Безбедносната состојба во земјава и регионот е стабилна и нема директна воена закана за државава. Регионот е ранлив на предизвици како дезинформации, миграциски бранови и радикализација, што бара превентивно градење отпорност и континуирано следење и анализа на безбедносните ризици. И покрај отсуството на директна војна закана, потребно е постојано да се подготвуваме и координираме одбранбени мерки на сите нивоа, порача во интервју за МИА началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Според Лафчиски поставената цел на НАТО за тоа секоја членка да ги зголеми трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП до 2035 година, од кои 3.5 отсто ќе се вложуваат во воени инвестиции, а 1.5 проценти во внатрешна безбедност, е позитивно за Армијата и тој го поддржува тоа, иако признава дека е амбициозна и предизвикувачка цел, особено за мали држави како Македонија. Парите, појаснува тој, ќе бидат искористени за модернизација и надградба на постоечките системи, подобрување на командување, логистика и борбена готовност, обезбедување интероперабилност со НАТО и зајакнување на националните одбранбени капацитети. Дел од буџетот ќе биде наменет и за развој на логистичка инфраструктура, резервен состав, цивилна заштита, како и за одбрана од хибридни закани, сајбер безбедност и справување со кризи.
Началникот во интервјуто информира и за борбената опрема, како што е проектот за набавка на лесни оклопни возила JLTV и Stryker кој е во тек, со кои се зголемува мобилноста, заштитата на персоналот и огнената моќ, особено за лесната пешадиска баталјонска група, која е највисок НАТО приоритет. До крајот на годината и почетокот на следната се очекува пристигнување на системите за противвоздушна одбрана МИСТРАЛ-3 и ракети со краток дострел, како и хаубици БОРАН 105 мм. за артилерискиот баталјон. Паралелно, се работи и на модернизација на сајбер безбедноста и инженериските капацитети на армијата.
Во однос на современите текови на војување, Лафчиски смета дека дроновите и беспилотните системи стануваат неизбежен и интегрален дел од современото војување, користени не само за извидување, туку и за офанзивни операции, логистичка поддршка и сајбер активности. Овој развој, вели тој, бара промени во воените доктрини и организациските структури и дека нашата армија веќе планира набавка на овие системи со цел нивна интеграција во своите капацитети.
Конкурсот за 300 професионални војници е привремено замрзнат поради локалните избори, но ќе продолжи наскоро, а според генералот Лафчиски, армијата е привлечна за кандидати, што овозможува селекција, иако има предизвици за специјализирани позиции поврзани со модернизација. Нагласи дека инвестициите во инфраструктурата на касарните се континуирани, со посебен фокус на објектите во Штип, но со план за интензивирање на вложувањата во сите гарнизони, вклучувајќи ги и Скопје, Прилеп, Куманово, Тетово и Кичево, со цел подобрување на условите и стандардот за припадниците.
Помина една година од вашиот мандат, а многу предизвици … спроведување на НАТО стандарди, војна во Украина, војна во Израел, Газа … тензично на Блискиот Исток, дали регионот е загрозен од оваа војна и како ја оценувате безбедносната состојба на државава?
Дозволете од мое лично име и од името на сите припадници на Армијата да ви посакам добредојде во Генералштабот, да ви се заблагодарам на можноста што ќе разговараме на актуелни одбранбени безбедносни теми со фокус на армијата.
Да, денес живееме во исклучително сложен безбедносен свет, со многу безбедносни предизвици. Војната во Украина, војна на европско тло, нешто што беше незамисливо, и тоа не каква било војна, конвенционална војна, од широки и големи размери, каде што е надоградена истата со примената на сите овие нови технологии и технолошки напредоци. Ние како регион, тука би зборувал малку повеќе во контекст на Западен Балкан и Македонија како дел од регионот, сме подложни на предизвиците кои доаѓаат, а како резултат на таа војна, имајќи предвид подложноста на регионот на дезинформации, лажни вести, политички влијанија, повторно оживување на некои стари практики на меѓудржавни тензии и конфликти, сето тоа придонесува да бидеме како дел од овој регион ранливи на ваквата состојба.
Исто така, она што се случува во Израел, војната таму, конфликтите на Блискиот Исток можат да предизвикаат за нас нешто што е добро познато, нови миграциски бранови, од кои веќе имаме искуство, радикализација на одредени групи кои неретко наоѓаат прибежиште и во овие простори, во регионот и во државата, сето тоа претставуваат одредени одбранбени, односно безбедносни предизвици, за кои треба добро да размислиме, добро да ги проанализираме и да преземеме конкретни мерки. Преку градење е превентивно сега на отпорност, не само во Министерството за одбрана, не само во армијата, туку и кај сите останати државни институции. Дали има директна војна закана за државата? Нема. И да одговорам на вашето прашање, моменталната безбедносна состојба по државата, ја оценувам, за стабилна, но секако потребно е да се врши добра анализа и добро да се следат предизвиците, безбедносните, предизвици кои доаѓаат од конфликтните и војните подрачја ширум светот.
На последниот состанок на НАТО се постави амбициозна цел: секоја земја членка да ги зголеми трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП до 2035 година. Кој е вашиот став за оваа одлука и што ќе значи за нашата Армија?
Знаете, јас како началник на Генералштаб треба да бидам среќен со овие 5 проценти, затоа што тоа ќе значи многу за одбраната, но морам да нагласам дека тоа е доста амбициозна цел и ќе биде големо оптоварување за Владата и буџетот. 5 отсто за мала држава, како што е нашата, е навистина амбициозна и предизвикувачка цел. Со тие 5 проценти ќе имаат проблеми поразвиени држави со веќе поставени планови за развој во одбранбениот сектор. Така да повторувам дека тоа ќе биде доста предизвикувачки. Да, како што кажавте, 3,5 отсто од тоа ќе одат директно за развојот на воените капацитети. Тука пред сè мислам за модернизација, за понатаму надградба на веќе постоечки системи, подобрување на капацитетите во однос на командување и контрола, логистичката поддршка, односно се она што влијае врз директно подигнување на борбената готовност на армијата при што ќе се задоволат не само НАТО побарувањето, туку и националните одбранбени капацитети. Сето тоа, би одело во насока на зголемување на интероперабилноста и оперативноста на армијата и во контекст на НАТО целите на способност, но во исто време ќе биде и во контекст на зголемување на националните одбранбени капацитети. Во контекст 1,5 отсто тука пред сè се мисли на она што спаѓа во домен на национален одбранбен контекст или логистичка инфраструктура, патишта, железници и т.н. Развој на резервниот состав, на цивилната заштита или сите они механизми кои се поврзани со развојот на отпорност, која веќе ја спомнав, а во контекст на одбрана од хибридни закани, сајбер безбедност и справување со најразлични видови на кризи.
Во текот на изминатата година, остваривте бројни средби со ваши колеги од земјите сојузници во НАТО, меѓутоа имавте бројни посети на началниците на генералштабови на Турција, Унгарија, командантот на НГ на Вермонт, командантот на КФОР и многу други. Дали на дел од овие конференции генералниот фокус на дискусиите има поврзаност со актуелните случувања во Европа и Блискиот Исток?
