Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и ги одразува неговите лични ставови, а не нужно и ставовите на Денешен.мк)
Толку беше – три дена врева за Росица и сега молк. Важно, се испукаа тие што имаа да се испукаат против МВР и Панче Тошковски и тоа е тоа. Росица ја изгуби употребната политичка вредност и падна во заборав.
Посебно смешни беа т.н. невладини кои се собраа пред МВР. Тоа што СДСМ држеше прес конференција пред МВР – во ред.
На опозиционата партија тоа и е работа – да се обиде да искористи се што може да се искористи, за да добие некој политички поен против власта. Но, да се китиш со ореолот на невладин заштитник на жените, а да отидеш пред МВР од каде што потекнала кривичната пријава против убиецот на Росица и благодарение на која пријава и се водел каков–таков процес против него, е прилично срамно. А при тоа, да ги оставиш на раат Јавното обвинителство и велешкиот Суд кои директно имаат вина за смртта на жената.
Тоа е таа комуњарска невладина шема. Во спротивно, ќе отидеа во Велес пред тамошното ЈО и суд, ќе отидеа пред ЈО на Коцевски, а ако треба да се удира против Владата, ќе отидеа на Илинденска, но не затоа што МВР на Тошковски си ја завршило работата, туку за да прашаат зошто досега оваа обвинителско-судска неписмена мафија не е исфрлена на улица. Ќе отидеа пред Советот на јавни обвинители и пред Судскиот совет и оттаму ќе прашаа зошто тие луѓе ги храниме. Зошто даваме пари за тие да живеат како бубрег во лој, додека ни се случуваат вакви грозоморни убиства кои можеби можеле да се спречат. Оттаму ќе ја прашаа Владата зошто тој Совет на ЈО и Судски совет не се распуштени и зошто не е реформиран целиот систем. Не од страна и со помош на такви како Калајџиев или некои истрошени европски политичари кои гледаат на земји како нашата како на тезга преку која можат да ќарат некоја пара од европските фондови. Не, туку со помош на европски експерти кои ќе не вратат на колосекот на европското континентално кривично право (наместо овој европско-американски бучкуруш што сега го имаме) и кои ќе не одведат на колосекот на функционална правна држава во која не може да се случи судот и обвинителството да си играат играчки со животите на луѓето.
Е, да, сето тоа можеа да го направат, ама не! Нив целта им беше Панче Тошковски. Панче Тошковски стана алфа и омега, смисла на нивното постоење. Не е битна Росица, не е битно ништо – битен е Пaнче Тошковски, чие Министерство, патем, си ја завршило работата. Единствено во овој случај.
Но, тие невладини се веќе небитни. До следниот случај. Сега, за нас битна е таа обвинителско-судска мафија и неписмена банда која што треба да се растури. Ако беше за аир, ете оваа власт им прогледува низ прсти цела година, па и повеќе, и доста е. И тоа треба да се стори веќе од утре, сеедно што е изборни време. Зашто ниту еден закон не забранува и во изборно време да се стори нешто што е итно и неодложно. Значи итно и неодложно! А под број еден, под највисок степен на итност е да добиеме систем кој нема да дозволува, кој ќе биде непорустлив за случаи како тој на Росица.
Зошто да беше малку од малку овој сегашен систем со грам совест, со грам писменост и со грам морална чесност, досега на нозе ќе се дигнеа самите – и Судскиот совет и Советот на ЈО и цел Велес ќе беше превртен наопаку, тамошното обвинителство и судијата во овој случај ќе беа пратени на Дрисла, а не само судскиот систем, туку целата држава ќе се тресеше така како што тресе облека на дете кое дошло од играње во песок, а пред мајката да ги фрли во машина за перење на најсилна центрифуга – и детето и облеката.
Зошто ножот не дојден веќе до коска, туку ја пресекол коската.
