Јованка КЕПЕСКА
Темата за која не се говори во сите научни области подеднакво е онаа за периодот по АСНОМ или за периодот во повоена Македонија. Темата е обработена во историската наука. но не е до крај, и евидентно, и од поширок општествен аспект, исцрпена. Онака како што при научна обработка се опфаќаат и сите ставови и нивните застапници за да се изведат и целосно заклучоците.
Помалку или повеќе изразените пристапите во тоа време го определуваат општествениот развој и понатаму. Тие придонесуваат и за да не се надминат клучните судири околу определувањето на односот кон минатото. Изостанувaњето на елаборации за овие приоди во образованието придонесува не само за непознавањето на минатото, односно на историјата во поширока смисла влијаеја и за несоодветните решенија во добрососедските односи.
Во повоениот период, имено, во Македонија јавуваат два пристапа кон македонската култура, што имаат значење и за пристапот и во македонскиот јазик. А произлегуваат од општиот општествен пристап.
Првиот пристап кој е застапен во сета македонска научна литература, но и во политичките програми кај Македонците е природно правниот пристап кон општествениот развој и оттаму и за културата и за јазикот. Тоа е пристапот кој се развил во рамките на големата хуманистичка визија на природно-правната теорија во Франција во пресрет на капиталистичките промени. Како што е и во најзначајната филозофска традиција од Германија, со гледањето на народите кај Хегел.
Хегелијанскиот пристап бил прифатен и во Русија особено со Николај Берџаев. Тој, иако покасно, во почетокот на советската држава, евидентно го елаборира пристапот во делото „Смислата на историјата“. И со тоа како да ќе ја претстави и последната искра на слободата на мислата и на духот во пореволуционерната Русија. Таквиот пристап повлијаел на свеста кај Македонците пројавувајќи се во Гоцевата мисла за културен натпревар на народите. Бидејќи најголемиот дел од нашите дејци се образувале во Русија и јасно е дека и ги прифаќале и пренесувале сознанијата. А тука е и ехото на Француската револуција.
Суштината на ваквата филозофска ориентација е дека ние, освен како индивидуи, сме и според нашата припадност на народот. Дека тоа автентично го искажуваме иако, како што е кажано кај некои мислечки луѓе, како нешто, најтешко. Да ја споменеме и Хегеловата мисла дека на определен степен на својот развој, со развојот на моќта за апстрактното мислење, народите создаваат граматика на својот јазик. Во времето на научното приоѓање кон стварноста се врши и научно изучување на јазикот односно се изучуваат законитостите на јазикот што е смислата на литературниот јазик. Иако кај нас се говори за норми во јазикот.
Меѓутоа, со оглед на капиталистичките интереси за групирање на народи во политички заедници, претставени со држава, при своето формирање, нациите, не го следат патот за прераснување на народот во својата повисока фаза и за сопствено политичко конституирање.
Со процесите во кои настануваат нациите со групирање на народи, или, поточно, со групирањето на нивните претпоставени територии, само како политички заедници, политичката надградба, сведувајќи го народот, единствено, на политички субјект, на демос, не само во правото туку и преку облиците на свест, науката, уметноста, а и јазикот, отстојуваат од народната основа.
За капиталистичките општествени односи, историски, секако, следствено е народите да прераснат во нации, како политички заедници кои се претставени со држава. Но, како и за природно-правниот приод кон народот, со оглед на дијалектичкиот приод кон нацијата, тоа не епроцес само на укинување на народот во еден облик, туку и чување на неговата бит и подигнување на битта на повисок степен. Дијалектиката на јазикот, пак, не е само укинување во една форма, туку и чување во посебноста и негово подигнување на повисок степен во кажата и во кажувањето, на народот, јасно.
Со зацврстувањето на комунистичкиот карактер на југословенската држава, веќе во самиот почеток на 1945 година, појдувајќи од определбата на карактерот на македонската општествена заедница, како нација, според дефиницијата од Едвард Кардељ, искажана во неговата книга „Развој словенскега впрашања“ од 1939 година, средишна определба е дека културата се издигнува само врз основа на литературниот јазик. Таквиот пристап за нацијата во комунистичкиот свет ги негира позициите за народот и создава дистанцирачки однос кон минатото, како кон граѓанска позиција што е потребно да се надмине во новото општество. Познато е дека гледањата се дека нацијата е дефинитивната форма во развојот на народот. Тоа би бил и концептот на нацијата според политичкиот систем создаден во тогашниот СССР како ненадминлив; тука се идеите и за исчезнување на малите нации како и идеите за регионалните јазици.Тоа е време кога, под влијание на дијаматот, филозофијата на Хегел е проскрибирана тема токму поради дијалектиката чија суштина пак е надминување со истовремено сочувување на битта на народот.
Во македонското општество ставовите на АСНОМ за народот како израз на установениот научен и политичко програмски пристап се видоизменуваат постапно, согласно новата идеолошка платформа за нацијата. Тоа се отсликува преку концептот во културата, пошироко, но и во сферата на јазикот.Така што тие се поврзуваат исклучително со организираниот облик на комунистичкото движење и со оглед на тоа се вреднуваат придонесите. Додека природноправниот пристап во дадениот период на македонско тло, политички, се оценува како национален романтизам.
Така што, при сукобот на двата приода, специфичен е патот на трансформацијата на заедницата во Македонија, по 1945 година, односно по АСНОМ. Иако во првото пореволуционерно време на полн елан и општествен ентузијазам творештвото како да се остварува сестрано и како судирите на двата приода како да не се јасно видливи, со оглед на тоа што народно ослободителната борба има општонароден карактер и од што произлегува и општонародната ослободителна ориентација на АСНОМ, застапена и во Уставот. Сепак, тоа не значи дека претензијата за супремацијата на настапувачката национална парадигма изостанува. Настануваат критиките на дејците на АСНОМ, на некои од творците им се смалува значењето, ако не доживуваат и дифамација.
Денес, има доволно податоци за опстоен приказ на состојбата во овој период од нашиот развој и за критичка анализа.
Дотолку повеќе што со оглед на инерцијата од минатите, фактички, идеолошки (значи криви) пристапи и под влијание на позитивистичко правните пристапи се оневозможува разрешување на односот народ – нација за да се продолжи со понатамошната идентификација на македонскиот народ преку политичките, значи националните, инструменти. При што димензијата на демосот е, и треба да биде, само една од начинот на целовитата бит на народот, што не треба да се превиди туку политичките инструменти да се исползуваат за потполното изразување на неговата бит.