“ Сѐ до оној момент кога браќата Свети Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ги превеле првите книги и тргнале да ги описменат Словените на север.
Нагласи дека јазичната и културната врската меѓу Македонија и Словачка е нераскинлива цели 1162 години, а доказ за тоа е годинашниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата„ – словачкиот поет, Иван Штрпка.
Манифестацијата почна со палење на Фестивалскиот оган и читање на антологиската Т`га за југ на Константин Миладинов, а продолжува со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.
Во духот на традицијата, претпладнево во Паркот на поезијата беше засадено дрвце во чест на добитникот на Златен Венец, Иван Штрпка.