Братислав ДИМИТРОВ
Мојот прв драмски текст „Глоговиот џбун“, не го одбија само таму каде што не го понудив. Исклучок беше Македонскиот Народен Театар. Таму не го понудив затоа што бев вработен и имав малку срам. Емоција која денес се среќава само во речник со постар датум. Дали бев разочаран? Секако не бев весељак и не играв чочек на маса, ама сепак не бев разочаран. Таа 1985 година почнав да го пишувам текстот без никакви планови и очекувања. Едноставно ми беше интересно и забавно. Многу повеќе отколку да играм шах, карти, валцер или да кљамчам по кафани, бифиња и маалски тараби.
Само се чудам, како пред 40 години сум бил помудар отколку денес!? Староста наместо поголема памет носи поголем притисок, ишијас, реума… Башка амбиција, суета, его што бабри како тесто за мекици и … додајте што сакате или морате. Драмата ја пишував во село Владимирово на машина за пишување „Olimpia“, подарок од сестра ми Драгица. Не се одвојував од тоа тогашно најсовремено чудо, како дете од својата најомилена играчка. Еден ден баба Васа ја прашала мојата сопруга: „Што штрака тове човек по цал ден и цала нош?“ Ќе му дадат пари за тоа“ – одговорила сопругата за да не испаднам смешен. „Е ако, нека штрака тогај!“
И откако ја „доштракав“ драмата, му ја дадов да ја прочита на мојот пријател Богумил Ѓузел. Врвен поет, преведувач и драматург. И што е најважно, тој беше одмерен, шкрт, скоро циција во своите пофалби. Сите големи луѓе зборуваат малку, но кажуваат многу. Набргу се престрашив. Ѓузел со тивок и убедлив глас ми рече: „Ова е прв македонски драмски текст на театар на апсурд“. Осоколен, земав залет и почнав да го нудам „Глоговиот џбун“ на режисери.
Повторно катастрофа. Секој наоѓаше некоја причина за да биде што подалеку од мене и мојот драмски текст. Почнав да се тешам. Беше тоа време на социјализам со комунистичка идеологија. Оптимизмот беше званичен и личеше на кафе со 20 лажички шеќер, а мојата драма беше горчлива ко пелин. Нешто како „црн талас“ во Југословендкиот филм. Почнав и да страдам. Гледав како поставуваат по театрите текстови подосадни дури и од телефонски именик. И таман кога решив да дадам свој голем придонес во развојот на театарската уметност, што значи да престнам да пишувам, почна мојата „холивудска“ кариера.
Режисерот Наум Пановски го понуди текстот во МНТ. Тогашниот директор Љупчо Петрушевски го дал на читање кај „немилосрдниот“ драматург Бранко Варошлија, а управникот Ристе Стефановски на својот внук, славниот Горан Стефановски. И обајцата без двоумење го одобриле текстот. Сепак, најмногу помогна една среќна околност. Режисерот што требаше да режира во МНТ, откажа во последен момент и остави празен простор во кој ние влеговме со нашата премиера. Во претставата играа: Мими Таневска, Душко Костовски, Кирил Ќортошев, Владимир Светиев, Чедо Христов. Јусуф Абдулаи (после Гулевски) Александар Чамински (после го замени Александар Шехтански) и едно прекрасно детенце на кое, за голем срам, никако да му се сетам на името.
„Стерииното позорје“ беше Југословенски фестивал на домашна драма (од сите републики и покраини) што се одржуваше секоја година во Нови Сад. Примарно за селекцијата беше квалитетот на текстовите а не претставите. Има безброј анегдоти колку и како директорите се бореле за да стигнат со својот театар на тој најпопуларен фестивал. Повеќето од тие анегдоти не се за кажување, ниту во кафеана. Еден ден на насловната страница на милионски тиражниот дневен весник „Политика“, осамна ударен наслов: „Рекорден број пријави за „Стерииното позорје“ дури од 177 театри“. Од сите тие силни пријави беа избрани само седум, меѓу кои и нашата претстава „Глоговиот џбун!“ Многу славни македонски писатели од лектири и други важни места, не ја поминаа селекцијата.
Да не се фалам случајно? Се фалам. И не е случајно. На фестивалот бев скоро сигурен кандидат за специјалната награда за текст но… Нема ништо да кажам затоа што не поднесувам валкани игри и трачеви. Тоа се ментални вируси. И тогаш знаев, но денес е сосема јасно. Среќа што селекторот беше Словенец од Љубљана. Инаку најдалеку ќе стигневме до Куманово, евентуално Лесковац. Зошто? Споредете ја денес Словенија со сите околни (па и подалечни) држави и само ќе ви се каже. И уште еден неверојатен факт. Кога се вративме во Скопје, ниту еден, буквално ниту еден медиум не побара ни изјава, а камоли интерву со мене или со било кој од екипата!?
Во сите југословенски весници излегоа позитивни критики за мојот текст и нашата претстава во целост. Далибор Форетиќ, еден од најугледните Југословенски критичари, во хрватскиот неделник „Данас“ напиша долг есеј за нас, насловен „Свијет без мајке“. После премиерата во МНТ, цела македонска критика (без искучок) ме закопа и преку гробот помина со ваљак! Најтешко ми падна кога после нашата претстава, на разговорите во Нови Сад никој од „нашите“ македонски критичари не гукна ниту збор. И покрај честата прозивка на водителот да слушнат како поминала претставата на својата матична сцена во Скопје.
После „Глоговиот џбун“ се играше уште на пет сцени во Македонија и надвор од неа. На театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, ја добив главната награда за текст. Плакета и 500 тогашни марки. Сите марки отидоа на частење. Ама мене ми остана плакетата и што е најважно, големиот чалам! Режисерот Бранко Гапо планираше да сними игран филм според мојот текст. Но парите секогаш доцнат, а смртта никогаш. Има уште многу да се пишува на оваа тема, ама доволно се испофалив. Да не се урочам.
Поминаа цели 40 (четириесет!) години од овој настан. Никогаш и никаде во јавноста, не сум напишал ниту кажал еден единствен ред од мојава приказна. На љубезната покана од МНТ, со задовоство и конечно ја напишав. Најмногу заради младите генерации, кои се нашата иднина само доколку ја добијат вистинската шанса.
Како и да е, што и да е, Македонскиот Народен Театар е најзаслужен за мојот понатамошен театарски живот. Бескрајно му благодарам и му посакувам сѐ најубаво и сѐ најуспешно!
МИА