Да, како што кажавте, остварив неколку официјални средби, но и сите оние конференции на кои ќе учествувам како началник на Генералштабот, дали се тоа регионални, дали се од доменот на обврските кои ги имаме кон НАТО Алијансата на Воениот Комитет, остварувам средби со началниците на генералштабовите од другите НАТО членки. И во право сте, во фокусот на дискусиите кои ги имаме, е актуелната безбедносна состојба и неретко дискутираме како да ги подобриме одбранбените капацитети, сопствените, националните и НАТО одбранбените капацитети, а се со цел, подобро да одговориме кон тие предизвици, како држава, како држави, како регион и, на крајот на денот, и како НАТО Алијанса. Искрено да ви кажам, овие средби се многу значајни, не само за мене, верувам и за моите колеги и за останатите началници, заради тоа не само што разменуваме искуства, каков пристап имаме кон проблемите и предизвиците кои се пред нас, а во контекст на развој на одбранбените капацитети, туку и размена на искуства од доменот што треба да преземеме во контекст на подобрување на борбената готовност, имајќи ги предвид нивните искуства. Неретко, и ова е, да речеме, една од моите филозофии, како началник на ГШ на релативно млада НАТО членка, да ги земам предвид нивните позитивни искуства, нивните практики при развојот на капацитетите и способностите од држави со поголемо искуство, и како такви да ги применувам или да ги имплементирам кога тоа го правиме тука кај нас дома. Ова сметам дека е добра практика, од проста причина што со ова се заштедува и време, пари, се заштедуваат ресурси, а се постигнува бараниот ефект. И би додал тука пред сè поконкретно на официјалните посети, кога се, еве условно кажано, тет-а-тет средби со началниците, договараме пред сè обуки, вежби, активности, кои се во доменот на развојот на одбранбените капацитети со предзнак на подигнување на борбената готовност.
Во Турција учествувавте на Конференција за употребата на беспосадни системи во идните оперативни средини. Се менува ли начинот на војување во светот и како нашата армија го препознава значењето на овие системи?
Одлично прашање и очигледно прашање. Дроновите и беспилотните системи станаа секојдневие и интегриран дел на денешното војувалиште. Не може ни да се замисли некоја борбена операција или конфликт, криза, без употреба на тие беспилотни летала. Ако до пред некое време истите беспилотни летала, односно дроновите, ги користевме само за извидување и набљудување, опсегот сега што го пружаат истите е многу поголемо. Голема, огромна улога имаат во офанзивните задачи. Тие истите се вооружени со одредени системи и се користат при реализација на офанзивни операции. Од доменот на логистичката поддршка, од доменот на сајбер напади или заштита од сајбер напади. Земено во целост беспилотните летала станаа незаменлив дел од денешното војувалиште, што подразбира промена на доктрините, промена на начинот на војување и тоа каде тие беспилотни или автоматизирани системи се наоѓаат во организациско – формациската структура на државите. Сходно на тоа и ние во нашата армија водиме сметка за тоа, веќе имаме одредени планови како, што и каде треба да промениме и доктринарно и во однос на ОФС со цел да извршиме интеграција на тие системи. Нормално тука е потребата и за набавка на истите, веќе со министерот разговараме на таа тема и за многу скоро време овие системи ќе бидат дел и од нашата армија.
Во контекст на претходното прашање, кои се приоритетите за модернизација на армијата во наредните години и кои нови системи и опреми се планираат да бидат воведени до крајот на 2025 година?
Модернизацијата и опремувањето на армијата е предвидено во два стратешки документи. Едниот е стратегиско – одбранбен преглед од 2018-та и долгорочниот план за развивање на армијата. И двата документи, едниот и другиот, ја постигнаа својата вредност. Мора да претрпат одредени надградби, а со цел да се приспособат кон новите закани и ризици, кои ги дискутиравме пред малку. Во контекст на модернизацијата и опремувањето, тековни проекти се опремувањето на армијата со лесните оклопни возила JLTV и Stryker. Во однос на JLTV две третини од истите се веќе пристигнати, уште една третина, некаде помалку од 30-тина, поконкретно 29 возила треба да пристигнат до крајот на годината заедно со Stryker возилата, и да бидат дел од македонската армија. Со нивното пристигнување, со нивното интегрирање во единиците, тука пред сè тие ќе бидат наменети и за лесната пешадиска баталјонски група како наш највисок НАТО приоритет, ќе се зголеми мобилноста, која е многу важна, заштитата на персоналот, и истите доаѓаат, како што знаете и како што можевте да видите во неколкуте активности кои претходно ги имавме пред пристигање на истите, доаѓаат со автоматизирани огнени системи, коишто значително ќе ја подигнат и огнената моќ на армијата и конкретно на лесната пешадиска баталјонска група.
