Кандидатот за градиначалним на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека учествувал на панел-дискусија посветена на решенијата за „Дрисла“ и другите депонии.

На лошото управување со отпад му доаѓа крај, затоа што нема да дозволиме повеќе половични решенија и институционална негрижа, наведе во објавата.

-Во мојата програма имаме јасен и одржлив план за „Дрисла“, рече Ѓорѓиевски.

„Ќе ја трансформираме во европски центар за третман на отпад, целосно усогласен со европските директиви за отпад (2008/98/EC).

Тоа ќе значи современ систем за селекција, рециклирање и енергетско искористување со фокус на заштита на животната средина и подобар квалитет на живот за сите скопјани.

Главните проекти кои ќе ја променат сликата на „Дрисла“ и управувањето со отпад се:

Систем за одвоено собирање отпад – воведување ефикасен систем што овозможува подобар квалитет на рециклирани материјали и намалени оперативни трошоци.

Постројка за дробење на градежен отпад – механичка обработка на градежно-демолициски отпад во секундарни суровини кои повторно ќе се користат во градежништвото, со што ќе се штедат природните ресурси.

Систем за депониски гас – активна екстракција на метан и други гасови за производство на електрична и топлинска енергија, намалување на климатското влијание и создавање локален обновлив извор.

Третман на специјален отпад – поставување системи за безбеден третман на електронски, медицински, индустриски и токсични отпади, согласно највисоките европски стандарди.

Прочистителна станица за отпадни води – изградба на специјализирана станица усогласена со ЕУ Директивата 2024/3019, со дигитализирано следење и автоматизирана контрола на технички, атмосферски и процесни води.

Иновативни решенија:

Картомати – паметни автомати за рециклажа, каде граѓаните депонираат отпад и добиваат гратис карти за културни настани, по пример на најуспешните европски практики.
24/7 дигитален надзор – целосно дигитализиран, безбеден и контролиран центар со автоматизирано управување според најдобрите достапни техники (BAT).

Овие проекти претставуваат интегриран пристап кон еколошките предизвици на Скопје.

Нашата цел е јасна – чист, зелен и модерен град по европски стандарди, со дигитализација, одговорност и визија за одржлива иднина.

Време е Скопје да стане пример – не за депонии, туку за европски решенија“, потенцира во бравата Ѓорѓиевски.