Неда Димова Прокиќ 

Новиот амбасадор на Шведска во земјава Ола Сулстром во интервју за МИА, вели дека негов прв приоритет ќе биде продлабочување на политичкото партнерство меѓу двете земји. Тој уверува дека Шведска ќе продолжи да стои зад  Македонија да се приклучи кон Унијата.

-Посветеноста на Шведска кон проширувањето на ЕУ секогаш била и останува цврста како карпа. Ќе продолжиме да стоиме зад С. Македонија и сите земји-кандидатки кои сакаат да се приклучат кон Унијата и да ги исполнат Копенхашките критериуми. Членството во Унијата  верувам би било од голем интерес не само за С. Македонија, туку и за ЕУ, вклучително и за соседните земји, како и за подалечни земји членки, како што е Шведска, вели новиот шведски амбасадор во своето прво интервју од стапувањето на функцијата.

Амнасадорот Сулстром изразува надеж дека ќе има напредок во наредните години.

-Мојот впечаток од разговорите овде во Скопје е дека тоа е и она што го сакаат повеќето луѓе, особено младите. За да ја поддржиме оваа посветеност, ќе продолжиме и со нашата силна билатерална поддршка за реформските напори поврзани со ЕУ. Всушност, главната цел на шведската реформска соработка со С. Македонија е токму тоа – да ѝ помогне на земјата во нејзиниот процес на интеграција и пристапување во ЕУ преку финансиска и техничка поддршка на институциите за исполнување на Копенхашките критериуми, нагласува амбасадорот.

Сулстром како врвен приоритет за време на неговиот мандат го наведе и зајакнувањето на економската соработка. Вели дека тоа е област во која Амбасадата ќе се обиде дополнително да го засили својот ангажман.

-Многу сме возбудени што Визер кон крајот на октомври ќе започне со директни летови од Скопје до аеродромот Арланда во Стокхолм. Ова е фантастична можност и ќе помогне да се поттикне туризмот, бизнисот и понатамошните контакти меѓу луѓето. Веќе имаме директни летови до Гетеборг и Малме, така што сега сите три главни шведски градови се поврзани со Скопје, потенцира Сулстром.

Амбасадорот Сулстром претходно бил на функции во Мисијата на Шведска во Брисел, во Мисијата на Обединетите нации во Њујорк, како и на позиции во шведското Министерство за надворешни работи.

Амбасадоре Сулстром, Вие овој месец стапивте на должноста амбасадор на Шведска во земјава. Со семејството допатувавте во Скопје. Какви се вашите први впечатоци?

-Со моето семејство во август се возевме од Шведска до Скопје– со автомобил и ферибот преку Балтичкото Море од Стокхолм до Гдањск во Полска, каде што мојата сопруга има роднини, а потоа продолживме преку Полска, Словачка, Унгарија и Србија, пред конечно да ја преминеме границата со Северна Македонија. Возењето беше забавна авантура за целото семејство и одличен начин да ги подготвиме децата за новиот дом и живот во Скопје (иако понекогаш беше доста жешко – сепак беше средина на август!).

Моите први впечатоци од Скопје и Северна Македонија се одлични. Имам фантастичен тим во Амбасадата и Резиденцијата кои многу помогнаа нашето пристигнување во Скопје да тече без застои, а моето семејство и јас бевме пречекани со топло добредојде во нашето ново соседство во населба Водно. Исто така, моите средби изминативе неколку недели со владини министри, колеги амбасадори, организации од граѓанското општество и развојни партнери, со нивната отвореност, енергија и добар хумор, ми оставија силен впечаток. Исто така, во Скопје – сите тие мали кафулиња – ги има насекаде – тоа е прекрасно за љубител на кафе како мене! Навистина му се радувам на периодов што следи во Скопје, и професионално како Амбасадор на Шведска во Северна Македонија, и лично.

Што ќе биде во фокусот на Вашиот мандат?

