Бранка Д. НАЈДОВСКА (МИА)

Мајкл Егнор е американски неврохирург и професор по неврохирургија на Stony Brook Universitys во Њујорк. Познат е по својата работа во областа на детската неврохирургија, особено за хируршки третмани на вродени малформации, тумори и епилепсија.

Покрај врвната медицинска кариера, Егнор е исто така популарен и поради своите јавни ставови во дебатите околу науката и религијата. Тој е соработник на Discovery Institute, организација која промовира „Intelligent Design“ (ID).  Водечките приврзаници на интелигентниот дизајн веруваат дека дизајнерот е христијанскиот Бог. ID се обидува да ја редефинира науката на фундаментален начин така што ќе поттикне натприродни објаснувања, гледиште познато како теистичка наука. Коавтор е на книгата „Бесмртниот ум“.

Докторе Егнор, Ви благодарам многу што го прифативте ова интервју.

Привилегија е да бидам тука и ви благодарам за тоа, а и ми се допаѓаат вашите прашања. Ги читав. Тие се многу, многу внимателни прашања.

Професоре Егнор, во Вашата работа со пациенти, особено кај случаи на клиничка смрт или тешки мозочни оштетувања, дали сте сведочеле на искуства што Ве натерале да поверувате дека умот постои одвоено од мозокот?

Да, сум се занимавал. Хм, јас практикувам неврохирургија околу 45 години и сум видел многу работи што им се случуваат на луѓето и она што ме импресионира е тоа колку реалната практика на неврохирургија и работата со луѓе кои вршат операции на мозок, се разликува од она што беше во моите учебници.

На пример, многу често искуство е кога луѓето се во длабока кома и на интензивна нега, дека мора да бидете многу внимателни што зборувате во нивно присуство. А медицинските сестри кои работат во одделенијата го знаат ова. Срцевиот ритам на луѓето ќе се зголеми и нивните витални знаци ќе станат нестабилни, ако кажете нешто застрашувачко или нивните витални знаци ќе станат многу помирни, ако кажете нешто смирувачко.

Иако се во најдлабоката кома и нема никакви знаци дека се свесни, постои еден аспект кај нив што изгледа знаат што се случува. Имав голем број пациенти кои имале многу сериозни проблеми со мозокот и всушност им недостасувале значајни делови од мозокот, а кои се сосема нормални луѓе.

Имам една млада жена која е родена со, веројатно, две третини од мозокот. Всушност, имаме слика од нејзиниот скениран мозок во нашата книга „Бесмртниот ум“. Кога се роди, му кажав на нејзиното семејство дека сум многу загрижен како таа ќе се снајде во животот, но таа порасна сосема нормално. Сега е во своите 20-ти години. Таа е совршено нормална млада жена, на која ѝ недостасува голем дел од мозокот. Имам уште една млада жена која е музичарка и на која ѝ недостасува голем дел од мозокот.

Имам мало момче кое штотуку заврши средно училиште, на кое му недостасуваат поголеми делови од мозокот. Постои дури и еден вид дефект на мозокот со кој се раѓаат некои деца, наречен хидрофилија, каде што им недостасуваат сите мозочни хемисфери. Нивните мозочни хемисфери се уништени поради мозочни удари што се случиле во матката. И дури и кога им недостасуваат сите мозочни хемисфери, децата се уште се свесни. Тие имаат многу попречености. Ги имаат, тие не можат да одат. Тие често не можат да зборуваат, но се целосно свесни. Значи, ми стана прилично јасно дека умот е нешто повеќе од само мозок.

И она што навистина ме „смрзна“ беше кога оперирав жена пред неколку години, која имаше тумор на мозокот во левиот фронтален лобус. Туморот го зафаќаше поголемиот дел од нејзиниот преден фронтален лобус и можев да ја излекувам со отстранување на целиот тумор, но тоа значеше отстранување на голем дел од нејзиниот лев фронтален лобус. Моравме да ја направиме операцијата додека беше будна, за да можам за време на операцијата да мапирам каде е нејзината говорна област во левиот фронтален лобус, за да бидам сигурен дека нема да го оштетам нејзиниот говор. И ова е операција што се прави релативно рутински. И користиме локална анестезија за да не боли зафатот.

