Елизабета МИТРЕСКА
Историјата пред 50 години
Трети јули 1975 година. Во пресрет на Денот на борецот (4 јули), убав летен ден во Прилеп. Стотици прилепчани, дотерани, на сенароден митинг пред Паркот на Револуцијата, пред Алејата на народните херои, на посебен, свечен миг за нив и за родниот Прилеп.
На свечена церемонија, пратеникот на Јосип Броз Тито, претседателиот на ЦК на Сојузот на комунистите на Македонија, Ангел Чемерски, пред голем број гости (меѓу кои и Киро Глигоров, претседател на Собранието на СФРЈ, втор човек во тогашна Југославија) го предаде орденот со кој Прилеп беше одликуван за Град херој, единствена титула во Македонија која ја носеа уште седум градови во тогашната СФР Југославија. Орденот го прими тогашниот „градоначалник“, односно претседател на општинското собрание на Прилеп, Живко Магдески.
Гордо, радосно и свечено. Пред 50 години.
Орденот на почесно место 20-ина години, а потоа исчезнал
Не случајно Прилеп го доби епитетот Град херој. Нема гостин, особено во сегашните мигови на предизборие за нова локална власт, а да не се рече – градот херој.
-Во Втората светска војна, од Прилеп и Прилепско имало 8 000 учесници, од кои 2 700 активни борци. Од вкупно 66 народни херои од Македонија,15 борци од Прилеп и Прилепско се прогласени за народни херои. Од нив 10 загинале во војната. Спомен-бистите на 10-те народни херои се во Алејата на народните херои во Паркот на Револуцијата. Петмина ја преживеале Војната и има иницијатива и нивни бисти да се најдат во Алејата. Покрај тоа, Прилеп дал и околу 650 жртви борци, од кои моштите на 642 се во криптата на Могилата на непобедените. А најбитното е на 11 октомври 1941-вата. Со нападот на тогашниот Участак, денес Меморијалниот музеј „11 Октомври“, е означен почетокот на Народното востание и народноослободителната борба. Тоа е голем залог и е повеќе од заслужено Прилеп засекогаш да го добие епитетот: „Град – народен херој“, вели Рубин Белчески, историчар од Завод и музеј Прилеп и претседател на Сојузот на борците од Прилеп.
Сѐ било достоинствено речиси 20 години. Орденот кој сведочел за „Прилеп – град херој“ грижливо се чувал во старата општинска зграда. Во посебна витрина во малата сала за состаноци. При секоја прослава на 11 Октомври, само поглед кон орденот будел гордост. Сите претседатели на собранието на градот гордо го покажувале секому.
Сѐ до мај 1994 година. Тогаш на орденот му се губи трага.
Илија Димоски-Шаторо последен го чувал орденот
Илија Димоски-Шаторо, првиот претседател на Општината во новото, демократско време, откако Македонија прогласи независност и посебност како држава по тогашна Југославија, до ден-денес се сеќава на годините од неговиот мандат – од јануари 1991 година, кога должноста ја презел од Драган Јанушески, па до последните мигови на неговото претседателствување – мај 1994 година.
-На 17 јануари 1991 година ја презедов должноста од Јанушески. Направивме примопредавање. Сѐ беше во ред. Меѓу другото, „на чување“ го добив и орденот. Се гордеев со орденот. Стоеше заклучен во витрините во малата сала. Кога и да имав гости, го покажував. За секоја прослава гостите кружеа во салата, јас го покажував и сите прилепчани се гордееја. За мене, орденот беше нешто величествено. Прилеп добил потврда за херојството на своите граѓани, се присетува Илија Димоски.
Димоски ги признава „виорните времиња“ од 90-тите години на минатиот век. Раздружувањето од тогашна Југославија, независноста, потребата да се докаже нешто го искористиле некои, како што вели, „вжештени глави“. Тоа го потврдува и неговото „насилно“ сменување од функцијата од неговите „сопартијци“. Крајот на мај 1994 година е последниот период кога го видел орденот во витрините на малата сала од старата општинска зграда.
