Почина поранешниот градоначалник на Кавадарци, пратеник и носител на независна листа за Локалните избори 2025 Панчо Минов. Тој беше роден на 21 август 1958 година во Кавадарци.

Од Општинската изборна комисија Кавадарци за МИА информираат дека утрово добиле информација дека Минов починал за што ќе ја известат Државната изборна комисија.

– Утрово добивме потврдена информација. Починал Панчо Минов. Сега ние ќе известиме до Државна изборна комисија, има законски пропишана постапка, во случај на смрт на еден од кандидатите, особено носител на советничка листа. Мислам дека не се отштампани уште ливчињата. Натаму, ќе ни кажат што, како да постапиме. Ваков случај првпат сега имаме, рече Емилија Петровска, претседател на ОИК.

Комеморативна седница во чест на Панчо Минов ќе се одржи утре во Кавадарци, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, по смртта на Минов, кој беше на два пати градоначалник на Кавадарци и во четири мандати, пратеник во Парламентот.

– Со длабока тага ја примивме веста за смртта на Панчо Минов. Поранешен градоначалник на Кавадарци со два мандата, долгогодишен политичар со 4 мандати како пратеник во републичкото собрание, човек кој остави длабока трага во развојот на нашиот град и во јавниот живот на Република Македонија. Неговата посветеност, искреност и љубов кон Кавадарци ќе останат запаметени за кавадарчани. Неговото влијание во донесувањето на важни законодавни измени ја покажува и посветеноста, искреноста и љубовта и кон Република Македонија, соопштија од кабинетот на Јанчев.

На семејството, пријателите и сите негови соработници им изразија најдлабоко сочувство.

– Нека му е вечна славата. Честа е наша што те имавме. Ја известуваме јавноста дека утре со почеток од 11 часот во Дом на култура ,,Иван Мазов – Климе”, ќе се одржи комеморативна седница во чест на Панчо Минов. Посмртните останки ќе бидат изложени во градската капела од 12 – 13 часот, споделија од кабинетот на Јанчев. свд/

ФОТО: Архива