Не знам што е спорно во тоа. Ни го сече р’бетниот мозок. Ни чепка во отворената рана, во нејзе ни става лута сол. Едноставно, не болокира и не води кон тивка смрт. Зашто, не еднаш сум кажал – бадијала ќе градиме патишта, бадијала ќе бараме реформи во здравството, бадијала ќе врескаме против едни или други. Ако државата нема функционален правен систем, ако во нејзе обвинителстово и судството се заштитени и ставени во стаклено ѕвоно и можат да прават што сакаат, само не да раздаваат право – не може да имаме ни добра и напредна економија, не може да го унапредуваме образованието, не можеме да го добиеме подобро здравство.
Треба страници и страници за да ја објаснувам врската меѓу еден обвинител и судија и чекалните пред некоја ординација на некоја од клиниките, но и тоа нема да помогне – тој што разбира–разбира, тој што не разбитра, нема да разбере и „Војна и мир “ да му ја напишете. Но, тоа едноставно е така. Сакате повисока плата, сакате брзо и квалитено здравство, сакате културно ниво, сакате да одите на претстава, во театар, на опера, сакате… било што. За сето тоа да се постигне, треба високо оштествено ниво. За да се постигне тоа високо оштествено ниво, треба силна филозофска наука и треба нормален, функцонален и ефикасен правен систем заснован на демократски закони донесени според наши потреби, а не според потребите на тезгарошите од домашна и странска (читај ЕУ) провиниенција.
А, наместо тоа, ние сме добиле барање истите тие обвинители и судии да добиваат плата од 300 000 до 350 000 денари. Супер. Фали уште пропис со кој ќе им обезбедиме кочии со музика да ги носат и да го враќаат од работа.
Тоа не смее да помине. Како во оној филм од нашите партизански времиња – „Прозор не смее да падне“. Во земја во која чесни работници паѓаат од нозе од работа за 25 – 30 илјади денари плата, на такви како тие од случајот со Росица да им даваме плата од 350 илјади денари, е еднакво на самоубство. Не само затоа што за такво нешто би требале 100 милиони евра кои оваа држава ги нема, туку затоа што тоа ќе биде знак дека оваа држава нема иднина. Ако непособните го третираме како првородено бебе околу кое се тресе цело семејство, а оние кои се отепуваат од работа ги оставаме едвај да врзуваат крај со крај, приказната е завршена. Прво нека сработат, нека овозможат оваа држава да има основа за просперитет, нека овозможат граѓаните да се чувствуваат дека живеат во држава која функционира како швајцарски часовник, па тогаш – пеки. Нека земаат плата поголема и од 350 000 денари.
А од каде да се тргне? За почеток, треба одново да се воспостави системот на “check and balance“ кој подразбира дека сите три власта се контролирата меѓусебно. Тоа значи и дека правосудната влсат подлежи на контрола. Сега, имаме систем во кој правосудната власт делува апсолутно самостојно, неконтролирана од никого. Погледајте само како во Сенатот на САД ги тресат предложените кандидати за правосудниот систем. Кај ние, овие сами си се бираат, сами си делат од колачот, а од нас бараат единствено да им обезбедиме пари.
Тој дисбаланс треба под итно да се исправи и судството и обвинителството да се вратат во уставни рамки, не надвор од нив, значи зборувам за рамките на постојниот уставен систем важечки во РМ, а нивната работа да подлежи на контрола.
Второ, под итно да се распуштат Судскиот совет и Советот на ЈО.
Трето, да се исфрлат обвинителот и судијата од Велес инволвирани во случајот на Росица.
Четврто, да се смени Коцевски.
Петто, да се истера до крај случајот со бонусите на СЈО и скеој кој имал врска со тоа СЈО да се избрка од судстбото и обвиителството.
Шесто, да им се најде крајот на Рускоска и Кацарска.
Седмо… па за почеток, од мене доста е и ова.
Во спротивно, можеме да ставиме клуч на државата, зашто таа веќе е отидена јабана и ако не ја вратиме назад, можеме и ние таму.
Имам уште, ама недела е, Раѓањето на Богородица е – доста е!