-Кога ѝ ги врачував акредитивните писма на Н.Е. Претседателката Силјановска-Давкова на 16 септември, ги истакнав и трите главни приоритети за мојот мандат како Амбасадор на Шведска во Северна Македонија, сите поврзани со заштитата и промоцијата на шведските интереси, во поширока смисла, и со зајакнувањето на цврстото и одржливо партнерство меѓу нашите две земји:

Прво, би сакал да го продлабочам нашето политичко партнерство. Ние сме партнери во Европа, а сега и сојузници во НАТО. Ќе продолжиме да бидеме силен поддржувач на патот на Северна Македонија кон интеграција и пристапување во ЕУ, и исто така – имајќи ја предвид и геополитичката ситуација – дополнително ќе ја развиваме нашата соработка во областа на безбедноста и одбраната.

Втор приоритет за мене ќе биде промоцијата на бизнисите, инвестициите и растот во двете земји – тука има голем потенцијал. Веќе има околу 20 шведски компании присутни во Северна Македонија – во наредните години, би сакал тој број да се зголемува. Исто така, би сакал да ги охрабрам компаниите и претприемачите овде да ги истражат можностите во Шведска.

Мојот трет приоритет ќе биде промоцијата на веќе силните контакти меѓу луѓето од нашите нации, поттикнати и од многу ценетата македонска дијаспора во Шведска. Би сакал да видам повеќе туризам меѓу нашите земји, особено сега кога многу скоро повторно ќе имаме директни летови меѓу Скопје и сите големи градови во Шведска.

Билатералните односи меѓу Шведска и Северна Македонија се одлични. Имаме дипломатски односи веќе преку 30 години, а Амбасадата во Скопје постои 20 години. Правиме многу заедно, а односот е силен, одржлив и искрен. Во наредните години ќе го подигнеме оттаму на следното ниво!

Шведска е традиционален и голем поддржувач на македонските аспирации за членство во Европската Унија. Дали Шведска може да помогне да се одблокира патот на земјава кон ЕУ, во согласност со Копенхашките критериуми?

-Посветеноста на Шведска кон проширувањето на ЕУ секогаш била, и останува, цврста како карпа. Всушност, според анкетата на Евробарометар објавена во септември 2025 година, Шведска е „најпријателски настроена кон проширувањето“ од сите земји членки на ЕУ, со 79 отсто од испитаниците кои се изјасниле во корист на проширувањето. И јас лично силно се залагам за европската интеграција, соработката во рамки на ЕУ и процесот на проширување, па од таа перспектива, се надевам дека ќе има напредок за време на мојот мандат овде.

Ќе продолжиме да стоиме зад Северна Македонија и сите земји-кандидатки кои сакаат да се приклучат кон Унијата и да ги исполнат Копенхашките критериуми. Членството во Унијата – верувам – би било од голем интерес не само за Северна Македонија, туку и за ЕУ, вклучително и за соседните земји, како и за подалечни земји членки, како што е Шведска. Затоа, се надевам дека ќе има напредок во наредните години. Мојот впечаток од разговорите овде во Скопје е дека тоа е и она што го сакаат повеќето луѓе, особено младите.

За да ја поддржиме оваа посветеност, ќе продолжиме и со нашата силна билатерална поддршка за реформските напори на Северна Македонија поврзани со ЕУ. Всушност, главната цел на шведската реформска соработка со Северна Македонија е токму тоа – да ѝ помогне на земјата во нејзиниот процес на интеграција и пристапување во ЕУ преку финансиска и техничка поддршка на институциите за исполнување на Копенхашките критериуми. Голем дел од оваа поддршка оди во Министерството за европски прашања за поддршка на реформите низ целата Влада, со посебен фокус на кластерот за фундаментални прашања и борбата против корупцијата, но нашата програма ја поддржува и важната работа на локалните организации, граѓанското општество и независните медиуми – сè со цел за интеграција во ЕУ и исполнување на Копенхашките критериуми.

Северна Македонија и Шведска се и сојузници во НАТО. Како гледате на денешните глобални предизвици во поширок геополитички контекст и во контекст на проширувањето на ЕУ, со оглед дека земјите од Западен Балкан се уште се надвор од Унијата?

