На денешниот настан, Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“ свое обраќање  на панел дискусијата имаше градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски  и наведе што е реализирано изминатите години, кои се инвестициите кои се направени за општината, истакнувајќи ги трите индустриски зони, изградбата на нови училишта, детски градинки, фудбалски стадиони, забавни паркови како и велосипедска патека.

„За да бидеш успешен градоначалник треба да имаш визија за својата општина, таква приказна имав јас за општина Петровец. Направивме три индустриски зони од кои најголемата зона Чојлија со 230 хектари, тука имаме некаде околу 170 инвеститори како странски така и домашни и заедно со Илинден сме водечки општини по влезот на странски и домашни инвеститори. Со отворањето на зоните го решивме проблемот со вработувањето во нашата општина го решивме финансискиот проблем со општина Петровец, продолжуваме да инвестираме во сите населени места имаме 17 населени места немаме населено место каде што немаме водоводна мрежа или канализациона мрежа, изградивме локални улици со бекатон и со асфалт , изградивме нови училишта, детски градинки во тек е изградба и на трета детска градинка, со што трајно го решаваме проблемот со упис на деца, изградивме нова општинска зграда ги подобривме услугите, изградивме четири фудбалски стадиони за натпревари во втора лига, детски забавни паркови и  велосипедска патека“, рече Митевски.

Градоначалникот истакна дека граѓаните можат да очекуваат во иднина реализација на многу проекти, меѓу кои и нов Културен дом како и проширување на урбанистичките планови.

„Жителите на општина Петровец што можат да очекуваат во иднина, за само 10 дена ќе бидеме сведоци на нов Културен дом во Петровец, ќе финансираме во сферата на младите, она што ветувам и реализирам. Ќе продолжиме со проширување на урбанистичките планови, имаме голем број на млади брачни парови тоа е иднината на општина Петровец, тоа го заслужуваат жителите“, вели Митевски.