Гувернерот на Народната банка попладнево соопшти дека се направени првите трансакции преку СЕПА системот.

– Историски ден за нашата држава! Денес се направени првите трансакции преку СЕПА – системот што ја приближува Македонија кон европското платежно подрачје. До 6 пати пониски трошоци за граѓаните. До 8 пати пониски трошоци за компаниите, објави гувернерот Трајко Славески на платформата Х.

Од денеска практично во државава почна примената на истите правила за прекугранични плаќања во евра како и во земјите од Европската унија. Со приклучувањето кон СЕПА, прекуграничните плаќања во евра стануваат поевтини и побрзи како за граѓаните, така и за компаниите.

Приклучувањето кон СЕПА денеска го поздрави и министерката за финансии која оцени дека ова е значаен исчекор кон унапредување на условите за работење и живеење во Македонија, прилагодувајќи ги стандардите на земјата кон европските.

– Од членството во СЕПА се очекуваа бројни придобивки за граѓаните, компаниите, но и за економијата во целина. Пред се се очекуваат побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Апликацијата за приклучување кон СЕПА беше поднесена на 10 јули минатата година од страна на Народната банка, а на 6 март оваа година беше одобрена. Досега, девет банки веќе се приклучија кон СЕПА системот, а до крајот на годината се очекува да се приклучат уште три банки.

Фото: архива