-Последен пат го видов орденот пред моето разрешување, крајот на мај 1994 година. Тоа беше една хајка, а не знам од кои причини. Не го дотерав цел мандат од шест години. Група луѓе насилно упаднале во мојата канцеларија кога јас не бев таму. Ја скршиле бравата од вратата, влегле, а што се случувало понатаму, не знам. А за орденот „Прилеп – град народен херој“ се слушна дека го нема дури во 2000 година, по шест години, во времето кога градоначалник беше Сашо Пирганоски. Дотогаш се молчело. Дали го имало или не, не знам, раскажува Илија Димоски.
Двегодишен неразјаснет период за орденот, а се молчело шест години
По „насилното“, предвремено сменување од функцијата на Илија Димоски во 1994 година, наредните години, до крајот на 20-тиот век, ниту се слушна, ниту се знаеше во Прилеп дека го нема орденот, најзначајното одличје за Прилеп како симбол дека е Град херој. По Димоски, кратко време на функцијата градоначалник беше сега покојната Виолета Попоска, потоа Ратко Андреески, за во 1996 година прв со современата титула „градоначалник“ да стане Глигор Иваноски.
Иваноски, сега 84-годишен, се присети на периодот од пред речиси 30 години. Во 1996 година, примопредавање за градоначалник направил со Ратко Андреески. Иваноски признава дека во тоа време ниту се споменувало, ниту се прашувало за орденот.
-Направив примопредавање со Ратко Андреески. Ниту се спомна, ниту го видов орденот. Во тоа време не беше актуелна таа тема, да се бара орденот. Така беше тогаш, не се покрена тоа прашање, ни рече Андреески.
Градоначалникот Сашо Пирганоски, кој функцијата ја извршуваше од 2000 година, првпат спомна дека орденот го нема. Пирганоски собрал изјави од сите вработени во Општината и по службен пат биле доставени до Основното јавно обвинителство. Се шпекулира дека се знаело кои луѓе го испразниле сефот и го зеле орденот, дури и дека имало одлука од општински орган. Но, и по 20-ина години, остана непотврдено.
Своевремено, Пирганоски рече дека сето што го имал како информација го проследил до надлежните.
Историчарот Рубин Белчески не може да претпостави дали орденот некој, како што вели, го фрлил в канта, дали го чува кај себе по сите овие години или е претопен од корист.
-Орденот немаше голема материјална вредност. Беше од позлатен месинг, барем според податоците кои ги имам. Но неговата сила и бесценетост е во симоболиката, вели Белчески.
И тоа е сѐ за оригиналниот Орден на Прилеп.
Никој до ден-денес нема официјално кажано што се случи со оригиналниот орден кој Прилеп пред 50 години го доби од Јосип Броз Тито како потврда и симбол на херојството на неговите сограѓани во Народноослободителната борба.
Градот херој доби реплики за орденот
Работите во врска со орденот се придвижија пред седум години. Тогашната локална самоуправа на чело со градоначалникот Илија Јованоски направи реплики.
По десетина години од барањето на Сојузот на борците од Прилеп, во 2018 година иницијативата ја реализираше прилепската локална самоуправа и Завод и музеј.
За празникот 11 Октомври, Прилеп тогаш доби реплика. Поточно две.
Една како гравура, релјеф, го краси холот на новата општинска зграда. Втората реплика на орденот под стакло се чува во Меморијалниот музеј „11 Октомври“, некогашниот Участак од каде што почнало сѐ во Народното востание во 1941.
Прилеп е херој со славните генерации и нивните заложби.
Пред точно 50 години Прилеп доби орден како симболична потврда за Град херој. Орденот е резултат на сите заложби што градот ги дал откако победоносниот истрел на 11 октомвреи 1941 година ја промени историјата за македонскиот народ. Стана прво победоносно востание со кое се реализирани стремежите за своја независна држава и слобода. Во 90-тите години на минатот век, кога се создаваше независна Македонија и почнуваше последното поглавје од поновата историја, некој си „поигра“ со симболиката на Прилеп. И остана неказнет.
-Денес Прилеп има реплики на Орденот – симбол на херојството на неговите граѓани. Прилепчани останаа горди на епитетот на градот кој го стекна пред точно 50 години. Град херој. Обременети со новите проблеми од секојдневието, прилепчани поминаа премолчано кон оние кои сакаа да ја замолчат историјата. Преку исчезнувањето на орденот. Никој не успеа во тоа, вели историчарот Рубин Белчески.
Градот под Марковите Кули ги живее предизвиците на сегашноста. А епитетот Град херој на Прилеп му остана за навек.
Фото: Архива