И за време на операцијата, додека разговарав со неа и вадев голем дел од нејзиниот лев фронтален лобус, сфатив дека отстранувам големи делови од нејзиниот мозок за кои учебниците велат дека се критични. Водевме нормален разговор, зборувајќи за нејзиното семејство, за времето, за храната што ја има во кафетеријата. И си заминав од операцијата мислејќи дека мозокот не го објаснува умот целосно. Умот е нешто повеќе од само мозокот.

Ако умот е нематеријален, како го објаснувате фактот дека промени во мозокот – на пример тумори, повреди или лекови – толку драстично ја менуваат личноста и мисловните способности на човекот?

Тоа е одлично прашање и мислам дека е важно да се види мозокот онаков каков што е, а тоа е дека е орган. Значи, тој е орган аналоген на срцето или на бубрезите или на белите дробови. Има задача што ја извршува.

Нема сомнение дека мозокот има пет основни задачи. Неговата прва задача е да одржува таканаречена хомеостаза, што значи дека го одржува крвниот притисок. Го одржува кислородот во крвта. Тој е еден вид голем контролор, кој контролира како функционира вашето тело. Тој иницира движење. Ако се движите, ако ја движите раката, тоа доаѓа од вашиот мозок. Нема сомнение за тоа. Тој посредува во перцепцијата. Ви овозможува да гледате, да слушате, да мирисате, да вкусите, да допирате. Тој посредува во сеќавањата. Тоа значи дека нема сомнение дека формирањето на сеќавањата се тесно поврзани со функцијата на мозокот.

Постојат делови од мозокот кои, ако ги оштетите, ја губите способноста да формирате нови сеќавања. А мозокот посредува во емоциите. Нема сомнение. И ако имате многу адреналин во крвта што циркулира низ мозокот, имате зголемена емоционална состојба. Значи, мозокот прави вистински работи. Но, постојат многу силни докази од невронауката, како и логички и филозофски  докази дека мозокот не е извор на нашата способност за расудување, за поседување концепти, за апстрактно размислување, или за слободна волја. Дека тие апстрактни работи, што ги правиме токму сега, зборувајќи за овие апстрактни концепти се способности на нашата душа и нашиот мозок ни помага да ги објасниме, ни помага да ги пренесеме, но тие не доаѓаат од самиот мозок. Додека движењето, емоциите, перцепцијата, меморијата доаѓаат од мозокот.

Кое е тоа конкретно нешто што според Вас еволуцијата не може да го објасни? Може ли да наведете пример каде дарвинизмот „застанува“?

Не мислам дека еволуцијата објаснува нешто. Проблемот со теоријата на еволуцијата, а под теорија на еволуцијата мислам дека мислиме на Дарвиновата еволуција, е тоа што таа всушност не е ништо повеќе од тавтологија. Тоа значи дека не кажува ништо значајно. Дарвиновата еволуција во основа вели дека живите организми се менуваат со секоја генерација на начин што е наследен, така што нивните потомци можат да го наследат тоа, а оние организми што ќе преживеат – преживуваат и се населуваат. Оние што не преживуваат – не преживуваат. Значи, ако го сведете тоа на минимум и се ослободите од некои технички зборови, она што го вели Дарвинистичката еволуција е дека работите се менуваат и преживеаните преживуваат. И тоа не е баш теорија. Мислам, тоа е прилично очигледно и е навистина прилично лоша наука.

Постојат две силни причини да се сомневаме во еволуцијата, покрај фактот дека едноставно нема многу смисла.

