Бранка Д. НАЈДОВСКА

Угледниот американски биохемичар, доктор Томас Сејфрид, одговорите на прашањата од МИА ги започнува со цитирање на писателот, добитникот на Пулицер и политичкиот активист, Аптон Синклер, кој велел дека секогаш треба да се следи патот на парите: „Тешко е да натераш човек да разбере нешто кога неговата плата зависи од тоа – да не го разбере.“

„Секоја година, Американското здружение за рак документира нови заболувања и нови смртни случаи. Бројот секогаш расте. Во САД, секојдневно умираат околу 1.700 луѓе од рак. Тоа е околу 70 луѓе во текот на еден час. Тоа не е занемарливо, тоа е епидемија. Се трошат милијарди и милијарди долари. И од федералната влада и од приватни фондации, кампањи со розова панделка и слично. Луѓето даваат пари без да знаат каде тие одат. Нема одговорност, ниту од владата, ниту од фондациите. Тоа е стана годишен ритуал на фрлање пари со надеж дека нешто ќе се смени, а обично не се менува ништо“, вели доктор Сејфрид.

Според него, официјалните податоци се дека има „огромен напредок“ во намалувањето на смртноста од рак, но всушност вели, најголемата реална промена во „лекувањето“ од канцер дошла после кампањата против пушењето во 1990-тите, но тврди, тоа е превенција, а не резултат на скапите третмани.

„Значи, најголемата редукција на смртноста дојде од промена во личното однесување, а не од медицинските интервенции“, категоричен е познатиот биолог, кој додава дека ракот е всушност, нарушен раст на клетките, неконтролирана клеточна делба.

Но, дали ова нарушување е предизвикано од генетски мутации, или пак од хронично недоволно клеточно дишење, поврзано со ферментација (субстратно-фосфорилација)?

„Научната теорија е обид да се објаснат фактите. Фактите се реалност, а толкувањето на фактите зависи од веродостојна теорија. Добрата теорија ја движи науката напред, погрешната теорија ја блокира. Сега сме пред нова трансформација: дали митохондријалната метаболичка теорија може подобро да го објасни потеклото и управувањето со ракот од доминантната соматска мутациска теорија? Доминантното мислење тврди: мутации во тумор-супресорните гени и онкогените предизвикуваат неконтролирана клеточна делба. Врз основа на тоа се развиваат ‘прецизни терапии’, генетски тестови и персонализирана медицина. Ама статистиките покажуваат дека новите лекови ретко го продолжуваат животот повеќе од два-три месеца. Сепак, ако погледнеме експерименти со трансплантација на јадра и митохондрии меѓу нормални и канцерогени клетки, станува јасно: клеточната регулација повеќе зависи од здравјето на митохондриите/метаболизмот отколку од мутациите во јадрото. Значи, доказите сугерираат дека канцерот е нарушување на метаболизмот/митохондриите, а не чисто генетска болест.“

Сејфрид потсетува дека славниот биохемичар, Ото Варбург, уште во 1920-тите, докажал дека ракот произлегува од хронично оштетено клеточно дишење. Клетките тогаш се враќаат кон древниот начин на производство  на енергија/ ферментација. Тоа е т.н. „Варбургов ефект“. Денес се знае дека не ферментира само глукозата, туку и глутаминот, најзастапената аминокиселина во крвта.

Тој вели дека современите студии покажуваат дека сите канцер-клетки без исклучок, ферментираат, без разлика на мутациите што ги носат. Тоа значи дека клучот за управување со ракот е одземање на горивата за ферментација: глукозата и глутаминот.

„Електронската микроскопија го потврдува ова: митохондриите во здрави клетки имаат уредна структура, додека во канцер-клетките тие се уништени, празни или абнормални. И тоа важи за сите видови рак, до 90 отсто од анализираните случаи. Значи, структурата и функцијата на митохондриите се клучот. Кога тие не работат правилно, клетките мора да ферментираат . И така, се заболува од рак.“

На крајот, д-р Сејфрид потенцира ека најголемата слабост на канцер-клетките е нивната зависност од ферментацијата. Дека, ако се таргетира оваа ранливост на метаболизмот, тогаш можеме да управуваме со болеста поефикасно отколку со класичниот пристап кој гледа на ракот само како на „генетска болест“.

„Ферментацијата на гликоза и глутамин во цитоплазмата и митохондријалната фосфорилација на ниво на супстрат се неопходни и доволни за да се поттикне нарушениот раст на клетките. Не сакам да ве заморувам со овие детали. Ние ги сакаме овие работи, знаете, би можеле со часови да ги разгледуваме. Но еве, јасно е: гликолиза и глутаминолиза, тоа се двете главни патеки што ја обезбедуваат енергијата за нарушениот раст на клетките и метаболитите потребни за нови клетки. Овие канцерогени клетки навистина внесуваат кислород, добро, но истовремено исфрлаат реактивни кислородни видови (РОС) кои се канцерогени и мутагенски. Така што, не добиваме многу енергија од оксидативната фосфорилација. Повеќе енергија доаѓа од фосфорилацијата на ниво на супстрат, при што отпадни продукти се јантарна киселина и млечна киселина – не ЦО₂ и вода, туку јантарна киселина и млечна киселина. И тоа е веќе измерено.“

