Братислав ДИМИТРОВ за МИА
Јас сум од генерацијата што негуваше голем нокт на малото прсте, за хигиенските потреби на носот и ушите. Долгиот нокт служеше и за чешање (во потешки случаи и „драпање“) на тимбата, затоа што во еден период вошките имаа статус на домашни животни. Тоа беа години и на големи успеси. Женските престанаа да носат шифонски гаќи а ние почнавме да носиме бакенбарди („зулуфи“) и мустаци во најава. Под носот имавме „мов“ кој некои од нас го бричеа со застанување на посилна промаја. Ретките среќници имаа и запалка марка „ронсон”, последен збор на науката и техниката во тоа време. И додека обичните смртници гребат по излижани кибрити, палат од догорче или чекаат некоја искра од кафето што го ставиле на зажарена рингла, ти со „ронсонот” флегматично си палиш „Ривал”, филтер кинг сајз цигари мејд ин Куманово. „Кент” не палевме од идеолошки и други причини.
Такви беа тие времиња. Носевме алишта од нашите постари браќа и сестри, кои како за инает се родија пред нас. Се изнамачивме со таа пуста мода. Тесните „брич” панталони едвај ги облекувавме и соблекувавме дури и со помош на цела фамилија. После носевме панталони „ѕвонарки”, собирајќи прашина по скопските сокаци. Девојките носеа тегет плисирани сукњи и балетанки со кои се врцкаа и мафтаа со фризурата „коњски реп“. Во тоа време носевме и едни „бубуљици” наречени „нејебици”, од сосема рабирливи причини. Од кои причини? Море подобро не прашувај! Ќути и читај!
Небото над Скопје беше нежно, чисто и кротко, како заспано бебе. На неговото бескрајно синило летавме чучулиги, змаеви и вистински гулаби. Една вечер нашиот другар Вања панично (како антички гласник!) дотрча на корзото и нѝ соопшти дека во Англија се појавиле „тинеждери!?“ После дознавме дека биле тинејџери, но прекарот „тинеждер“ му остана трајно. Инаку, корзото беше првиот интернет, само во живо. За разлика од денес, тогаш од пластика имаше само хемиски пенкала. Јелена и сите други Карлеуши сѐ уште не беа измислени. Се појави вештачко цвеќе, вештачки трепки и конечно денес вештачка интелигенција, која белки ќе нѐ спаси од оваа „природнава“.
Ние во тоа време или немавме автомобил или имавме „фичо”, што се сведуваше на исто бидејќи капиталистичката пропаганда тврдеше дека „фичото“ го користат како пепељара во нивните кадилаци, шевролети и други чаламџиски грдосии. Појавата на „пони” точаците и сѐ позачестеното нивно користење од „послабиот пол”, беше важен чекор во развојот на феминизмот во самоуправниот социјализам. Слободното врцкање на рељефниот дел на женското тело на седлото, за суеверните беше резил и главна причина за појавата на земјотреси, поплави и други катастрофи. За другите, што беа „на линија“, тоа беше охрабрувачка етапа на патот кон конечната цел: „Еден ден и нашата социјалистичка жена (исто како руската!) ќе вози трактор, трамвај и вселенски брод!” Третите и најбројните, познати како „суруши”, плакнеа очи со таа порочна глетка одбегнувајќи ги оние вечни работни униформи и сиви костимчиња со брошеви и значки.