Во тој контекст, до крајот на годината и веќе почетокот на следната година, очекуваме да пристигнат и системите за противвоздушна одбрана МИСТРАЛ-3, ракети со краток дострел, коишто исто така треба да ги подобрат капацитетите и можностите на армијата и борбената способност на армијата во контекст на противвоздушната одбрана. Веќе ви е познато дека хаубиците БОРАН 105 мм. се дел од артилерискиот баталјон во Прилеп, коишто пристигнаа заедно со автоматски управувана контрола за оган, што ја добиваат маневарските единици од елементите за борбена поддршка. Тука имаме значителен напредок. Паралелно со ова се одвива модернизација, односно подобрувања на капацитетите од доменот на сајбер безбедност, од доменот на генерална инженерија, борбена инженерија, и така натаму.
Каков е планот за прием на нови професионални војници и офицери во следниот период и што се презема за подобрување на стандардот и условите за работа на војниците, вклучително и плати, сместување и опрема?
Можам да истакнам дека во поглед на пополнување со персонал по сите категории, оваа година направивме многу заедно со Министерството за одбрана. Како што веќе знаете на Денот на армијата свечено ги построивме веќе новопроизведени 149 подофицери, водници и 26 потпоручници како дел од офицерскиот кор. И тие веќе се дел од Армијата, на лидерски позиции. Конкурсот 300 професионални војници кој беше распишан од страна на МО е во тек истиот е замрзнат заради локалните избори и очекуваме да продолжи по завршувањето на изборите. Ова е значаен придонес заради тоа што персоналот сепак и во ова општество на забрзан технолошки развој кој посебно место најде во одбраната, сепак останува нешто што е многу важно. Ние како армија во моментот немаме проблем со пополнување заради тоа што армијата како таква е атрактивна, љубовта кон униформата и патриотизмот очигледно на населението значи многу. Имаме навистина доста кандидати кои се пријавуваат, значи можеме да правиме вистински избор. Ќе биде предизвик очигледно за некои поспецијализирани и постручни позиции од доменот на комуникациско – информациски системи, техничари за одредени платформи, посебно во фазата на модернизација. Верувам дека и за тоа ќе се изнајде начин и модус како да го обезбедиме и тој кадар.
Каков е планот за вложување во инфраструктурата на касарните и војните објекти?
Вложувањето во инфраструктурата во касарните е постојан процес и во моментот се случува. Можеби акцентот и фокусот е повеќе на касарни односно инфраструктура која е врзана со развојот на лесната пешадиски баталјонска група, односно лесниот пешадиски баталјон, така што поголемиот дел од инфраструктурните проекти се во Штип. Но она што веќе го договоривме со Министерството за одбрана, како оваа така и во следната година, уште повеќе со поголемо и позасилено темпо. Тоа ќе биде случај во сите останати гарнизони и во гарнизонот Скопје, пред сè мислам на касарните Илинден, Петровец, Чојлија, но и во Прилеп, во Куманово, во Тетово, во Кичево. Значи нема да има касарна каде што нема да има инфраструктурни проекти, а се со цел да се обезбедат што е можно подобри услови, повисок стандард за нашите припадници.
Какви се плановите за зголемување на борбената готовност и кои се следните големи вежби во кои армијата ќе учествува?
