Сакам мајките да сфатат дека најважното нешто што некогаш ќе го направат, најзначајниот придонес кон општеството и најголемиот чин на патриотизам што некогаш ќе го направат за својата земја е да ја воспитуваат следната генерација, бидејќи таа е иднината на нашата земја за 10, 20, 30 години, вели во интервју за МИА Киберли Флечер, претседателката на влијателната Мајки за Америка
-Каква и да е вашата земја, вие ги носите одлуките според тоа на што си ги учите децата денес. Сакам мајките да го знаат ова и сакам да сфатат дека нивното влијание во домот ја создава нивната посакувана иднина, подвлекува Флечер.
Според неа, Америка почна од семејството и семејството ќе ја спаси Америка.
-Тоа е една од работите што ги сакам кај претседателот Трамп. Тој прави работи што ни го враќаат здравиот разум, но прави и работи конкретно фокусирани на унапредување на семејството и обезбедување квалитетен живот за семејствата. Оданочувањето не е товар, жените што сакаат да останат дома со своите деца можат да го сторат тоа. Ако сакаат да работат надвор од домот, во ред, но тоа не треба да биде нешто што мора да го прават за да преживеат, вели меѓу другото, претседателката на Мајки за Америка.
Кимберли Флечер – авторка, колумнистка, претседателка и основач на организацијата Moms for America® е опишана од медиумите како „мајка која безрезервно ја сака Америка“. Сопруга е на пензиониран офицер од Воздухопловните сили и мајка на осум деца.
Кимберли е авторка на повеќе книги, меѓу кои и „WOMEN: America’s Last Best Hope“, и е чест гостин на национални медиуми како Fox News, The Blaze и Breitbart. Со повеќе од две децении искуство во граѓанскиот активизам, таа учествувала во две претседателски кампањи и е препознаена од актуелниот претседател како клучна фигура за неговиот успех.
Нејзиното влијание денес се шири глобално – со визија за враќање кон нормален начин на живеење во различни земји. Личната мисија на Кимберли е да ги инспирира мајките ширум светот да ја препознаат и применат својата вредност и моќ во општеството.
Што ве инспирираше да ја основате Мајки за Америка? Кој беше поттикот?
– Имав поттик. Секој некогаш се буди и сфаќа дека нешто не функционира како што треба. Мојот беше 11 септември, кога се урнаа кулите близначки и Пентагон. Мојот сопруг беше стациониран во Пентагон. Од некое чудо, се врати дома здрав тој ден. Тоа ме промени. Почнав да поставувам многу прашања. Како стигнавме дотука? Зошто дојде до ова? Се претворив од жена со патриотски чувства во вистинска патриотка затоа што првпат, одблизу и лично, ја сфатив цената на слободата и ќе ја платам таа цена за моите деца и моите внуци.
Како влијаеше врз вашиот активизам што сте сопруга на воен офицер и мајка на осум деца?
Имаше големо влијание. Отсекогаш сум имала патриотски чувства, но кога му реков „Да“ на мажот, тоа беше животна промена. Бидејќи во војска, не служи само припадникот на армијата, туку целото семејство. Често беше отсутен и всушност јас раководев со семејството, чековната книшка, буџетот, сè. Потоа ќе се вратеше дома и мораше да смислиме како повторно да се интегрираме во заеднички живот. Беше интересно. Но, вложените жртви, посветеноста на припадниците на армијата и нивните семејства, сето тоа нè менува. Тоа е севкупен начин на живот. Сите се патриотски настроени во воените бази. Кога одите на кино, пред филмот пуштаат снимка со националната химна. Ја пуштаат националната химна секое утро или секоја вечер и сите застануваат. Ако возите или пешачите, застанувате додека не заврши, од почит. Едноставно има огромна количина љубов и почит кон Америка во базите и тоа влијае врз нас.
Со какви предизвици се соочивте во развојот на вашата организација, од финансиски аспект или од аспект на јавна прифатеност?
