Еден човек не случајно се раѓа на одреден простор, токму да го облагороди опкружувањето каде што ќе егзистира во неговото животно патување. Тоа е цврсто заемно поврзување на поединецот со неговиот егзистенцијален простор, а со делувањето на човекот тој станува животен простор. Животниот простор, пак, во својата парадигма подрзбира слоевитост – од основно нагонско опстојување до култивирање на физичкиот простор, но што е и посуштински – создавање одреден начин на живеење, навики произлезени од конфигурацијата на просторот и од климатските услови, а сето тоа создава автохтон и единствен сплет односи на луѓето во заедницата, но и кон животниот простор.
Сето ова, во најдлабоката суштина, е изворот на идентитетот на еден човек, кој понатаму се пренесува на заедницата како колективни признаци, и на крајот во најмасовната форма на колективно обединување – народ, нација, етникум, лингвистички дефинирани блиску, но и различно во зависност појдовните точки на теориите, но кај сите се подразбира антрополошка блискост, јазична идентичност, блиски културолошки навики и животна средина определена како поширока територијална целина. Гледано со ваква генелошка точка, културното наследство е хронолошката слоевитост на идентитетското создавање низ вековите.
Дескриптивноста и компаративноста во општествените и хуманистичките науки како метод на истражување веќе го достигнуваат својот врв и натамошните интреси кон овие науки веќе побаруваат поинаков пристап, што подразбира поширока општествена функционалност. Колективната меморија, која би требало, главно, да ја пренесува традицијата и засебните вредности кај еден народ, не се пренесува веќе природно и спонатно генерациски, туку почнува преку институционална интервенција, како проекти, тренинзи, практики, а и невладинот сектор си го зема својот простор во сета оваа приказана. Да бидам појасен, кога имаме органзиран формат на државно уредување, без разлика дали тоа е кралство, монархија, република, федерација – институционалната рамка е нужна заради зачувување на државотворните параметри. Новата технолошко-информатичка ера кај многу држави ја исклучува спонтаноста на пренесување на традицијата. Затоа општеството, поточно, соодветните институции треба да ги следат тековите и соодветно да одговорат на предизвиците на совремието за да ја исполнат својата примарна задача – да го заштитат, зачуваат и да го пренесат на идните генерации културното наследство како основа за идентитетскиот континуитет. Флексибилноста кон формите на пренесување на знаењата и вештините кои се однесуваат на традицијата овде е клучна и за зачувување на културното наследство, но и за опстојување на самите установи.
Системската грижа за човековиот ресурс во институциите е главниот и нужен предуслов за институционалната рамка на делување во културното наследство. Во самата срж на таа грижата е зачувувањето на институцоналната меморија – континуитет кој обезбедува стабилна долговeчност во заштитата, што е момент кој упорно се занамарува. Потпора за институционалната стабилност во заштитата се и законските прописи. И тука е постојаното држење рамнотежа меѓу интелектуалниот влог во оваа професија, која во себе содржи и кретативност, од една страна, и правната рамка на делување, од друга страна. Не секогаш креативноста може да се стави во рамка, бидејќи во природата на креативноста е слободата на изразувањето, но сепак е нужна заради институционалото делување во културното наследство. По ова прашање можеби најдобар одговор има дадено Бимрао Рамџи Амбедкар (1891 – 1956), индиски правник, економист, политичар и социјален реформатор, кој за нормативите рекол: „Колку и да е добар уставот, доколку тие што го спроведуваат не се добри, самиот тој ќе биде лош. Колку и да е лош уставот, доколку тие што го спроведуваат се добри, тој ќе биде добар“.
