Во Охрид денеска беше лансирано „Мајките за Македонија“ како дел од „Мајки за слобода-светска мрежа“, меѓународно движење што ќе има за цел активно да работи за воздигнување на мајчинството, охрабрување на жените да станат мајки, промоција на активности за помош за оние жени кои веќе имаат деца како и на оние кои допрва ќе станат мајки. На оваа меѓународна мрежа „Мајки за слобода“ која практично прв пат токму тука од Охрид стартува на глобално ниво, се приклучуваат и други 17 држави низ светот.

На денешната прес-конференцијата одржана во Охрид, свое обраќање имаше Кимберли Флечер, претседателката на националната организација „Мајки за Америка“ основана пред 21 година, со членство од над 500 илјади мајки од САД, инаку организација доста влијателна во американското општество, со активно учество и во политичкиот живот…

– Нашите активности не ставија на светската сцена и во текот на последните две години, имаше многу лидери на земји, лидери на организации, мајки од различни земји, кои нè прашаа, дали можеме да ги донесеме „Мајките од Америка“ во нивната земја, која е основана врз американските уставни принципи, па тоа не би функционирало? Во февруари оваа година објавив дека ќе го започнеме „Мајки за слободата – светска мрежа“, како  меѓународно сестринство на мајки низ целиот свет, осмислено со цел да се поврзуваат и поддржуваат едни со други и да го шират својот глас низ целиот свет. Истовремено, да се вклучат во донесувањето политики, сето во насока на воздигнување на мајчинството. А Македонија има едно од клучните места во оваа фондација на „Мајки за слобода“, изјави Флечер на денешната прес-конференција во Охрид.

Коосновачи на Организацијата „Мајки за слобода“ заедно со Флечер се и Рејчел Скот и нашата Ана Дукоска, претседателка на Здружението „Јас сум жена“.

– Јас, Ана Дукоска и Рејчел Скот, сите три доаѓаме од различни земји, но сите имаме иста заложба – да ја искористиме моќта и нашето влијание во подобрувањето на нашите општества и нашите земји. „Мајки за слобода – светска мрежа“ ни овозможува поврзување на жените-мајки од различни држави врз основа на истите универзални вистини и принципи што нè обединуваат. Трите основни грижи на сите мајки во светот – сакаат нивните деца да бидат безбедни, да добијат добро образование и еднакви можности за успех во животот. Ако сакаме да имаме семејства и заедници кои се силни и напредуваат, тогаш ни требаат мајки кои се поддржани и силни, и затоа го основавме тој свет на „Мајки за слобода“, појасни Флечер.

Коосновачката Рејчел Скот од своја страна потсети дека првото место од каде детето учи за љубовта е од безбедноста што ја чувствува во мајчината утроба, а потоа и од утехата што ја наоѓа во мајчината прегратка. Таа додава дека мајката и семејството составено од мајка, татко, браќа и сестри и баби и дедовци е еден од најголемите благослови во животот, а љубовта на мајката е најчистиот, најсилниот, најнезаменливиот подарок во светот, оттаму што само мајката знае безусловно да сака. Таа го сака своето дете, го прифаќа, му дава утеха и безбедност…

– Мајките играат витална улога и во самото општество. Тие ги креираат идните генерации лидери во нацијата. Тие ги држат клучевите, не само во образувањето и обликувањето на децата, туку имаат и главна улога во определување на судбината и насоките во кои ќе се движи една нација…Силата на една нација е онолку моќна колку што се силни нејзините семејства, рече таа.

Токму оттаму, додава таа, важноста на „Мајките за слобода“, движењето иницирано со цел да ги охрабри жените да се реализираат преку нивната улога како мајки, е со сериозно важна улога витална за иднината на светот.

Скот потсети и на падот на улогата на мајките во обликувањето на следната генерација лидери во светот, особено изразено во земјите од  западната хемисфера, каде жените поголема важност придаваат на образованието и трката по кариера.