– Сè е преку донации. Не земаме никакви јавни средства. Немаме владино финансирање. Всушност, јас сум таа што излегува и испружува рака. Го мразам тоа. Мразам да барам пари од луѓе. Но, прочитав една книга од Букер Т. Вашингтон пред многу години, „Издигнат од ропството“, неговата автобиографија. Пишува за својот живот како роб и како излегол и го основал колеџот Таскиги. Одлична приказна. Сред книгата, додава едно поглавје за собирање средства и вели: „Веројатно се прашувате зошто го ставив ова поглавје овде. Ова не се вклопува со книгата.“ Но, вели дека многу луѓе го прашувале како собрал толку пари и како бара пари од луѓето. Вели: „Никогаш не сум побарал ништо од никого. Само им кажувам што правиме, влијанието што го имаме и колку тоа нè чини. Бидејќи одамна сфатив дека секој што заработува многу пари подобро знае од мене како да ги потроши.“ Не се согласувам со последниот дел, но се согласувам со првиот дел и така правам и јас. Одам и се среќавам со луѓе и велам: „Еве што правиме. Еве како го правиме ова.“ Интервјуа за медиуми. Мајките периодично даваат пари. Немаме членарина, но нудиме премиум членство на кое мајките можат да се претплатат за 17,76 долари месечно. Значи, всушност преживуваме од милоста на американскиот народ.
На кои начини Мајки за Америка им помага на семејствата да станат посилни? Како промовирате промени во општеството?
-На повеќе различни начини. Основната програма на Мајки за Америка се Средбите во колиба. Ако ви се познати средбите за продажба на пластичните садови Тапервер, ова е како Тапервер за слобода, каде што каните пријателки и сосетки кај вас. Па така жените водат дискусија со пријателките и сосетките. Ги учиме преку приказни, преку лични примери и искуства за принципите на слободата и Уставот. Тоа многу ги возбудува, бидејќи во Америка ни е ускратена нашата историја и наследство. Веќе не нè учат за тоа на училиште. Мора да го дознаеме на друго место. Па ги подучуваме на начин што е близок до мајките, што многу ги возбудува, а потоа ги поттикнува на активизам.
Штом ќе се активираат, правиме други работи. Сакаат да знаат: „Како можам да зборувам на состанокот на советот на родители?“ Или: „Како да се регистрирам за да гласам?“ Им ги даваме сиве овие ресурси за да им помогнеме самоуверено да гласаат за своите вредности и да бидат навистина влијателни во своите месни заедници.
Вие и вашите колеги постојано ја нагласувате важноста на образованието.
-Образованието е најважно. Добро, ако зборуваме за стандарди, би рекла прво Бог, семејството, па сè. Културата се менува преку образованието – или така што немате соодветно образование или така што имате.
На почетоците на нашата земја, на некои луѓе не им било дозволено образование, па биле гладни за знаење, а имало и луѓе со образование, кое го искористиле. Но, на почетокот на 1900-те, ова се сменило и задолжителното образование за сите навистина ги смени нештата.
Па така, нашиот образовен систем полека почна навистина да ги заглупавува американските граѓани и затоа тие не го знаат Уставот, не знаат што е Америка или зошто треба да се бориме за неа, што навистина значи слободата и дека имаме одговорност како граѓани. Просто не знаат. Не ги научиле тие работи. А ако не сме ги научиле тие работи, како да гласаме за тие работи?
Па така, тоа што се случува сега во нашиот образовен систем е што се прошири едно радикално движење во сите наши училишта и кампуси во последните 50 години. Ги учат нашите деца да ја мразат својата земја, да ги мразат своите соседи, да се мразат себеси, да се оддалечат од своите родители. Ги сексуализираат нашите деца. На сила им туркаат родова идеологија. Училиштата веќе не се места за учење. Не се дури ни безбедни места. Тие се места на индоктринација.
Не се сите наставници такви. Има многу наставници и членови на училишни совети кои доаѓаат кај нас и не се задоволни од наставната програма. А ние ги поврзуваме родителите, наставниците и членовите на советот на родители коишто се спротивставуваат на сите радикални идеологии, коишто сакаат квалитетно образование и сакаат да можат да предаваат и да им се спротивстават на наставничките синдикати што ги туркаат тие идеологии. Без образование, не можете да одржите слободно општество.
Некои критичари велат дека Мајки за Америка има силна политичка агенда. Се согласувате ли со тоа?
