Бутел ќе добие кружен тек, пробивање на нови улици, мега парк и уште многу други проекти, објави Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Во продолжение неговата целосна објава:

🫡 Денес сме во Општина Бутел, на крстосницата меѓу улиците „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“, каде што планираме изградба на кружен тек.

✔️ Овој проект е дел од пошироката стратегија за зголемена безбедност и уреденост во сообраќајот низ целиот град.

Преку редизајн на 50 критични крстосници и улици, Скопје ќе се движи кон целта „Нула фатални несреќи до 2030 година“, применувајќи докажани европски стандарди за безбедност во урбаниот простор.

🚧 Кружниот тек што ќе се изгради овде ќе значи крај на хаосот во сообраќајот и значително намалување на ризикот од несреќи.

Оваа точка е една од најфреквентните во Бутел, бидејќи улицата „Александар Урдаревски“ е сообраќаен правец што секојдневно го користат илјадници граѓани, особено поради близината до градските гробишта.

☝️Паралелно со овој проект, следи и целосна реконструкција на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“, на потегот од Расадник – Бутел до населбата Радишани.

Со тоа ја враќаме функционалноста и безбедноста на една од најважните сообраќајни артерии во општината.

📎 Ќе се постави нов асфалт, подобрена дренажа, пешачки патеки и улично осветлување според најсовремени стандарди.

Особено важно е што пред реконструкцијата ќе се изгради атмосферска канализација, со што конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со поплавите при поројни дождови.

Во насока на подобра поврзаност и функционален сообраќаен систем, ќе се реализира и проектот за поврзување на улицата „Бутелска“ со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, во близина на обиколницата. Со ова решение ќе се елиминираат постојните гужви и ризици од несреќи и ќе се обезбеди нов, безбеден и уреден влез и излез од Бутел.

❗️Посебно внимание посветуваме и на стратегиските правци, меѓу кои е и реконструкцијата на Стар Качанички пат кај Визбегово – проект од огромно значење не само за Општина Бутел, туку и за Општина Чучер Сандево.

Со негова реализација директно се поддржува развојот на Економската зона Визбегово, што ќе придонесе за нови работни места, подобра логистика и економски раст на целиот регион.

🗺️ Општина Бутел не е изолирана зона, туку дел од функционалната урбана целина на Скопје.

Затоа, секоја интервенција овде ја планираме во координација со развојот на сообраќајната инфраструктура во соседните општини.

Во таа насока, сакам да ги спомнам и два големи проекта што ќе имаат директно позитивно влијание врз Бутел – изградбата на третата лента на булеварот „Цветан Димов“ во Општина Чаир и изградбата на булеварот „Хрватска“ во Општина Гази Баба.

🚘 Со нивното реализирање, значително ќе се подобри протокот на возила и ќе се олесни пристапот кон Бутел, што ќе придонесе за поголема сообраќајна безбедност и рамномерно растоварување на метежот во овој дел од градот.

Но, развојот на Бутел не го гледаме само низ призма на сообраќајот, туку и низ создавањето на урбани и зелени јавни простори.

🏞️ Затоа, во план е изградба на нов мега парк долж булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“.

Овој простор, кој со години беше запуштен, ќе се претвори во уреден, функционален и модерен јавен парк со зелени површини, детски игралишта, фитнес зони и пешачки патеки.

Со тоа, Бутел конечно ќе добие своја современа рекреативна зона, место за одмор и дружење за сите генерации.

✌️ И на крај, меѓу најзначајните и долгорочни проекти се издвојува рекултивацијата на реката Серава и воспоставувањето зелени коридори по нејзината должина.

Со оваа интервенција ќе се обнови целиот речен појас, ќе се уреди со пешачки и велосипедски патеки, автохтона вегетација и јавни содржини. Серава ќе стане чиста, безбедна и достапна зона што ќе го подобри квалитетот на живот на жителите на Бутел и на целиот град.

✔️ Овие проекти – од кружни текови и реконструкции на улици, до паркови и зелени коридори – не се изолирани мерки.

Тие се дел од јасна и системска визија за Скопје кое е безбедно, функционално и современо, град што расте со план и се развива во корист на граѓаните.

Фејсбук статус на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски