„Уште од Петровден се мислевме како да дојдеме до пари. Имавме план за еден бег во Џумаја, Сулејман бег, но ниту тогаш, ниту во текот на јули успеавме да го заробиме. Кога на 17 август минав во Бугарија, Чернопеев веќе се наоѓаше во Банско, а планот за киднапирање на мис Стон беше приготвен и се чекаше преку мене да бидат прашани Делчев и Ѓорче што ќе кажат за тоа – да се киднапира мис Стон или не. Делчев и Ѓорче не веруваа дека ќе добиеме големи суми за мис Стон и затоа Ѓорче не беше согласен да се изврши киднапирањето, беше против. Јас заминав на 17 август (1901 година, н.з.) со Крсто Асенов и неколку момчиња, отидовме во Банско и им соопштивме дека Делчев се колеба“, раскажувал гевегелискиот војвода Сава Михајлов во своите сеќавања за подготовките за една од најславните акции на ВМРО – киднапирањето на американската мисионерка Елена Стон и нејзината придружничка Катерина Цилка.

Гоце Делчев и Ѓорче Петров во принцип не биле против таквите акции, но од сведочењето на Михајлов се заклучува дека тие се сомневале во успехот на акцијата и во висината на откупот кој може да се добие за една таква личност. Сомнежот во способноста на четата да изведе една таква акција доаѓа од дотогашните не многу успешни обиди на организација да се извршат грабнувања или да се минираат пруги и мостови. Ѓорче подоцна вака ја опишал подготвеноста на организацијата за вакви акции:

„Под тоа влијание (на Гоце Делчев, н.з.) тогаш тргнаа неколку чети со експлозивни материјали. По Делчевата чета, друга тргна за Одринско, тргна и Савовата чета (Сава Михајлов, н.з.), а таа на Пушкаров во скопско. И се случија неколку обиди, колку да докажеме дека не сме способни за оваа работа. Огромна беше количината на внесениот материјал од динамит и бомби, а резултатите никакви. Едноставно се покажавме некадарни“.

Бег кој седи дома 

Впрочем, за тоа сведочел и несупешниот обид да биде киднапиран Сулејман бег. Тој настан, Јане Сандански вака го видел:

„Одев во Дупница и се мислевме со Чернопеев да заробиме еден бег – Сулејман бег, син на пашата од Џумаја. Двајцата се преоблековме, отидовме во Џумаја за да ги запознаме улиците и кафеаните каде минуваше или седеше бегот. Решивме да го грабнеме од кафеана. Но случајно, бегот два дена не излезе од куќата. Бевме со 20 души, од кои четворица селани од селата со пушки. Мислевме да употребиме и бомби. Не можевме долго време во градот да ги држиме 20-те луѓе и ги испративме во селата и останавме со Чернопеев и Крсто Асенов…“

Така пропаднала идејата за киднапирање на бегот поради тоа што тој два дена останал дома. Судбината сакала киднапирањето да биде извршено, но жртва да биде Американата. Ѓорче негира дека знаел за тоа.

„Аферата мис Стон веќе беше станала. Нејзиното киднапирање се случи без наше знаење. Ние знаевме дека се крои план за друго лице во долноџумајскиот панаѓур’“ вели Ѓорче. Тогаш, настанале проблеми, па Ѓорче бил испратен да ги среди работите. „Ја завршиле работата, па понатаму не знаеле што да прават… Кроевме план да се сретнам со нив, со Сандански, да им дадам напатствија“, се сеќавал Ѓорче.

Самото грабнување се случило кај месноста Потпрена скала, на еден свиок од патот, не поширок од три метри. Од една страна на патот се издигаат стрмни карпи, а на другата страна е провалија. Самиот терен покажува зошто тоа место било избрано: конвојот со Елена Стон откако бил сопрен, едноставно немал каде да побегне, а во случај на престрелка, шансите на евентуалните вооружени придружници на конвојот против комитите биле минимални.

„Чекавме цел ден и вечерта околу пет часот се приближија. Бевме облечени во турски алишта. Ги заробивме“, раскажувал Сандански.

Според турските документи за настанот, објавени своевремено од др. Драги Ѓоргиев, повеќето од грабнувачите носеле фесови, двајца имале капи, а главите целосно им биле покриени со марами.