Првата е набљудувањето на Мајкл Бихи, научник од Универзитетот Леи во Пенсилванија, кој пред многу години предложи теорија наречена „несводлива сложеност“. И она што д-р Бихи го истакна е дека и самиот Дарвин го рекол ова за еволуцијата: за таа да функционира, мора да има мали промени кои постепено се градат во текот на одреден временски период, кои ви даваат нешто функционално, ви даваат функционален ензим или функционален дел од вашето тело или орган или нешто слично, и тој истакна дека има безброј работи во телото кои се премногу сложени за да се формираат на тој начин.

Многу добар пример што го користел е бактериската флагела/флагелеум, што е мала опашка што ја имаат бактериите и им помага да пливаат. Флагелеумот е всушност изграден како надворешен мотор на брод. Има компоненти што се речиси аналогни на начинот на кој работи надворешен мотор. А проблемот е што флагелумот воопшто не работи освен, ако сè не е присутно.

И има, колку што знам, 20 или 30 различни делови од него што мора да се вклопат, нели? Значи, не може да се случи со мали промени што се акумулираат на дарвинистички начин. Тоа е премногу е комплексно за да се случи на тој начин. И самиот Дарвин, кој не знаел ништо за молекулите или молекуларната биологија, во „Потеклото на видовите“ рекол дека „мојата теорија ќе пропадне, ако можеме да најдеме работи што се премногу сложени за да се формираат со природна селекција. И она што д-р Бихи го истакнува е дека постојат илјадници и илјадници работи што се премногу сложени за да се формираат со природна селекција. Значи, тоа е една од причините да се сомневаме во Дарвинистичката еволуција.

Втората причина е аргумент на Џери Фодор. Џери Фодор е филозоф. Всушност, тој почина пред неколку години и е материјалист и атеист. Значи, тој не е креационист. Тој вели дека природната селекција како камен-темелник на еволутивната биологија е празно зборување. Тој кажа дека тоа е во основа теорија за во ѓубре. Тој кажа исто така, дека ако сакате да разберете како едно живо суштество, организам, дошло до тоа да биде такво какво што е, постојат два вида прашања што треба да ги поставите за тоа.

Едното е кои се внатрешните ограничувања во организмот? Така е изграден внатрешно? Тоа објаснува зошто е таков каков што е. И второто прашање е кои се надворешните ограничувања? Кои се факторите во околината што го прават неопходно да биде таков каков што е? Според него, откако ќе ги разберете внатрешните ограничувања и надворешните ограничувања, тогаш разбирате зошто организмот е таков каков што е, а природната селекција не нуди ништо друго. Значи, не дека теоријата на еволуцијата е погрешна. Дури и не е погрешна. Таа е само една бесмислена изјава што е некако маскирана како научна теорија. И очигледно, целта на Дарвиновата еволуција идеолошки е да го извади Бог надвор од сликата. Тоа е идеја што ја туркаат атеистите за да се обидат да прикажат дека живите суштества можат да се појават без Бог, но тоа е отпадна наука. И затоа не мислам дека Дарвиновата еволуција објаснува било што.

Дали мислите дека една машина некогаш може да стане свесна – или според Вас свеста е нешто што не може да се пресоздаде вештачки?

Не, не, не. Причината е, па, прво, ќе дадам пример, а потоа и некако ќе објаснам точно зошто не може таа да стане свесна.

Примерот е ако помислите на сончев циферблат (бројчаник/часовник, н.з.). Замислете многу примитивен сончев циферблат што се користи за одредување на времето што можеби го имате во вашата градина и го поставувате прашањето, дали сончевиот часовник знае колку е часот? Одговорот е – секако не. Тоа е само нешто што го имате во вашата градина. И не знае колку е часот.

Јас имам часовник „касио“. Ми се допаѓа овој мал часовник. Многу добро го покажува времето. Трае засекогаш. Го обожувам часовникот. Значи, ако прашам: „Дали мојот часовник знае колку е часот?“ Одговорот е: „Секако дека не. Тоа е само мал часовник. Знам колку е часот користејќи го часовникот, но часовникот не знае ништо.“ Тогаш можете да кажете: „Па, да, но што ако купам паметен часовник? Дали паметниот часовник ќе знае колку е часот?“ Па, не. Сè уште е само часовник. Не знае колку е часот. Дали атомскиот часовник, најточниот часовник што постои, би знаел колку е часот? Одговорот е не. Сè уште е само голема машина. Дали вештачката интелигенција знае колку е часот? Одговорот е не. Секако дека не знае. Исто е како сончевиот бројчаник и часовникот.

