Наследивме општина која беше финансиски, исклучително, девастирана без можност за раст и развој. А, во сиот овој период, успеавме да ги сервисираме сите стари долгови кои што беа повеќе од 4 милиони евра, вклучувајќи ги кредитите, да ги вратиме сите тие средства и да бидеме во функција сами да градиме иднина за Ѓорче Петров, вели Александар Стојкоски, градоначалникот на општина Ѓорче Петров на денешниот настан, Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“.

Стојкоски посочи дека во изминатите четири години, најмногу се задржале во изградбата на инфраструктурата, но сепак се градеше и инвестираше во сите области.

„Успеавме да ја реконструираме и да изградиме од ново над 150 улици, а во моментов сме во постапка за изградба на уште околу 90-тина улици или приближно, 20 километри нова патна инфраструктура, надодадена на оние 40 километри кои што ги изградивме за време на мандатот, вклучувајќи ги тука и деловите во урбаниот и руралниот дел на општината“, истакна Стојкоски.

Покрај изградбата на улици, посочи дека се работеше и на изградба на нови линии за атмосферска и фекална канализација во деловите каде што имаше потреба.

„Но, она што најмногу радува е тоа што успеавме да ги зголемиме капацитетите за сместување во детските градинки. Градиме нова градинка за прв пат во Стопански Двор, во постапка сме за уште една нова детска градинка во населбата Дексион. Го отворивме првиот сензорен центар кој е прв од таков тип во Република Македонија во градинката Пампучево во Ѓорче, го реконструиравме 100 години стариот објект на кој му дадовме живот на објектот на основното училиште во Кучково, кој што ќе служи за првиот регионален центар за децата кои што се излекувале од карцином“, рече, меѓу другото, Стојкоски.