Овој научник се осврнува и на едно од најголемите прашања во онкологијата: „Моите имунотерапии не делуваат. Моите хемотерапии не делуваат. Моето зрачење не делува. Зошто?“ Неговиот одговор е:

„Затоа што има огромна ацидификација во микрооколината, што ги блокира сите овие терапии. Каде е кризата? Од каде доаѓа? Од гликозата и глутаминот. Ако ги одземам гликозата и глутаминот, овие клетки стануваат ранливи. Но никој тоа не го прави, нели? Никој тоа не го прави. Можеме да ги составиме сите делови од сложувалката. Заедничкиот патофизиолошки механизам за ракот е оштетувањето на митохондриите. Тоа оштетување може да дојде од радијација, хемиски канцерогени, прекинато снабдување со кислород, системска инфламација, ретки наследни мутации, онкогени вируси, стареење. Сите овие негативно влијаат врз структурата и функцијата на митохондриите, создавајќи РОС, канцерогени и мутагенски. Така што, повеќето мутации што ги гледаме во јадрото на туморските клетки се всушност, последици од митохондријално оштетување и дисфункција. А ние трчаме по опашката, не по изворот“, потенцира професорот.

Оттука доаѓа и идејата за метаболичко управување со ракот: намалување на глукозата (пост, калориска рестрикција, кетогена диета), зголемување на кетоните (како алтернативно гориво), таргетирање на глутаминот и глукозата, користење хипербаричен кислород. Така, овој пристап го менува статусот на пациентот од болест кон управлива состојба, а потоа кон потенцијално решение.

„Токму ова е суштината: Ракот не е примарно генетска болест, туку митохондријална метаболичка болест, поттикната од субстратно ниво фосфорилација“, тврди Сејфрид.

Главната поента на познатиот биолог е дека глутаминот е неопходен за целиот организам и затоа не може целосно да се елиминира. Но, со паметна комбинација на диета, пост, инхибитори и нови терапии, ракот може да се остави без гориво, а здравите клетки да преживеат.

Инаку, глутаминот е најважната аминокиселина во човечкото тело, битен за имунитетот, цревата, обновувањето на ткивата и мускулите. Што ќе рече, не можеме едноставно да „исклучиме“ како шеќерот, затоа што во тој случај телото буквално, би страдало.

Сејфрид вели дека не е целта целосно да се елиминира глутаминот, туку привремено и локално да му се ограничи пристапот на туморот.

А тоа може да се направи со лекови-инхибитори на глутаминската метаболичка патека (експериментални, како DON – 6-diazo-5-oxo-L-norleucine), комбинацијата на пост/кетогена диета плус лекови што го блокираат глутаминот, па така, може селективно да гладуваат клетките на канцерот, додека здравите клетки можат да преживеат затоа што имаат пофлексибилен метаболизам.

Можни лекови – инхибитори на глутамин во метаболизмот се веќе споменатиот DON, класичен експериментален лек кој блокира повеќе ензими што зависат од глутамин. Се користел уште во 50-тите, но бил прекинат поради несакани ефекти. Но денес повторно се тестира во модифицирани форми со помалку токсичност.

Потоа, CB-839 (телагленастат), инхибитор на ензимот глутаминаза. Се тестира во клинички студии за различни видови рак (карцином на бубрег, дојка, леукемии). Целта е да го спречи туморот да го користи глутаминот како гориво.

Следат диетални и метаболички пристапи, како кетогена диета поддржана со пост: со намалување на шеќерот и инсулинот, клетките на ракот се ставаат под стрес, па ако во исто време се блокира и глутаминот (со лек или ограничување), се добива „двојно гладување“.

Според него, заслужува внимание и цикличниот пост/хипогликемија: кога шеќерот во крвта е низок, здравите клетки се хранат со кетони, а ракот е „гладен“. Во тие моменти е најкорисно да се примени блокада на глутамин.

И, на крајот, комбинирани терапии: хипербаричен кислород, додаден на кетогената диета и глутаминска блокада, го зголемува стресот врз туморот. Хемотерапијата и инхибиторите на глутамин (според некои истражувања, ограничувањето на глутаминот може да ја направи хемотерапијата поефикасна).

Не треба да се занемарат и новите идеи коишто се уште се во развој, како нанотехнолошките лекови кои носат инхибитори директно во туморот, за да не страда целото тело и имунотерапијата дополнета со глутаминската блокада, бидејќи ракот користи глутамин за да ја „исцрпи“ имуната одбрана, блокирањето може да го врати имунитетот како „главен“ во оваа безмилосна игра.

На крај, д-р Сејфрид не замоли да потенцираме дека тој не е онколог, туку научник, дека не може да лекува пациенти со рак или да дава медицински совети, но дека неговите истражувања сепак би требало да придонесат во разбирањето на канцерот, а со тоа и наоаѓање на начин да биде победен.

фото: принтскрин You tube