Само затоа што нешто станува посложено, не мора да значи дека одеднаш развива ум. Машините немаат души. Тие немаат умови. Тие се неверојатно сложени корисни алатки, но тие се само алатки. Тие се само алатки како што е алатката сончев бројчаник. Значи, тоа е еден вид пример за тоа колку е глупаво да се мисли дека машината може да има ум. Поригорозното објаснување за тоа е дека пресметката е специфичен концепт.

Пресметката значи дека земате одреден сигнал како влез, го пренесувате низ систем и добивате излез кој веројатно се разликува малку од влезот. И системот има збир на правила што диктираат како влезот станува излез. И тие правила се нарекуваат алгоритам. И тоа е процесот на пресметување. Но, ако забележите дека нема никакво значење во ништо од тоа, тоа е дека пресметувањето е слепо за значењето. На пример, ако користите уред за обработка на текст и напишете есеј каде што велите „мислам дека вештачката интелигенција може да биде свесна“ и го напишете тоа на вашиот уред за обработка на текст и го добивате овој есеј, но потоа можете да го земете истиот уред за обработка на текст и да напишете „не мислам дека вештачката интелигенција може да биде свесна“ и добивате друг есеј во кој се вели дека „не може да биде свесна“. На вашиот процесор за текст не му е гајле. Не прави никаква разлика за вашиот процесор за текстот што го пишувате, тој само реагира на копчињата. Значи, не само што пресметката не е способна да создаде свест, во извесна смисла, таа е спротивна на свеста.

Свеста секогаш има значење. Секогаш кога ќе помислите нешто, размислувате за нешто. Можам да размислувам за повик на зум. Можам да размислувам за мојот роден град. Можам да размислувам за времето. Свесноста или вештачката интелигенција никогаш не размислуваат за ништо. Тие се само алатка, а алатките не се свесни.

Што се случува со свеста после смртта? 

Па, јас сум христијанин. Верувам дека имаме бесмртни души и верувам дека нашите души ја преживуваат смртта. Нашите души се бесмртни. И одиме во средна состојба каде што имаме душа, но немаме тело, но мислам дека нашите души се природно создадени да имаат тела, така што во задгробниот живот ќе воскреснеме и се надевам дека сите ќе одиме на небото и ќе воскреснеме во слава и радост со Бога. Верувам дека сме вечни суштества, создадени од Бога за да живееме вечно и да живееме со него, тоа е моето убедување според мојата вера.

Научно, мислам дека постојат прилично силни причини да се верува во живот после смртта.

Прво, кога внимателно ќе ја разгледате природата на човечкиот ум од гледна точка на невронауката: постојат аспекти на човечкиот ум кои се духовни, а духовните работи не можат да умрат на ист начин како што може да умре нешто физичко.

Покрај тоа, постои наука за искуствата што луѓето ги имале низ времињата за тоа што им се случува кога се близу до смртта. И има многу докази дека овие искуства се реални. И дека луѓето, хм, продолжуваат да имаат свест, всушност, тоа е дури и подобрена свест откако нивниот мозок ќе престане да работи.

Веројатно најпознатото искуство блиску до смртта во модерното време е кај жена по име Пам Рејнолдс, која имала аневризма на мозокот, оперирана во Феникс, Аризона, во 1991 година, од нејзиниот неврохирург д-р Роберт Спецлер. Она што се случи за време на операцијата беше дека аневризмата беше огромна и тие всушност мораа да го спречат протокот на крв кон нејзиниот мозок за да можат да ја поправат аневризмата, бидејќи не можеа да дозволат крв да тече низ неа додека оперираат. Но, очигледно, ако го спречите протокот на крв кон мозокот на една личност, тоа е катастрофално. Значи, го оладија нејзиното тело на околу 60 степени според Фаренхајт (15,556 целзиусови степени, н.з.), откако беше под анестезија. Потоа го запреа нејзиното срце. Потоа ја кренаа главата нагоре за да ја исцедат крвта од нејзиниот мозок, што им даде околу 30 минути време за да ја поправат аневризмата пред на мозокот да му се случи трајно оштетување. И го направија тоа. Го затоплија нејзиното тело. Го рестартираа нејзиното срце. Ја вратија во живот во основа.

