Проф. д-р Мимоза РАЈЛ
Почетоците на македонското револуционерно движење како што дознаваме од историската литература, во својот најширок научен контекст не може да се разбере доколку ова движење го толкуваме само како борба против грубата империјалистичка сила која доаѓа на нашите простори. Во својата суштина ова движење претставува борба за национална, но и за човекова слобода, одбрана на индивидуалното и колективното достоинство и борба за социјална правда, како најзначајни трансисториски вредности кои што се темел на изворната социјалистичката идеја, стара 133 години во Македонија. Отаде, мораме да се сложиме со тврдењето дека револуционерните движења околу националнато прашање со социјализмот, само навидум немаат допирни точки. Тие две идеи на националното и социјалното – се претопуваат една во друга со својата комплементарност уште од почетоците на револуционерната борба за целосно ослободување на Македонија.
Идеолошката насоченост на нашите најзнаменити револуционери за национална слобода, во прв ред е насоченост за културен натпревар на рамноправни индивидуи и народи. Оваа и ваквата визија на нашите револуционери и борци кои до последната капка крв се бореа за општество без угнетување, уживање во фундаменталните слободи на човекот и укинувањето на класните разлики, несомнено не упатува кон фактот дека тие се бореа во прв ред за суштествените социјалистички идеи, чија цел е создавање на среќно општество за сите и дека сите заслужуваме еднакви можности под овој небесен свод.
Ваквите ставови не обврзуваат и во современата македонска држава да зборуваме за една релевантна социјалистичка идеологија и дека суштината на револуционерните движења во Македонија се темели токму на неа. Ова и ваквите сознајби и факти дотолку повеќе нас, како и новите генерации на социјалисти, не обврзуваат од социјалистичките идеи за социјална правда, еднакви можности за сите и братска љубов помеѓу народот, никогаш да не се откажеме. Тие се континумот на она што било и несомнено онаму каде што ќе заврши човештвото. Затоа што друг пат нема.
Ва почетокот на 20от век, како што е познато влеговме со тешки и крвави рани. Во ова време, македонскиот народ живее без сопственото национално достоинство, во крајна беда и сиромаштија. Без пристап до основните човекови права, право за образование на свој јазик, здраство и елементарната безбедност. Револуционерното движење што се појавува во такви едни услови не се сведува само на националното ослободување, туку претставува и реакција на една длабока социјална не еднаквост. Младите луѓе кои му пристапуваат на движењето, а кои се мотивирани од идејата за создавање на единствена македонската држава, му пристапуваат и со визија за еден подобар, поправеден свет, свет за своја самостојност и свет на еднакви можности за сите. Во таа смисла борбата за националната слобода на Македонците, оди рака под рака со борбата да се живее достоинствено, праведно и во братска љубов. Затоа за претставниците на македонското револуционерно движење уште на своите почетоци, не е само нивната национална тема, туку во прв ред се и нивните идеи за слобода, правда и еднаквост, идеи со кои што тие се опсесивно обземени.
Основоположникот на таквата социјалистичката идеја во Македонија секако е Васил Главинов, познато ни е на сите неговото мото дека: „Ослободувањето на Македонија мора да е дело на самите Македонци“. Социјалистичките идеи за слобода и еднаквост, најблиски им се на најмакедонските револуционери и идеолози – Гоце Делчев од една страна и на Димитар Влахов од друга страна – кој во своите мемоари ќе запише: „Ако сакаш да му бидеш полезен на својот народ, треба да бидеш меѓу него, да ги проучиш неговите болки и да го организираш за една цел, која во најблиска иднина може да биде реализирана“.
Целото интелектуално крило на ВМРО Обединета, всушност ќе ги застапува социјалистичките идеи за социјална правда, идеалот на слободата, братството и еднаквоста на сите Македонци, идеи кои ќе се прелијат на новата генерација на борци за слобода во текот на Втората светска војна и во времето на АСНОМ. Затоа и самата коалиција на Социјалистичката партија и ВМРО ДПМНЕ е толку денес природна и беспрекорно функционира.
Во тоа време, социјалистичката идеја се раѓа и во Европа како одговор на неправдите предизвикани од индустрискиот капитализам, но нејзината суштина е универзална: слобода за сите, не само за богатите и моќните; еднакви права за секого, не само за малкумина.
Светот во кој денес живееме е една нова историска ситуација. До вчера зацементираниот неолиберализам (кај нас “социал-демократизам”), полека но сигурно ја губи својата моќ и тоне под својата нехуманост и неправедност.
Во овој миг, како всушност и во клучните историски премрежја и премини, треба на општествата да им се понуди една нова идеолошка опција и оријентација, опција за еден похуман и почовечен свет, свет за национална и социјална правда.
Овој пат цврсто и непоколебливо треба да застанеме на страната на човекот, оној уморниот, гладниот, оној кој не добил еднакви шанси и можности. Што гледаме денес на светската, историската сцена? Гледаме човечка фигура низ која се одвива трагедијата на нашето, капиталистичко, поробувачко време. Овде подвиеност, онде апатија, двете крајности на човековото паѓање и двете собрани во едно исто време.
Затоа не чуди уверувањето дека ова е мигот кога социјалистичката идеја полека но сигурно доаѓа на светската сцена на историјата. Ова е времето на една нова македонска Преродба, идеја која што со голем бран ја зафаќа и сферата на културата. Уметноста не ја сака нехуманоста, не еднаквоста, не ја трпи грубата империјалистичка чизма врз човековата креативност, автентичност и слобода. Социјалистичката идеја денес од нас бара да бидеме слободни на сопственото тло, свои на своето, а не туѓи модерни робови на глобалниот, застарен конзумеризам.
Затоа токму ова е времето за афирмација на социјалистичката идеологија на хуманизмот и дека токму во овој час ние новите генерации на социјалисти, повторно ја пишуваме историјата една нова, социјалистичката ренесанса.
Затоа е толку важно што денес, заеднички и посветено да работиме за еден похуман и почовечен свет, затоа што утре можеби ќе биде доцна.
Социјалистичката идеја е најблагородната идеја што човештвото некогаш ја познава. Социјалистичкиот систем на еднакви можности ја исклучува анималната природа на човекот и ја прави возвишена. Неолиберализмот како антипод на социјализмот (иако не знам што е тука слободарски ново), го влече она нај анималното и најниското во човекот а тоа се: алчноста, не солидарноста, грамзливоста, нечовечноста и корумпираноста. Тој систем е ропството од кое мораме да излеземе и да се вратиме на вистинските вредности и еднаш за секогаш да му свртиме грб на антихуманизмот, на пеколот создаден од криминалот, корупцијата и неморалот.
Затоа социјализмот можеби како никогаш порано, потребен ни е токму денес. Тој е спас за човештвото и светот, а отаде и за поединецот.
Социјалистичката партија на Македонија е единствениот продолжувач на најуманите социјалистички идеи кои одат во одбрана на човекот и општеството. Претседателот на СПМ, Љупчо Димовски, го изоде можеби најтешкиот пат во својот живот кој одеше во одбрана на татковината. Затоа ние социјалистите по примерот на неговата посветеност, борба, чесност и лојалност треба да дадеме се од себе да ги следиме неговите етичко-духовни постулати, неговото единствено и исклучително политичко искуство и брилјантен ум и да бидеме продолжувачи на неговото дело и делата на неговите претходници, дело преточено во една ретка во љубов кон Македонија и секој човек.