Предлог резолуцијата за дефинирање на заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на зачленување на Македонија во ЕУ, предложена од СДСМ, ќе се „пегла“ по изборите. Истата до моментов не предизвика поголемо медиумско внимание во соседна Бугарија, а и оние кои ја пренесоа информацијата за неа, повеќе ги видоа роковите, анализира Катерина Блажевска за Дојче Веле.

„Рок за усвојување на уставните измени и без нови барања од  Бугарија  предлага СДСМ во резолуција што треба да ја усвои парламентот во Скопјe“, доминира во насловот на новинската агенција БТА.

„Десетти февруари 2026 година – македонската опозиција постави рок, во кој Бугарите да бидат впишани во Уставот“, објави „Mедиапул.бг“

Премиерот  Христијан Мицкоски  вчера најави дека  ВМРО-ДПМНЕ  како одговорна државотворна партија по изборите ќе направи една вистинска резолуција.

„Еве, како подлога ќе ја искористиме оваа резолуција и преку собраниските комисии по завршувањето на изборите ќе направиме македонска резолуција, која ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси. Нешто што, за жал, за  СДСМ  видовме во минатото дека не постои. Жал ми е што и овој претседател на СДСМ, како и неговите двајца претходници, продолжува по таа патека“, рече премиерот.

Негирање на историски факти

Премиерот посочи дека она што веднаш му паднало во очи е дека во преамбулата на  резолуцијата се содржани фалсификати, а на таков начин не се штитат македонските национални интереси.

„Се обидува да се негира еден историски факт и да се каже дека македонскиот јазик бил официјален јазик во ОН од 2019 година. Тоа е една монструозна лага, посебно во годината кога славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и неговото примање во Обединетите нации како официјален јазик на тогашната југословенска федерација заедно со српско-хрватскиот и словенечкиот јазик. Би сакал овој монструозен фалсификат, којшто е дел од оваа резолуција, македонската јавност категорички да го отфрли и да го осуди“, рече Мицкоски.

Забележа дека во  предложената резолуција има и неколку други фалсификати, а тоа е дека во 2005 година Северна Македонија не доби датум за почнување на преговори, туку доби Република Македонија, односно тогашната држава која во меѓународниот поредок беше „Поранешна Југословенска Република Македонија”. Истото се однесува и за 2009 година, кога Република Македонија доби препорака за почеток на преговорите со ЕУ, а во предлог резолуцијата на СДСМ се наведува дека таква препорака добила  Северна Македонија.

„Во самата резолуција се зборува за копенхашките критериуми, а потоа се цитираат двата билатерални договори со  Грција  и Бугарија. Едно со друго не е комплементарно“, рече Мицкоски.

Во предлог резолуцијата се наведува и дека „на први август 2017 година е потпишан  Договорот за добрососедство со Бугарија на македонски јазик“. Формулацијата е „македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија“, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и го смета за јазична норма на бугарскиот.

Се бара да преговараме за нашата историја, култура и јазик

На ваквите и други аспекти, вчера се осврна претседателката  Гордана Сиљановска Давкова,  во нејзиното обраќање на 80-тата сесија на Генералното собрание на ОН. Говорејќи за процесот на македонското пристапување кон Европската Унија, рече дека тој веќе 20 години е континуирано попречуван, но не врз основа на објективните копенхагенски критериуми, туку поради субјективни, националистички причини.

„Најновиот ЕУ услов за почеток на нашите преговори е нова, наметната промена на Уставот. Уставот како lex superior и општествен договор меѓу граѓаните, во Русоова смисла на зборот, е највнатрешното прашање на секоја држава. Нашиот устав предвидува четири предлагачи на измени: претседателот на Републиката, на Владата, најмалку 30 пратеници и 150.000 граѓани. Јасно е дека овластен предлагач на амандмани не може да биде наш сосед, ниту Европската Унија. Укажувам дека условувањето на почетокот на преговорите со нови уставни измени повторно ги отвора прашањата за историјата, културата и јазикот, за кои бевме убедувани дека се затворени со Преспанскиот договор со Грција. Постојано сме предупредувани дека договорите мора да се почитуваат: Pacta sunt servanda. Се согласувам, но напоменувам дека во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија нема одредби за уставни измени“, рече Сиљљановска.

Потсетувајќи дека ЕУ со конститутивните акти себеси се дефинира како „единство на различности“ и се обврзува да ги почитува „културната и јазична разновидност“, „националниот и културниот идентитет“, „дигнитетот и интегритетот“, Сиљановска праша – како е можно тогаш од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик?

ЦЕЛОСНАТА АНАЛИЗА НА ОВОЈ ЛИНК