И по операцијата, таа рече дека штом нејзиното срце застанало, почувствувала како излегува од своето тело, лебдела кон таванот и ја гледала целата операција. Всушност, била над рамото на хирургот. Ги опишала инструментите што ги користел. Детално ги опишала разговорите што ги воделе во операционата сала. Сето ова било потврдено од оперативниот тим.

Таа ја опиша музиката што свирела во позадина. Пуштале музика во операционата сала. Таа рече дека додека ја гледала операцијата, била влечена низ тунел.

Таа отишла низ тунелот. Дошла во прекрасен свет. Ги видела, нејзините починати роднини како баба и и дедо и, мислам дека ја пречекале и и рекле дека „не можеш да останеш тука, мора да се вратиш и да ги одгледаш своите деца“, па таа се вратила во своето тело, ах, таа рече дека било како да скокнеш назад во студена вода, што е интересно бидејќи нејзината телесна температура била 60 степени фаренхајтови, па да, навистина било како да скоска во смрзнувачка вода, а извонредната работа во врска со ова искуство близу до смртта, покрај фактот дека е проверено, е тоа што таа ги знаеше разговорите што луѓето ги водеа во операционата сала кога немаше крв во нејзиниот мозок.

Мислам, таа беше целосно изгубена, но и нејзиното тело беше следено. Тоа е, тие знаеја дека нејзините мозочни бранови се отсутни. Немаше никаква активност на мозочното стебло. Нејзиното срце беше запрено. Тие го направија тоа како совршен експеримент.

Значи, кога разговарам за ова со луѓе кои се сомневаат во искуствата блиску до смртта, го нарекувам предизвикот на Пам Рејнолдс. Тоа значи дека секој што сака да ги објасни искуствата блиску до смртта, за да каже дека не се вистински, мора да објасни четири работи што се типични за многу искуства блиску до смртта.

Едната е дека се многу јасни. Луѓето имаат многу јасна ментална состојба. Тие често имаат преглед на животот. Тие ги гледаат работите убаво, имаат јасна визија.

Втората работа е дека околу 20 отсто од искуствата блиску до смртта можат да се докажат. Тоа значи дека луѓето гледаат што се прави со нивното тело, кога е „невозможно“ да ги видат. Како Пам Рејнолдс, таа ја гледала операцијата преку рамото на хирургот.

Третата работа, и ова ми е фасцинантно, е дека за луѓето кои имаат искуства блиску до смртта, колку што знам, има голема научна литература. Објавени се многу трудови за ова. Но, мислам дека нема ниту еден извештај за лице кое било близу до смртта и кое отишло низ тунелот дека видело некого од другата страна на тунелот кој е сè уште жив. Луѓето што тогаш и таму ги среќавате се секогаш мртви луѓе. Никогаш, никогаш не се живи луѓе. И честопати се вели дека луѓето сретнале мртви луѓе на другиот крај од тунелот за кои не знаеле дека се мртви. Тоа се луѓе кои починале и тие не ни знаеле дека умреле, но ги среќаваат  на другиот крај од тунелот.

И четвртата работа што мора да ја објаснат луѓето кои се сомневаат во искуствата блиску до смртта е фактот дека искуствата блиску до смртта се трансформативни. Луѓето кои ги имаат се многу различни луѓе потоа. Тие обично го губат стравот од смртта. Затоа мислам дека има многу научни причини да се верува дека душата ја преживува смртта. И секако, мојата католичка вера ме наведува да верувам и во тоа.