-Имајќи ја предвид геополитичката ситуација, сите треба да направиме повеќе за да ја поддржиме Украина, да се спротивставиме на агресивна Русија, и да ја изградиме европската безбедност – сите треба да го зголемиме својот ангажман. За тоа е потребна политичка волја и решителна акција на повеќе нивоа – национално, билатерално, во рамки на ЕУ, и во НАТО каде што сега сме сојузници. Како две земји посветени на поредок заснован на правила, Северна Македонија и Шведска можат да играат важна улога во оваа работа – глобално во ОН, регионално во НАТО и, се надевам, во иднина целосно во ЕУ, со нашето блиско билатерално партнерство како основа и почетна точка. И тука, како и на други полиња, сме посилни заедно.

Во контекст на ЕУ, многу го поздравувам тоа што Северна Македонија останува посветена на целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика (CFSP) на ЕУ.  Во контекст на НАТО, со нетрпение очекувам да дознаам повеќе за приоритетите и ставовите на Скопје, и да истражиме нови области на соработка, каде што веќе гледам голем потенцијал за продлабочено партнерство.

Шведска е еден од најголемите донатори за земјава. Реформската соработка на Шведска со Северна Македонија е дел од регионалната реформска стратегија за 2021-2027 година за развојна соработка во земјите од Западен Балкан и Турција. Може ли да ни кажете колку изнесува финансиската поддршка за земјава во овие рамки, и кои се клучните области каде што финансирате?

-Нашата билатерална поддршка во 2025 година изнесува околу десет милиони евра, што нѐ прави еден од најголемите донатори во земјата, а нејзината севкупна цел е да се поддржи Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ. Редовно ги разгледуваме нашите приоритети и партнерства, во светло на владините приоритети и променливиот политички контекст, но во моментов нашиот фокус е на следниве области:

-Човекови права, демократија, владеење на правото и родова еднаквост, вклучително и институционално јакнење за процесот на пристапување кон ЕУ на Северна Македонија, промоција на граѓанското општество, родова еднаквост и економско јакнење на жените, како и поддршка на независното и истражувачко новинарство.

-Мирни и инклузивни општества, вклучително и работа со млади од различни групи и поддршка за полициско делување.

-Еколошки и климатски отпорен одржлив развој и одржливо користење на природните ресурси, преку споделување на шведската експертиза со институциите и поддршка на граѓанското општество за справување со загадувањето на воздухот, подобрување на управувањето со отпад и зајакнување на заштитата на природата во Северна Македонија.

-Инклузивен економски развој, со напори за поддршка на мали земјоделци, поттикнување на вработување за млади и жени, и поддршка за инфраструктурни инвестиции на локално ниво.

Како што можете да видите, нашата поддршка придонесува во работата на многу сектори од општеството, сите во области каде што приоритетите на Шведска и Северна Македонија се совпаѓаат, и каде што можеме да соработуваме и да постигнеме заеднички напредок. Ова на хартија може да изгледа малку апстрактно, па дозволете ми да ви дадам два конкретни примери за тоа што правиме преку нашата реформска програма.

Во Северна Македонија поддржавме над 130 домаќинства со ниски приходи да ги заменат печките на дрва со инвертери, со цел подобрување на енергетската ефикасност и термалниот комфор во нивните домови, без загадување на внатрешниот и надворешниот воздух. Загадувањето на воздухот и енергетската сиромаштија се меѓусебно поврзани, и ние сакаме да помогнеме во пронаоѓање на трајни решенија.

Второ, поддржуваме развој на вештини кај учениците во средните стручни училишта, за да бидат оспособени да ги сервисираат модерните Volvo камиони – вештини кои моментално недостасуваат не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион, и повторно, област каде што интересите на нашите две земји се совпаѓаат.

Во моментов се подготвува нова регионална стратегија која ќе ја води нашата работа овде во Северна Македонија, и се надевам дека наскоро ќе можам да споделам повеќе за тоа и за идните чекори.