-Денеска и да дишеш е политички. Ние не сме политичка организација. Не сме религиозна организација. Ние сме организација заснована на принципите врз кои е основана Америка. Принципот на еднаквост, еднаква правда, слободата да се обидеш, слободата да не успееш, напорната работа, американскиот сон, сите тие работи што нè обединуваат како народ. Тоа се принципите за кои се залагаме и за кои се бориме. Но, повеќето политики што се создаваат се спротивни на принципите. Тие се спротивни на самиот Устав. И затоа се вклучуваме на политичкиот плоштад, јавниот плоштад и политичката, а не на насилничката платформа. Се вметнуваме во државните институции. Се среќаваме со членови на државното законодавство. Се среќаваме со претседателот. Се среќаваме со членови на Конгресот за да им кажеме кои политики ги поддржуваме, а кои не и зошто. Секогаш се навраќаме на принципот. Ако појдете од Уставот и ги земете предвид ненамерните последици, а потоа почнете да пишувате закон, ќе добиете подобар закон.
Што ве изненади најмногу во вашата активистичка кариера? Кој момент или искуство беше пресвртница во вашата кариера како активистка?
-Во 2001 г., еден пријател ме покани на состанок во општината. Зборуваа за даноци и претставници. Говорникот го постави прашањето: „Колку конгресмени имате?“ Ние имаме два дома во Вашингтон, федерална влада, па јас ја кренав раката и реков: „Не знам колку конгресмени имаме, но знам колку сенатори имаме.“
Сите во собата се изнасмеаја, а јас не знаев зошто. Кога се вратив дома, му раскажав на сопругот што се случи и го прашав: „Зошто, не разбирам?“
Тој рече: „Душо, секоја држава има по двајца сенатори. Мислеле дека се шегуваш.“ Си реков: „Зошто не сум го знаела ова? Треба ова да го знам. Требало да ме научат.“
Па почнав да го учам Уставот. Пријателот ме канеше на општински состаноци каде што се зборуваше за политики што директно влијаат на моето семејство. Претходно немав поим за нив. Потоа почна да ми се јавува и да ми кажува за работи што се случуваат во образовниот систем, а јас му велев: „О, тоа е ужасно. Тоа е ужасно.“
Во тоа време им држев домашна настава на моите деца, па си реков: „Не ми се верува дека така прават.“ Тој рече: „Треба да се кандидираш за совет на родители.“ А јас му реков: „Не. Им држам домашна настава на моите деца. Не ми треба тоа. Имам седум деца. Не ми треба тоа.“ Сега имам осум, но тогаш имав седум деца.
Некаде петтиот пат кога ми се јави да ми раскаже што се случува во образовниот систем, си реков: „Уф. Тоа е апсурдно.“ А тој рече: „Знаеш што? Ти немаш право да се жалиш.“ Бев шокирана што ми се обрати на тој начин.
Му реков: „Како мислиш?“ Тој рече: „Петпати ти дадов можност. Те замолив да се кандидираш за во совет на родители за да направиш разлика. Имаше можност да направиш разлика, а ако не сакаш да го направиш тоа, тогаш немаш право да се жалиш.“ И така се кандидирав за член на совет на родители.
Која година беше тоа?
Тоа беше во 2003 г.
Пред да ја основате Мајки за Америка?
-Да, беше година дена пред да ја основам. Всушност, тие три години од 2001 до 2003 г., без да сфатам, станав активистка затоа што почнав да гледам што се случува. Кога се кандидирав за совет на родители, многу истражував. Им го истражив буџетот и апсурдно беше колку пари трошеа без потреба. Потоа почнав да ја разгледувам наставната програма и содржините што се вметнуваа во книгите, како и сексуалноста што ја воведуваа во училниците.
Видов дека нешто злокобно доаѓа, веќе беше стигнато, но не беше ни блиску до нивото каде што сме сега. Но, видов каде одиме. Мислам дека тоа нешто Бог ми го стави на срцето. Бидејќи не можете да заборавите нешто такво откако ќе го видите. Кога ќе видите книга полна со порнографија што ја охрабруваат како класичен начин за учење сексуалност за две 10-годишни деца, не можете да го заборавите тоа.