И конечно: дали постои научно истражување или експеримент што би можел да Ве убеди дека грешите – било во врска со умот, било во врска со интелигентниот дизајн? 

Да, тоа е одлично прашање. Тоа е многу важно прашање и мислам дека бидејќи е важно прашање не само за мене, туку е важно прашање за секој што тврди дека е во право, како што јас тврдам за себе.

Дали има нешто што би ве убедило дека не сте во право? И верувам дека нематеријалноста на умот, постоењето на душата, се очигледни само од логиката. Всушност, големите филозофи Платон и Аристотел, како и Свети Августин и Свети Тома Аквински Бонавентура, сите тие разбрале дека душата е нематеријална и бесмртна и дека таа навистина постои пред модерната невронаука. Значи, постојат силни логички причини за кои со задоволство ќе зборувам. Но, во однос на невронауката, она што би ме убедило дека грешам е ако експериментите во невронауката јасно покажат дека мозокот е способен да генерира апстрактна мисла. И ако сакате, можам малку да ги објаснам експериментите што го прават тоа.

Некои од најинтересните експерименти беа оние на Вајлдер Пенфилд, кој беше неврохирург во средината на 20 век, кој е веројатно најголемиот невронаучник во неврохируршката професија, а Пенфилд ја започна својата кариера како материјалист, исто како што и јас, кога почнав, мислев дека мозокот целосно го генерира умот. Не мислев дека душата е нешто посебно. И Пенфилд забележа две работи што му го променија мислењето за тоа.

Првото нешто што го направи беше проучувањето на нападите и дека тоа е една од неговите специјалности – мозочни напади. И тој разгледа сè што се знаеше за нападите и она што го откри тогаш е сè уште точно и денес. И откри дека со нападите има само четири работи што нападите можат да ги предизвикаат, ако лицето остане свесно за време на нападот. Може да предизвика движење. Може да имате треперење на екстремитет. Може да предизвика перцепција. Можете да видите блесоци на светлина или да слушнете звук или да почувствувате мирис. Може да предизвика сеќавање.

Постојат некои напади што ќе ве натераат да имате сеќавање како кога бевте дете во кујната на вашата мајка или нешто слично. А има и некои напади што можат да предизвикаат моќни емоции. Нападите можат да предизвикаат чувство на страв. Постои дури и редок вид напад, наречен геластичен напад што ве тера да мислите дека сè е смешно и само да се смеете.

Но, Пенфилд вели дека тоа се единствените работи што ги предизвикуваат нападите. Нападите никогаш не ги тераат луѓето да се занимаваат со математика. Тие никогаш не ги тераат луѓето да размислуваат за логика. Тие никогаш не предизвикуваат апстрактно размислување. Тој тврди: „Но, поголемиот дел од времето, тоа е она што го правиме. Размислуваме за апстрактни работи. Зошто тогаш нападите никогаш не го предизвикуваат тоа?“ Па, одговара: „Очигледното објаснување е дека можеби тие работи не доаѓаат од мозокот.“

Потоа тој направи експерименти кои беа операции од типот што како јас кај жената кога го мапирав нејзиниот мозок поради тој тумор. Тој направи многу повеќе од мене. Направи околу 1100 од нив во текот на околу 40 години. И тој ги мапирал мозоците на луѓето за да пронајде фокус на напад и да го отстрани фокусот на нападот, за да ги излечи нападите. И овие луѓе биле будни и тој ги стимулирал нивните мозоци. И пресметав дека веројатно направил околу милион индивидуални стимулации на мозоците на луѓето во текот на еден период од години. И никогаш не бил во можност да стимулира апстрактно размислување. Никаде во мозокот што го стимулирал, никој не би рекол: „О, мислам на математика или о, мислам на логика или Шекспир или размислувам или имам концепти.“ Единственото нешто што можел да го стимулира било движење, перцепција, меморија и емоции. Истото важи и за нападите.

