Кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, денеска претстави нова изборна програма со визија за модерен, дигитален, економски силен и зелен град.
Пецаков го истакна досегашниот успех на својата администрација, вклучувајќи финансиска стабилизација на општината и јавните претпријатија, изградба и реконструкција на училишта, градинки, спортски и културни објекти, како и асфалтирање на над 100 улици и патишта низ градот и околните села.
Во новата програма, Пецаков најави продолжување на капиталните проекти, меѓу кои се реконструкција на Кеј „Македонија“ и дел од булеварот „Туристичка“, изградба на катни гаражи, Младински културен центар, уредување на кејот во Пештани и градскиот пазар, како и проекти за канализација и патишта во населени места како Трпејца, Долно Лакочереј и Орман.
Посебен акцент е ставен на дигитализација на јавните услуги, воведување на QR-кодови за документи, плаќање на такси преку СМС и електронско поднесување на барања, како и поддршка на локалната економија и млади претприемачи преку иновациски фонд.
Пецаков најави и продолжување на еколошките активности, вклучувајќи субвенционирање за соларни панели, контрола на отпадните води и засадување нови дрвја, како и развој на туризмот и културата преку стратегии за еко, културен и авантуристички туризам и поддршка на фестивали и културни настани.
-Оваа програма е посветена на сите охриѓани и има за цел да го направи Охрид уште подобро место за живеење. Заедно, за уште поубав Охрид, вели во своето видео обраќање Пецаков.