Се вклучив во многу различни организации во тие три години. Имаше една жена што основа една организација наречена Безбедни библиотеки. Имаше список на сите лоши книги што ги промовираа. Разговарав со неа и ја прашав: „Дали ги има книгиве во јавните библиотеки?“ И таа ми рече: „Да, но ги има и во училишните библиотеки и децата од прво одделение имаат пристап до нив, а наставниците им ги даваат за лектира.“
Бев просто згрозена, но никој не ме слушаше. Кога им кажував дека ова се случува, не ме слушаа. Тогаш, во 2004 г., кога ја започнав организацијата, не знаев дека тоа ќе биде една од моите главни задачи – да ги разоткријам овие работи и да им помогнам на родителите да се борат против нив, но така се збидна.
Всушност, толку многу мајки не знаеја што се случува, толку многу родители немаа поим на што се изложени нивните деца. Кога им кажував, не ми веруваа. Ми беше тешко затоа што сфатив дека нивните деца постојано ќе бидат изложени и ако родителите не се никакво влијание или контра-влијание, ќе ги изгубат своите деца. Па почнав да пишувам статии за тоа. Напишав книга и се осврнав на различни аспекти на нашата култура, општество и политика на ниво што мајките ќе го разберат. Сето тоа навистина беше активизам, бидејќи сакав другите мајки да го знаат тоа што го знам јас за да можат да си ги заштитат децата.
Би сакала да Ве прашам за вашата книга – Најдобрата последна надеж на Америка, жените. Која е вашата најголема надеж за иднината на американските семејства?
-За американските жени или за Америка, нашата земја? Претпоставувам дека се испреплетени. Мојата надеж е дека мајките во земјата и жените воопшто ќе го препознаат своето влијание во општеството и дека ако се обидуваат да бидат мажи, се откажуваат од своето влијание.
Имаме неверојатна моќ. Им велев на моите ќерки додека растеа: „Имате толку голема моќ. Имате способност да вивнете еден маж до неговите најголеми височини или да го смачкате до самото дно. Мудро ракувајте со оваа моќ.“
Но, има едни радикални феминистки што се откажуваат од својата моќ и се обидуваат да бидат мажи. Тоа е штетно за нашето општество и на нашата култура. Затоа, би сакала жените што мислат дека се феминистки да сфатат дека не се и тие заколнати феминистки просто да ги снема. И да сфатат дека тоа не е добро за нив.
Сакам мајките да сфатат дека најважното нешто што некогаш ќе го направат, најзначајниот придонес кон општеството и најголемиот чин на патриотизам што некогаш ќе го направат за својата земја е да ја воспитуваат следната генерација, бидејќи таа е иднината на нашата земја за 10, 20, 30 години. Каква и да е вашата земја, вие ги носите одлуките според тоа на што си ги учите децата денес. Сакам тие да го знаат ова и сакам да сфатат дека нивното влијание во домот ја создава нивната посакувана иднина.
Како главен говорник на конференцијата „Јас сум жена“ во Скопје, најавивте проект од големо значење за женското движење во земјата.
-Станува збор за Мајки за слобода. Веб-страницата е momsforfreedom.world, а Мајки за слобода е светска мрежа, сестринство на мајки, мајки кои се мајки или кои ќе бидат мајки во иднина. Нејзината цел е да го воздигне мајчинството, да го охрабри мајчинството и да им даде сила на мајките.
Политиките што се донесуваат се косат со тоа. Радикалните феминистки не сакаат да бидете мајка. Ве убедуваат да немате деца, дека тоа е губење време, дека треба да се занимавате со нешто друго. Вие можете да се занимавате со нешто друго. Не велам да не се занимавате со други работи. Но, да немате деца за да се занимавате со нешто друго затоа што мислите дека така ќе бидете важни – важно е токму спротивното. Титулата на вратата на вашата канцеларија или унапредувањето што ќе го добиете нема да ви го грее срцето на стари години. И навистина сакам мајките во сите земји да имаат глас што може да се спротивстави на ова глобално движење за уништување на семејствата и минимизирање на вредноста на мајките и жените.
И затоа ова е нашата можност да ги обединиме мајките во еден меѓународен глас со кој што ќе можеме заеднички да ги споделиме нашите грижи и да објавуваме трудови, статии, блогови, што било во кое ќе зборуваме за различни политики.
