-Со перформансот „Поетски одраз“ членовите на драмското студио „Словото“ од Велес, под менторство на актерката Весна Димитрова Бобевски, успешно се претставија на триесеттото издание на Меѓународниот фестивал на истражувачки театар „Исола деи театри“ (Остров на театарот) во италијанскиот град Сасари, на Сардинија. Тинејџерите од Велес или дел од членовите на Драмското студио „Словото“ не само што ги воодушевија странските жирија и публика, туку и добија признанија.

Па така, наградата за највпечатлив актерски настап за улогата на Франческо Петрарка во перформансот „Поетски одраз“ ја доби Матеј Стојанов, а наградата за актерска креација во категоријата „Кловновијада“ во истиот перформанс му припадна на Тодор Гиновски. Теодора Циунова беше наградена за поетска интерпретација и сценска партитура, Михаела Витева ја освои наградата за најдобар уметнички впечаток или сценски израз, а наградата за физичка експресија и сценски минимализам ја доби Ања Богоевска. (Покрај нив во оваа сценско-поетската изведба учествуваше и Илија Најдов).

За Весна Димитрова Бобевски, раководителка на драмското студио „Словото“, овие признанија се уште еден доказ дека уметноста не познава возраст – особено кога станува збор за младинска креативност, посветеност и емоционална зрелост.

Со перформансот „Поетски одраз“, овие млади актери не само што ја раскажаа својата приказна, туку успеаја да ја пренесат и длабочината на класичната и современата поезија – Петрарка, Рацин, Конески и велешките поети – во еден современ и автентичен глас.

Наградените велешки ученици со својата менторка

Изјавата на познатиот италијански актер Серџио Бини – дека тие го вратиле во времето кога тој почнувал е посебен печат на квалитетот што го демонстрираа децата од Велес. Такви зборови од човек кој играл во култниот филм „Животот е убав“ се не само признание, туку и мотивација за понатамошна работа.

Јас сум бескрајно горда на моите ученици и нивната неверојатна работа. Овој успех во Италија не е само резултат на нивниот талент, туку и на нивната посветеност и верба во себе. Како ментор, мојата задача е да ги водам низ процесот на самоизразување и креативност, но оваа награда е резултат на нивната способност да се поврзат со публиката.

Популарниот италијански актер Серџио Бини, исто така, учествуваше на Фестивалот

Овој успех го сметам за голема победа не само на индивидуалните таленти, туку и на културната вредност што ја носи ова драмско студио. Мојата улога е да ги поддржувам и да ги водам низ патот на самодовербата, а нивниот успех покажува дека заедно можеме да постигнеме големи работи – вели Димитрова Бобевски, која „Словото“ го води веќе 35 години и со него зад себе има низа успешни претстави и изведби, со цел преку културна работа со децата да се создадат граѓани со свест, со љубов кон татковината и со хуманистички вредности.

Франческо и Стефано Петрето, едни од учесниците на Фестивалот

Фестивалот „Исола деи театри“ („Остров на театарот“), годинава го имаше своето јубилејно триесетто издание (од четврти до 19 октомври), кое беше исполнето со над триесет програмски активности, вклучувајќи претстави, работилници и туристички и едукативни посети, а гостуваа театарски групи од Сардинија, Италија, Романија, Германија и Македонија. Уметничкиот директор на фестивалот Романо Фодаи истакна дека оваа манифестација се организира во рамките на проектот за развој и меѓусебна културна размена меѓу Италија и Северна Македонија, поддржан од Министерството за култура на Италија.