Изградба на клучка во Хиподром која ќе значи растоварување на сообраќајот на источниот влез во Скопје. Ова го најави кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски кој денеска објави видео како таа ќе изгледа.
-Со години наназад, токму тука се создава сообраќаен метеж, кој посебно во утринските часови знае да трае со часови. Со изградбата на клучката Хиподром и третата лента на булеварот „Александар Македонски“, од мостот кај Сингелиќ (Ченто) до мостот во Автокоманда, ќе овозможиме значително зголемување на протокот на возила и нивно насочување кон Гази Баба.
Клучката Хиподром ќе обезбеди директно поврзување со улицата „Пролетна офанзива“, која најмногу ја користат возачите што доаѓаат од Куманово и Велес, и на тој начин ќе се елиминираат долгите колони при влезот во Скопје. Во исто време, преку булеварот „Александар Македонски“ ќе се овозможи брз и ефикасен проток на возилата кон Автокоманда, со што ќе се растовари целиот источен дел на градот. Со тоа не само што ќе се решава секојдневниот метеж, туку и ќе се модернизира градската инфраструктура и ќе се олесни пристапот до индустриските и станбените зони, истакна Ѓорѓиевски пред една недела кога го промовираше проектот.