Зголемувањето на борбената готовност е непрекинат процес, таа се одвива во моментот. Мој императив е зголемување на борбена готовност, она што е мојата примерна задача. Ова година, заради тоа што не чека следната година – оценувањето на лесната пешадиска баталјонска група, акцентот беше даден на развојот на капацитетите и способностите на лесната пешадиска баталјонска група. Па затоа истата учествуваше на една од најголемите вежби во регионот и во Европа, immediate Response 25, која се реализираше на армискиот полигон Криволак. Каде што учествувавме, ние како армија, ние како држава, со лесен пешадиски баталјон, односно вториот баталјон. Ова беше и првиот тест на лесниот пешадиски баталјон во една меѓународна средина, каде што треба да го покаже степенот на развој во контекст на НАТО целите на способност и во контекст на интероперабилноста и оперативноста со други земји членки на НАТО, до каде сме стигнати. Успешно беше завршена самата вежба. Има доста научени лекции, лекции кои беа идентификувани за време на вежбата и кои се во делот на планот, каде што треба тие капацитети да се подобрат. Она што сакам во ова прилика да го нагласам, а што се случува во моментот, е нашето учество на голема меѓународна вежба, Cyber Junction 25 во Хохенфелс во Германија, каде што учествуваме со една третина од лесната пешадиска баталјонска група, односно со засилена зајакната чета. Ова е за нас историска вежба по многу параметри. Прво заради тоа што прв пат учествуваме на вежба каде што покрај припадниците, кои обично одат со личното вооружување и личната опрема, на таа вежба учествуваат и со целокупното вооружување кое го поседуваат, целокупните возила кои се на користење во единицата, борбени и неборбени, и останатите материјално-технички средства кои се во употреба во единицата. Зборуваме за околу 50 возила, борбени и неборбени, голема количина на материјално-технички средства и околу 280 припадници. Историски е затоа што ова е прв пат да пратиме единица на меѓународна вежба, да извршиме нејзино и успешно префрлање од точка А во Штип до точка Б во Хохенфелс во Германија, да ја завршиме првата фаза на распоредување. При тоа можам да кажам дека оваа првата фаза ја завршиме без никакви проблеми, имајќи го предвид растојанието кое се помина, големиот контингент на возила, односно конвој кој беше направен со цел да се префрли единицата во Хохенфелс. Оваа вежба, пак, нагласувам дека е дел од развојот или тест фаза, контролната фаза на развојот на лесната пешадиска баталјонска група како втора контролна точка, верувам дека успешно ќе заврши. Се очекува вежбата да заврши некаде во втората половина на септември, успешно да се вратат назад, а се во насока да бидеме подготвени како армија, како држава и како лесната пешадиска баталјонска група за НАТО оценувањето на борбената готовност во април следната година, кое оценување ќе биде извршено од НАТО мониторинг тим. После завршената валидација на борбената готовност, доколку биде успешна, можеме да кажеме дека сме ја исполниле оваа примарна НАТО цел на способност која е многу важна за кредибилноста на армијата.
Како се одвива процесот на интеграција во Алијансата и кои се најголемите предизвици во исполнување на НАТО стандардите во армијата?
Како и за борбената готовност, така и процесот на интеграција во НАТО Алијансата е секојдневен процес, секојдневна обрвска. Знаете, со самиот влез во НАТО од 2020 година, ние не ја завршивме интеграцијата. Ние ги исполнуваме елементарните услови за влез во НАТО но, процесот, посебно околу прифаќање на стандардите и имплементација во армијата, во одбраната, во институциите, е процес кој трае. Предизвиците, пак, доаѓаат од моменталните закани и ризици. Кои се потребите, кои се побарувањата кои доаѓаат од НАТО Алијансата, како да се одговори на тие предизвици, како интегрирано да се одговори на тие предизвици со другите НАТО членки во контекст во кој регион припаѓате, во кој регионален план припаѓате. Како што знаете, ние и секако сме интегрирани и сме дел од безбедносната архитектура или во контекст на тоа каде пружаме одбрана во однос на одбранбените планови на НАТО. Се наоѓаме на источното крило на НАТО и тука даваме значителна поддршка. Сета таа интеграција кон НАТО, прифаќање на стандардите, имплементација во армијата и пошироко се во контекст на интеграција во НАТО.