Актелното време покажува критичен број вработени за опстојување на професиите во овој сектор од општеството. Оваа тема е постојано актуелна околу две децении, но квантумот на квалитативно ангажиран човечки ресурс во моментов се движи по тенката линија на елементарен опстанок. Пред дестина години Министерството за култура и туризам направи опсежна анализа за потребата од човечки потенцијал, па бројките покажаа дека недостасува половина од тогаш вработениот стручен кадар на ниво на држава. Понатаму следеа уште неколку анализи, но сите тие само го детектираа негативниот прогрес на првичната анализа. Состојба која произлегува од критичниот број стручни вработени е и појавата на монопилизација на одредени дејности и процеси во заштитата. Таквата монополизација нужно повлекува непренесување на знаењата и вештините кај помладите генерации вработени, со што се пресекува стабилниот институционален континуитет во зачувувањето на професиите кои имаат исклучителен удел во зачувувањето на идентитетската и културолошката матрица. Ваквиот начин на однесување, пак, создава погодно тло за потенцијално коруптивно однесување, со што се внесуваат елеменити кои го нагрдуваат влогот и делото на македонска интелектуалната и револуционерната елита од XIX век, и тоа при непостоење организиран формат на македонска државност. Овде можеби една ситуација од Разловечото востание кренато 1876 година ќе биде најсоодветен пример да се илустрира можната копруптивна појава. Имено, главниот иницијатор за подигање на Востанието, Димитар Поп Георгиев Беровски (1840 – 1907), заедно со неговиот дедо по сопруга, поп Стојан од Разловци, го заложуваат својот имот за потребите на Востанието, што ќе рече преведено на современ јазик – вложување на приватен капитал за поширока општествена цел. За разлика од таа иделошка мисла, монополизацијата на професиите во заштитата, односно делувањето во затворен круг, создаваат услови за користење на општественот капитал за лична полза. Ова се дијаметрално сосема спротивни појдовни точки на гледање во однос на мотото на овој научен собир „Материјализација на мислата: Идеолошките концепти во културното наследство“. Ваквите согладувања се потвредни и во неколку извештаи од Државниот завод за ревизија, институција која се користи како референтна ставка при подготовката на анализите и извештаите од страна на Европската Унија за напредокот на Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија.
Најновата државна политичка одлука за нова додадена вредност на културното наследство е вметнувањето на туризмот. Тоа е гранка во општеството која генерира нова, поширока публика за восприемање на културното наследство, но и создавање финасиска придобивка и за државата и за приватниот сектор. Како што во музејската дејност изложувањето е најубавиот дел од животот на предметот така туристичката консумација на културното наследство е најубавиот дел од интегрираниот пристап во заштитата на културното наследство. Спојот на културното наследство и туризмот најмногу упатува на она кон што треба како општество да се цели, односно флексибилноста кон формите на пренесување на знаењата и вештините кои се однесуваат на традицијата, а интегрираната заштита веќе е правецот кој преку нормативен пристап веќе овозможува институционално делување.
Всушност, и официјалната домашна законска дефиниција на интегрираната заштита подразбира „вкупност од мерки за зачувување и активно вклучување на недвижното културно наследство во животот на заедницата како фактор на одржлив општествен развој, особено во областа на планирањето и уредувањето на просторот, инвестиционата изградба, заштитата на животната средина и природата и друго.“ Слично на тоа, пак, според официјалната европска дефиниција од 1976 година, под поимот интегрирана заштита на недвижното културно наследство се подразбираат „сите мерки што имаат крајна цел обезбедување долговечност на наследството, грижа за неговото одржување во соодветна изградена или природна животна средина, определување на неговата намена и негово приспособување кон потребите на општеството.“[1] „Определувањето на неговата намена и приспособувањето кон потребите на општеството“ е клучниот лајт-мотив кој како генерација заштитари треба да го имаме при сите идни планирања, финансирања, креирање стратегии, планови, програми итн., најмногу заради обезбедување идентитетски континуитет, создавајќи притоа услови за генерирање и за државен и за приватен капитал.
Законот за заштита на културното наследство од 2004 година е рамката lex generalis во оваа област и е прв од таков вид во независна Македонија. Иако се помнати 21 година, неговите капацитети не се искористени докрај, а во однос на создавањето економска моќ од користењето на културното наследство, чија крајна цел е стабилен идентитетски континуитет можностите речиси и да не се ниту во обид за сите овие години. Низ Македонија стојат археолошки, просторни, архитектонски и останати културни добра, чии капацитети остануваат сѐ уште недопрени од Одделот 11 на овој закон, кој се однесува на концесите и јавното приватно партнерство. Ова значи дека визионерството кое овозможува економска полза во оваа сфера од општественото живеење дадено како правна рамка пред две децении останало како затрупана мисла и желба, без можност за влегување на инвентивноста на генерациите што доѓаат.
Ќе завршам метафорично со мислата на Гоце Делчев: Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Кој мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себе и другите, како порака која треба нѐ потсетува дека сѐ зависи само од нас самите.
м-р Александар Јорданоски,
директор на Националниот конзерваторски центар – Скопје
Текстот е презентиран на Научниот собир „Материјализација на мислата: Идеолошките концепти во културното наследство“ во организација на Институтот за старословенска култура – Прилеп од 24 до 26 септември 2025 година