– Мора да ги охрабриме помладите жени да станат мајки, да ги предупредиме на последиците од одложувањето на таа неспоредливо важна улога…Секоја жена треба да се образува и да гради кариера, но  мора и да биде едуцирана и советувана дека не мора заради кариера да ја жрвува својата биолошка задача да биде мајка. Младите жени треба да ги охрабриме, дека исполнувањето на улогата на сопруга и мајка ќе ѝ го донесе она по што копнее нејзиното срце – љубовта што таа и нејзиното дете ќе ја имаат еден кон друг, рече таа, нагласувајќи дека благослов е да се биде мајка, тетка, баба…

Ана Дукоска од македонското здружение „Јас сум жена“ од своја страна посочи дека мајчинството не е ограничено само на биологијата – тоа е длабок инстинкт, повик на срцето што ги надминува крвните линии.

– Мајката значи да негува, да штити, да воздигнува. Се наоѓа во нежното водство од пријател, жестоката заштита од внука, тивкото охрабрување од сосед и непоколебливата посветеност на татковината. Мајчиниот дух живее во секоја жена која избира длабоко да се грижи, мудро да едуцира, храбро да инспирира и да ги овластува оние околу неа. Таа е гласот што утешува, раката што смирува, присуството што зајакнува. Во оваа смисла, мајчинството станува свет чин на лидерство – секојдневна револуција на љубовта и одговорноста што ги обликува не само семејствата, туку и заедниците и нациите, рече таа.

Зборувајќи за мајчинството на овие простори, Дукоска потсети дека вели, „Македонија не беше само станица на патувањето на Павле“, забележувајќи дека тоа беше само почеток, место каде што Евангелието го пронајде својот прв европски дом, не во храмови или палати, туку во срцето на жена по име Лидија.

– Денес, тоа наследство живее во секоја жена која води со убедување, негува со сила и гради заедница со благодат. Овој панел е почит кон нив – кон Лидиите од нашето време. Во земјата каде што Лидија првпат го отвори своето срце, македонските жени сè уште се издигнуваат – смели по дух, великодушни по цел и непоколебливи во верата, рече таа.

Што се однесува на состојбата и позицијата на жената-мајка во Македонија денес, гостинките истакнаа дека од средбите со претставниците на власта во земјата било нагласено оти интензивно се работи на подобрување на условите за жените и мајките во современото македонско општество.

Како што посочи Флечер, домашното насилство во Македонија сега е кодифицирано како кривично дело, така што истото ќе биде препознаено и соодветно казнувано. Таа истакна дека мајките мора да имаат засолниште, каде би можеле да бидат згрижени во услови на насилство, дали преку сестринство, дали преку „сигурни куќи“ или кај некое семејство.

– Тоа е една од задачите и целите на кои работиме. Мајката и жената да не се чувствува осамена. Доколку работиме сплотено можеме да обезбедиме сигурност за секој кој има потреба од помош. Она што е важно е да се адресираат проблемите, да се работи на нивно отстранување, и сето тоа да стане дел од културата и начинот на живот. Потребно е и во свеста на луѓето да се вгради тоа дека не мора кариерата да биде пречка за формирање семејство, туку таа да се гради заедно со семејството, дотолку повеќе што кариера може да се гради и во поодминати години што не е случај со одгледувањето деца, истакна Флечер.

Кога станува збор за предизвиците пред кои секојдневно е исправена жената во македонското општество, Дукоска посочи на потешкотиите кога жената сака да се оствари како мајка, во онаа како што рече, секојдневна потрага по начини како да го балансира приватниот живот со професионалниот ангажман.

– Тие предизвици последно време ги поместуваат границите со тоа што борбата за еднаквост меѓу мажите и жените го наоѓа своето место во општеството, за жената да ја добива помошта од сопругот во заедничко одгледување на децата, а не тоа да биде само на товар на мајката…рече таа, укажувајќи и на постоечките иницијативи во македонското општество за измена на легислативата за заштита на жената, таа да не го губи работното место само затоа што станала мајка.

Кога станува збор за наталитетот во земјата и податоците што покажуваат пад на бројот на новороденчиња, Дукоска потсети дека здружението „Јас сум жена“ има назначено своја амбасадорка која ќе работи токму на проблематиката во сегментот „семејство и мајчинство“, со главен фокус на активности за охрабрување на жените да станат мајки, да се работи на формирање повеќедетни семејства за што, како што рече, ќе треба и поддршка и конкретна соработка со власта преку соодветни иницијативи.

Инаку, според „Мајките за слобода“, мајчинството и воспитувањето на следните генерации е најзначајниот придонес кон изградбата на хумано општество и највисокиот чин на патриотизам кон својата земја.