Северна Македонија и Шведска негуваат одлични билатерални односи, во Шведска има и бројна македонска дијаспора. Дали има можности и во кои области може да се зајакне и економската соработка меѓу двете земји?

-Македонската дијаспора во Шведска игра клучна улога во активната размена што ја гледаме во многу различни области и сектори.

Како што спомнав, зајакнувањето на нашата економска соработка ќе биде еден од моите главни приоритети во наредните години, и тоа е област во која нашата Амбасада ќе се обиде дополнително да го засили својот ангажман. Веќе има околу 20 шведски компании присутни овде во Северна Македонија (сѐ – од светскиот телекомуникациски гигант Ериксон, преку врвниот обезбедувач на здравствени услуги Дијаверум, до вкусните енергетски барови на Никс), но како што веќе спомнав, би сакал таа листа на компании да се зголеми. Исто така, би сакал да охрабрам повеќе компании од овде да ги истражат можностите за бизнис во Шведска. Оваа визија ќе се реализира и преку новата Шведско-македонска стопанска комора, која формално ќе биде промовирана во Стокхолм на 24 октомври, и за која се надеваме дека ќе поддржи понатамошни деловни можности меѓу нашите земји.

Но, трговијата е двонасочна улица, а Шведска е исто така одличен пазар за извоз и експанзија на компании и претприемачи кои сакаат да растат, особено Стокхолм – нашата престолнина и мојот роден град – кој е еден од светските стартап центри (помислете на Спотифај, Кларна и други). Успехот чека во Стокхолм!

Исто така, многу сме возбудени што Визер кон крајот на октомври ќе започне со директни летови од Скопје до аеродромот Арланда во Стокхолм. Ова е фантастична можност и ќе помогне да се поттикне туризмот, бизнисот и понатамошните контакти меѓу луѓето. Веќе имаме директни летови до Гетеборг и Малме, така што сега сите три главни шведски градови се поврзани со Скопје. Затоа, еве една порака за вашите читатели: резервирајте си убав продолжен викенд во Малме, Гетеборг или Стокхолм (или во сите три, па видете кој ви се допаѓа најмногу!).

Кој е Ола Сулстром приватно?

-Хаха! Многу работи! Но можеби најважно – сопруг на Вероника и горд татко на три прекрасни деца – мојот најстар син веќе е на универзитет, но двете помлади се со нас овде во Скопје и веќе имаат многу нови пријатели.

Сакам спорт, вклучително и фудбал, и сега со нетрпение очекувам да гледам натпревар на Вардар и да ја следам кампањата на Северна Македонија за квалификации на Светското првенство во фудбал следната година (а од далечина ќе ги следам и напорите на мојот шведски фудбалски тим, Хамарби). Исто така, трчам – имам завршено девет целосни маратони, иако тоа беше пред некое време. Играм и тенис (само што започнав!) и пијано (не многу добро!). Освен тоа, имам голем интерес за културата – музика, литература и театар – па за време на викендите можеби ќе се сретнеме во Операта или во некоја книжарница – засега најчесто кај делот со книги на англиски јазик. Почнав да истражувам автори од Северна Македонија достапни во превод и веќе составувам листа за читање.

Во наредните години ќе се обидам да споделувам малку и на социјалните мрежи за работата на Амбасадата во Скопје и за нашиот живот овде во Северна Македонија. Затоа, би сакал да ги поканам вашите читатели да нѐ следат на Facebook, Instagram и X. Амбасадата можете да ја најдете како @SwedenInMK, а мене лично како @SweAmbassdorMK. Останете во контакт со нас за новости за што е шведско и со шведски призвук, и слободно испратете ми добри идеи и предлози за тоа како да го зајакнеме партнерството меѓу Северна Македонија и Шведска. И секако, испратете ми забавни предлози за нешто што треба да пробам, посетам или вкусам додека сум во Скопје (вклучувајќи, се разбира, сè што има врска со книги, кафе или фудбал). Да останеме во контакт!

Фото: Фросина Насковиќ