Со спектакуларен музичко-сценски перформанс на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, в недела (9 август) ќе започне музичкиот караван по повод 35 години од независноста на Македонија, соопшти „Авалон продукција“.

Според најавата, преку музика, глума и танц, во форма на мултимедијален сценски спектакл ќе биде раскажана приказната за 35 години независност на државата, при што ќе бидат претставени најзначајните историски моменти, предизвици и достигнувања од изминатите три и пол децении.

Во пресрет на 8 Септември, годинава ќе се реализира музички караван што ќе посети 11 градови низ државата, со настапи на познати македонски музичари и актери. Останатите градови од турнејата ќе бидат дополнително објавени.

Кулминацијата на проектот е предвидена за 4 септември на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде што, според организаторите, ќе настапат повеќе од 120 уметници.

Од „Авалон продукција“ ги повикаа граѓаните да присуствуваат на отворањето на караванот во Охрид и заедно да го започнат одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.