Значи, како што вели тој, „ако по сите овие обиди никогаш не сум добил апстрактна мисла со стимулирање на мозокот, можеби тоа не доаѓа од мозокот?“

Тоа за мене беше многу моќен доказ. Постојат и други докази кои се исто така многу моќни. И тие се наоѓаат во операцијата на разделен мозок.

Постои еден вид операција на мозок што ја направив, ја направив и други неврохирурзи ја прават за лекување на напади каде што се сече „корпус калосум“. „Корпус калосум“ е огромен сноп влакна. Тој е со големина на дланка што ги поврзува двете хемисфери на мозокот и има околу два милиони аксони (долгите продолжетоци на невроните, н.з.) во него. И постојат неколку ретки видови напади кои започнуваат како мали напади на едната страна од мозокот, а потоа скокаат низ „корпус калосум“ и предизвикуваат целосен мозочен напад што е навистина онеспособувачки, а понекогаш лековите не функционираат притоа. Значи, го сечеме „корпус колосум“ што го спречува ширењето на тие напади и луѓето се чувствуваат многу подобро. Мозокот е во суштина преполовен, но луѓето кои ја имале таа операција се речиси сосема нормални по операцијата. Тие имаат една единствена свест. Тие не се двајца луѓе.

Тие имаат некои мали перцептивни попречености бидејќи мозокот е преполовен, но тие се мали. И има некои експерименти со тоа кои се речиси морничави. Постои истражувачка на МИТ по име Алис Кронин Голиб која направила експерименти каде што однела луѓе кои имале операција на мозок и ставила слика како слика од виолина на едната хемисфера. Можете да го направите тоа со користење на визуелните полиња и слика како сликарска палета на другата хемисфера. И таа би го прашала лицето: „Кој концепт ги обединува двете слики?“ И луѓето со операција на разделен мозок ќе речат: „Па, и двете се форми на уметност“. Знаете, постои виолина, која е музика, и сликарска палета, која е сликарство, што е вистина. Но, имајте на ум дека мозоците на овие луѓе се поделени на половина и ниеден дел од нивниот мозок не ги видел обете слики.

Едната половина ја видела виолината, другата половина ја видела сликарската палета, но можат да направат врска меѓу нив, иако ниеден дел од мозокот не ги видел обете. Па, кој дел од нивниот ум може да ја направи врската? И одговорот е – нивната душа.

Нивната душа може да ги поврзе двете хемисфери, иако самите хемисфери се физички исклучени.

Значи, поставувате прашање, што би ме убедило дека грешам? Она што би ме убедило дека грешам е ако Вајлдер Пенфилд открил дека може да го стимулира мозокот и да добие апстрактна мисла. Тој би можел да стимулира за луѓето да се занимаваат со аритметика или би правеле анализа или би размислувале за логика или дури и за морален закон. И кога имате ваква операција на мозок, ако тоа ве направило двајца различни луѓе, но тоа не се случува. Никогаш. Не!

Нема знаци дека луѓето се две различни личности. Постојат некои невронаучници кои го тврдат тоа, но тоа тврдење е бесмислено. Никогаш нема две различни личности. Може да има една личност која има перцептивна конфузија за работите. Постојат луѓе кои ќе прават работи што функционираат за различни цели. Постои синдром каде што едната рака се обидува да ви ја закопча кошулата, додека другата се обидува да ви ја откопча кошулата. Но, тоа е невролошки хендикеп. Тоа не се двајца луѓе. Значи, не, всушност, ако размислите, каква смисла би имало да се каже дека постојат два човека? Мислам, како, како, како би можел да бидам две физички лица? Значи, тоа не е ниту концептуално кохерентно и сигурно не се случува во реалниот живот.

Ако сретнете лице со операција на поделен мозок, не би можеле да ја забележите разликата. Всушност, лицето не може да ја забележи разликата. Тие се сосема нормални луѓе. И тоа е тоа!

Ви благодарам докторе Егнор.

Ви благодарам и јас, се надевам ќе продолжиме со разговорот во друга прилика.

МИА