„Тројца биле облечени во османлиска воена униформа и иако сите зборувале турски, од начинот на зборувањето се дознало дека тие не го знаеле добро турскиот јазик. До властите во сите локални места како и до сите одговорни биле испратени упатства за фаќање на разбојниците, живи или мртви“, се вели во телеграмата испратена на 6 септември 1901 година од Солунскиот вилает и потпишана од валијата Тефик.

При грабнувањето, според известувањето на министерот за надворешни работи на Османската империја до големиот везир од 15 септември истата година, бил убиен еден Албанец (Сандански зборува за Турчин) кој имал несреќа случајно да помине на тој дел од патот токму во тие моменти. Станува збор за албански управник на чифлик по име Ибрахим бин Мешкар Али од село Бабјак, разлошко, кој при обидот од комитите да биде запрен  пукал лесно ранувајќи еден од нив. Бил заробен и веднаш ликвидиран.

Сто килограми пари

„Беше убав септември ден – третиот во месецот – јасен, топол и сончев, така што расположението ни се поправи… Бевме точно тринаесет души – фатален број… Извесно време внимателно се провлекувавме ни стрмиот кривулест пат. Стигнавме до една карпа позната како „Потпрена скала“ – гол планински камен кој на тоа место е издаден напред и го принудува потокот да тече настрана. На тоа место патеката води надоле кон реката, така што патниците треба да ги преведат коњите низ брзата вода, да ја заобиколат карпата и одново да излезат на патот од другата страна. Прекрасно место за заседа… Одеднаш не пресече силен глас, турска команда: Стој! Видов како г-ѓа Ушева, која тогаш беше на средина на потокот, тргна наназад во обид да го сврти коњот на страна. До нејзе однекаде се најде вооружен човек со крената пушка кој сакаше да ја собори од седлото со удар. Таа се сврте кон мене со ужасен поглед, а потоа се заниша. Помислив дека ќе падне. Додека се свестивме, околу нас од сите страни се создадоа вооружени луѓе кои излегоа од заседата. Грубо ни заповедаа да се симнеме од коњите“, го опишувала моментот на грабнувањето по враќањето во САД, Елена Стон.

Така започнува оваа афера која и создаде многу меѓународни проблеми на Османската империја. Денес, во САД оваа афера се квалификува како прва заложничка криза што државата ја имала во модерното време. Од почетокот турските власти сметале дека зад грабнувањето стои Борис Сарафов, за дури подоцна вината да биде префрлена на Сандански. Во секој случај, тоа е почеток на оваа шестмесечна епопеја во екот на која грабната придружничка на мис Стон, Катерина Цилка, ќе ја роди малата Елена. Целиот настан ќе заврши во февруари 1902 година со неверојатен успех за организацијата која добила 14.500 турски лири или како што сведочи Сава Михајлов, пари тешки околу 80 оки (околу 96 килограми).

Парите биле распоредени кај сигурни луѓе на чување, а за тоа одлучувал лично Делчев. Без него, никој не смеел ни да помисли да ги распоредува на еден или на друг начин. Според сведочењето на Ѓорче Петров во неговите спомени, најголем дел од тие пари биле потрошени за борбата против врховистите. Еден дел (околу 200 лири) им бил даден и на солунските атентатори, а тоа го сториле Делчев и Сарафов, наспроти Иван Гарванов (претседатле на ЦК на Организацијата во време на атентатите) и Даме Груев (кој непосредно пред атентите во 1903 година ја имал последната средба со Делчев по прашањето за Илинденското востание) кои решително биле против нивните намери. Даме Груев дури мислел и дека солунските атентатори треба да бидат ликвидирани за да не ја спроведат идејата, зашто се плашел дека по извршување на атентатите ќе следат такви одмазнички акции што организацијата ќе биде доведена во прашање.

Според некои податоци, 14.500 лири колку што биле добиени како откуп за Стон и Цилка, во тоа време вределе околу 72.500 американски долари, а според писмата на Елена Стон до протестантските мисии и од зачуваните документи со кои самите Американци се обидуваат да најдат пари за откуп, произлегува дека станувало збор за околу 100.000 тогашни американски долари.