Беше 12 Цутар (март) 1973 година. Тој ден се смета за званичен почеток на борбата за слобода на творештвото во комунизмот. Преубавата наставничка по македонски јазик и литература, пристигна на својот „пони“ точак во школскиот двор. Со мрежасти тиркизни очи и чекори на газела, влезе во училницата и ги прекрсти нозете, многу години пред Шерон Стоун. И додека ние гледавме, да не кажам во што, од ѕидот строго не гледаа портретите на Тито, Маркс, Енгелс, Ленин и Сталин! Кога ги испоарчивме сите патриотски теми, наставничката за писмена работа ни ја зададе темата: „Што ќе бидеш кога ќе пораснеш?“ Во тоа време секој копиљ обично кажуваше дека ќе биде доктор, инжињер или пожарникар. Но нашето другарче Боки (Богдан) имаше големи планови. Тој во својата тетратка, со големи букви напиша: „Натавничке, сакам да бидам седло на твојот точак!“ После класната раководителка, заедно со „седлото“ и неговите родители отидоа право кај директорот! Таму „поетот“ доби најстрог укор, пред исклучување!
Тоа беа времиња на големи работни победи, но најважната победа беше против она бездушно точаче „пони“. Класичните точаци имаат рам. Ја сместуваш женската на рам и додека ја возиш, интензивно и дишиш во вратот. И шепотиш на увце како во француски филмови. И додека упорно ѝ мрчиш во увцето, женската цврсто се држи за гиданот и црвенее како петокрака на првомајски празници. Во вакви еротски моменти нејзиното срце удира во твојата брада која е залепена на нејзиниот грб, а ти ги вртиш тоа педалите со ентузијазам на работник кој штотуку добил ударничка значка!
Скоро истовремено со овие историски настани, комунистичката пропаганда со субверзивни материјали успеа да се пробие во Америка. Неколку робови црнци на кои им здосадило по цел ден да берат памук и ја прочитале нашата врвна литература „Никад робом”, почнаа да свират блуз. Додатна мотивација за настанокот на оваа музичка форма (во чија основа се тагата и меланхолијата) беше неподносливиот расизам во Америка. Според советската пропаганда, таму белците ги користеле црнците како гњурачка опрема!?
И бидејќи во комунизмот имаше званичен вишок на оптимизам (нешто како филџан кафе со 20 лажичиња шеќер) блузот стана многу популарен. Без навреда, ама ние го засакавме од практичи причини. На него можеше да се игра долго танго познато под терминот „лепенка“. И така, еден ден сите со л’снати „брукс” кондури, се набутавме во клубот „Продор“. Во пракса, тоа беше подрумчето на кумот Аљоша Симјановски. А Ганеица беше неговата баба која еднаш со размавнат бастум нѐ набрка сите, сосе славната Југословенска група „Смак“ во која клавијатуреше нашиот другар Мики Петковски! За разлика од денес, тогаш имаше ред. До грамофонот пристап имаше само сопственикот, пошто марката беше „Травијата”, страв и трепет во музичките системи на тоа време!
Пристап до Верче имаше само Боки, пошто имаше врат ко тибетско говедо и ја користеше тогашната морска финта: „Ко је бржи тај је лепши!” Уште на првиот тон на блузот, џукелата ја залепи на својот граден кош, како со туткал. Не ја пушта ни за жива глава. Заборавив да кажам, сите бевме заљубени во Верче! И кога стана јасно дека нив двајца може да ги одвои само хирушка интервенција, пуштивме една брза рокен-рол песна. Боки застана (не одлепувајќи се ниту за милиметар од цицињата на Верче) и нѝ се обрати со глас симнат од шпагети вестерни: „Пушти танго гаси светло!
Го пуштивме уште еднаш тоа тангото и во мрак ги прошетавме нашите „брукс” кондури во најразлични непознати и разочарани правци. Некаде пред зори, Верче се вратила дома. Домашните веднаш ѝ соопштиле дека нема искачање од дома цела година! За среќа, во старите добри времиња постоеше институцијата „бегалка”. Набргу стегнаа едно свадбиче. Првиот валцер невестата и младоженецот го одиграа на блузот „Ај гат ју бејбе!” Валцер на блуз!? Кога се работи за љубов, не поставувај глупави прашања!
Денес никој не пушта блуз, затоа што во меѓувреме нашите животи станаа еден голем и бескраен блуз. И наместо памук, ние береме гајлиња на сите страни.