Подготвени сме да ги завршиме тешките реформи – и веќе тоа го правиме. Со тоа јасно го демонстрираме стратешкиот правец во кој се движиме. Но време е и Европската Унија, нејзините институции и земји-членки, да покажат подеднаква посветеност на нашиот европски пат, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во интервју за NewsMax Balkans, во кое зборува за европската интеграција на државата, регионалните прашања, членството во НАТО, партнерството со ЕУ во сферата на безбедноста и одбраната, како и за странските инвестиции.

Тој нагласи дека Владата е посветена на европската интеграција преку спроведување на реформи и исполнување на мерливи критериуми што самата Унија ги поставила, но дека е потребна одлучност, фер пристап и предвидлива патека за напредокот на земјата и додаде дека државата црвсто стои  на своите стратешки приоритети членството во НАТО, посветеноста на патот кон Европската Унија и стратешкото партнерство со САД.

Министерот се осврна и на членството во НАТО и придонесот на државата кон регионалната, европската и глобалната безбедност, вклучително и преку Партнерството за безбедност и одбрана меѓу Македонија и ЕУ,  договорите за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и Унгарија.

Во делот на економијата, шефот на дипломатијата истакна дека според најновите статистики,  Македонија е лидер во регионот и во Европа по обем на странски инвестиции во однос на БДП.

– Граѓаните и бизнисите сакаат резултатите да ги почувствуваат и на терен. Најчесто бенефитите од големите инвестиции се видливи по шест месеци до една година, преку нови и подобро платени работни места, зголемена продуктивност и соработка со домашни компании, вели Муцунски.

Тој посочи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во координација со Дирекцијата за ТИРЗ, работи на обезбедување сигурност и поддршка за странските инвеститори, со крајна цел граѓаните да го почувствуваат ефектот на инвестициите во нивниот животен стандард.

– Ветувам дека ќе работиме уште посилно за да се позиционираме уште подобро во следното мерење наредната година, истакна министерот Муцунски.

Нагласувајќи дека државата активно работи на проширување на нови пријателства, без да ги запостави клучните стратешки приоритети, тој се осврна и на новите договори за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и Унгарија, како и на партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија.

– Имав историска можност заедно со министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство да ја потпишам Заедничката декларација за стратешко партнерство. Во рамки на овој процес, беше потпишан и договор меѓу двете влади – документ со историско значење поради неговиот обем и содржина. Благодарение на овој договор, ќе се реализираат клучни инвестиции во неколку значајни сектори – меѓу кои се Коридорот 10, здравствениот систем и дигиталната инфраструктура, рече Муцунски.

Посочи дека преку ова партнерство, државава воспоставува ново ниво на соработка со Обединетото Кралство, а резултатите – како во безбедносна, така и во економска смисла – ќе бидат брзо видливи.

Тој го спомена и партнерството со Унгарија, како израз на пријателска поддршка која веќе резултира со конкретни инфраструктурни проекти во голем број општини, значителна финансиска помош за државата и директна поддршка за македонски компании.

– Го потпишавме и Договорот за партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија. Веќе се реализира првата поддршка – Министерството за одбрана доби 20 милиони евра за набавка на различни типови на опрема важна за одбраната и безбедноста на државата. Како Влада, активно работиме на проширување на нашите меѓународни пријателства, но без да ги запоставиме нашите темелни приоритети: членството во НАТО, патот кон полноправно членство во Европската Унија и стратешкото партнерство со САД, кое претставува клучна гаранција за стабилноста на регионот, нагалси Муцунски во интервјуто за NewsMax Balkan.

Фото: МНРиНТ