Постојат повеќе методологии и начини за пресметување на денешната вредност на тогашните американски долари, а според таа која ја дава најниската вредност, денес тие пари би биле еквивалент на близу 3,5 милиони долари, ако се пресметува само инфлацијата, а според куповната моќ, вредноста достигнува и до 9,5 милиони долари. Тоа е огромна сума за тоа време, кога организацијата ликвидирала луѓе за проневера и на само неколку лири.

Судбината на Елена и Манданата

Судбината воопшто не ја галела малата Елена Цилка, родена на Пирин планина во декември 1901 (односно јануари 1902 година според новиот календар). Не само што се родила и првите денови од животот ги минала во планински услови (иако Јане Сандански и Манданата ја чувале како капка вода во рацете), туку подоцна, починала во Тирана во 1924 година на возраст од само 22 години.

Малата Елена во рацете на мајка и Цилка и мис Стон

Многу подолго не живеел ни четникот кој најмногу бил приврзан за нејзе и кој бил задолжен за бебето во тие зимски денови – Стефан Мандалов – Манданата чија улога во македонскиот филм за овој настан ја глумеше Петре Прличко. Манданата загинал во 1903 година, кога имал само 27 години, година и пол откако безбедно ги однел жените и бебето до првото село по исплатениот откуп. Зад себе ја оставил сопругата и четирите деца. Загинал на 6 септември 1903 година за време на силна планинска бура во кочанско, во инцидент кога без поголема потреба Манданата сакал да нападнат една кула со турска војници. Бил ранет, а Манданата испуштил болен крик.

Кирил Прличев кој бил сведок на настанот, запишал:

„Веднаш потрчавме кон него, но тој веќе беше паднат. Докторе што се случи?, свикавме. Оставете ме, лошо ме ранија, одговори. Го кренавме. Помина уште 30-40 чекори. За да му е полесно, ги зедовме пушката, револверот, но не можеше да издржи и падна. Побара од нас да го убиеме, но ние не можевме да го сториме тоа, зошто гледавме дека му наближува последниот час. Се простивме од него и го оставивме.“

Ѓорче Петров во „Спомените“ за тоа како се чувале парите

„Парите ги донесоа Сандански, Крсто Асенов и Сава Михаилов, — во злато, се лири. Во стајата кај мене ги донесоа. Јас скришум се вратив од Трново за неколку дена. Ги распределивме на мали делови на разни пријатели за да ги чуваат времено. Еден дел оставија во Костенец Бања еден во Враца по роднини и познати. Ги чуваа луѓето како светиња, а имаше и страв одзади. Луѓето излегоа верни. На Страшимиров, поетот, бев му дал на чување 3000 лири, во Биолчев — 1000, кај еден доктор, кој што живее со роднини, — 2000 лири. Страшимировата жена Стефка ги чуваше како светиња — ги предадоа. Како за спомен не се сетивме да дадеме нешто, награда, — така чесно се зачуваа. Парите не се зедоа наеднаш од луѓето, што ги чуваа, но постепено, како што се трошеа. Делчев беше повикан од внатрешноста и се образува комисија: Делчев, Н. Малешевски, Туше Дели Иванов и Стефанов, мислам. Тие беа натоварени да решаваат и контролираат по прашањето на парите, имено на оној дел, кој што беше определен да се троши во Бугарија. Еден дел беше определен за внатре и се распредели по окрузите. Повеќето пари се потрошија тука. Никој од директните учесници никаква награда за себе не зеде и никакви промени на нивниот живот полн со лишувања, не последија ниту се забележаа. Овие пари тука, во општи линии, многу помогнаа за подигање на организацијата. Во најголем дел парите отидоа тука за борба против врховизмот.“

Тоа е забележано во „Спомените“ на Ѓорче. Запомнете го овој дел: „Никој од директните учесници никаква награда за себе не зеде и никакви промени на нивниот живот полн со лишувања, не последија, ниту се забележаа.“

И овој: „Ги чуваа луѓето парите како светиња“.

И на крај од „Спомените“ на Ѓорче за оваа тема: „Во најголем дел парите отидоа тука за борба против врховизмот.“

Инаку, лично Гоце Делчев му дал на Јане Сандански пет лири да му однесе на татко му, кој живеел во страшна сиромаштија, а Крсте Асенов, по човек, зел пари од мајка му, за да може да му купи облека и со таа цивилна облека, да ја смени комитската и да се симне од планината во Софија.