Почна гласањето на парламентарните избори во Молдавија, кои се сметаат за пресвртница за поранешната советска република, која сега е земја кандидат за членство во Европската Унија. Отворени се вкупно 2.274 гласачки места, вклучувајќи 301 во странство во 41 земја, објавија локалните медиуми.
Дванаесет од гласачките места се во Приднестровје, сепаратистички проруски регион кој прогласи меѓународно непризнаена независност по кратката војна во 1992 година. Русија таму сè уште одржува контингент од околу 1.500 војници.
Неколку дена пред гласањето, Централната изборна комисија на Молдавија ја промени локацијата на четири од местата во Приднестровје од безбедносни причини.
Во 10 земји – САД, Канада, Норвешка, Шведска, Финска, Исланд, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд – за првпат на парламентарните избори може да се гласа по пошта. Централната изборна комисија синоќа објави дека од овие земји се примени 2.055 пликови со гласови.
Речиси 3,3 милиони луѓе имаат право на глас, вклучувајќи ги и Молдавците што живеат во странство.
Вкупно 22 партии, коалиции и независни кандидати се регистрирани за учество. Изборниот систем е пропорционален, при што целата земја е една изборна единица. Изборите се признаваат како валидни ако гласале најмалку една третина од регистрираните гласачи.
Избирачките места ќе се затворат во 21 часот. Според одлуката на Централната изборна комисија, нема да има излезни анкети. ЦИК акредитирала над 3.400 набљудувачи на изборите, од кои повеќе од 900 се меѓународни.