Некогаш би сакала да присуствувам и на таа гадна конференција на Обединетите Нации каде што секоја година се обидуваат да ги уништат жените. И сакам ова сестринство да биде охрабрувачка платформа за поврзување и осознавање дека не се сами и дека се поддржуваат едни со други и нашата улога како мајки и жени во нашите земји.
Постои ли разлика помеѓу мајките во Македонија и мајките во Америка?
-Формираме Мајки за Македонија.
Дали сте запознаени со ситуацијата на жените, на мајките во Македонија?
-О, да. Македонија е една од моите омилени земји затоа што жените ја презедоа контролата и ги исправаат нештата. Сепак, мора да кажам, во повеќето околности би рекла кога жените ќе станат главни, треба да бегате. Но, во Македонија, ова се добрите жени, жените рок-ѕвезди, жените и мајките кои се грижат за својата земја, за своите деца, за иднината. Тие жени прават политики засновани на принципи, принципите на семејство, квалитетен живот и квалитетно образование.
Ги обожавам промениве и политикиве што се носат во земјата. Мислам дека вашата претседателка е рок-ѕвезда. Мислам дека премиерот е токму она што ѝ треба на оваа земја и двајцата прават големи чекори.
Има неверојатни пратеници што ги туркаат работите во вистинската насока. Едноставно мислам дека светот треба да се угледа на Македонија, која е совршен пример за тоа што треба да се прави во Владата за да се поддржи државата и нејзините жители.
Колку е важна поддршката на семејството во вашата работа?
-Исклучително е важна. Во создавањето на САД почнавме со семејства што се обединија во заедници, затоа што веруваа во истите вредности и принципи. Потоа тие заедници станаа градови, а потоа градовите станаа окрузи, а тие окрузи станаа држави. Потоа дојде федералната влада. Америка почна од семејството и семејството ќе ја спаси Америка.
Тоа е една од работите што ги сакам кај претседателот Трамп. Тој прави работи што ни го враќаат здравиот разум, но прави и работи конкретно фокусирани на унапредување на семејството и обезбедување квалитетен живот за семејствата. Оданочувањето не е товар, жените што сакаат да останат дома со своите деца можат да го сторат тоа. Ако сакаат да работат надвор од домот, во ред, но тоа не треба да биде нешто што мора да го прават за да преживеат.
Тој се осврнува на многу вакви прашања во своите политики и во своите изјави. А извршните укази што ги донесува се целосно во рамките на неговите овластувања во Уставот. Значи, постигнавме многу работи.
Тој ја покачи вредноста на семејството. Тој го цени семејството и ја сака својата мајка. Таа е почината, очигледно, но тој многу убаво зборува за својата мајка и за неговите сопруги, за неговата ќерка. Има голема почит кон жените. Кон дамите, а не лудите психотични жени. Како и да е, семејството за него е сè. Тоа се гледа од начинот на кој комуницираат во неговото семејство. Тој им го посакува истото на сите.
Значи, фактот дека ова му е важно, тој го истакнува во политиката. И во нашата организација, ова е од големо значење, бидејќи домот е сржта на општеството. Мајките се сржта на домот. Ако мајката е добро, ако се чувствува силна, ако ѝ се дадат вештините и поддршката што ѝ е потребна, како и охрабрување, таа ќе биде многу посреќна мајка. Тоа ќе го одреди правецот на целото семејство. Значи, ако сакате да спасите една нација, спасете го семејството. Ако сакате да го спасите семејството, мора да ја спасите мајката.
Која е вашата порака до македонските жени и мајки, што им препорачувате, што е тоа што сакате да го разберат?
-Сакам да разберат дека имаат способност да ја создадат посакуваната иднина преку примерот што го даваат, преку децата што ги растат, преку своето влијание, преку својот круг на влијание.
Има два одлични цитати што би им ги кажала. Метју Васар, кога го основал Женскиот колеџ Васар, рекол дека го сторил тоа затоа што сфатил дека мајките на една земја ги обликуваат нејзините граѓани, ги одредуваат нејзините институции и ја обликуваат нејзината судбина. Во Мајки за Америка сме на мисија за обликување на судбината и би сакала да видам дека жените од Македонија сфаќаат дека имаат судбина што можат да ја обликуваат и дека можат да го променат светот само така што ќе почнат во својот дом, во својата сфера на влијание и ќе бидат пример за сите околу нив.